Предлог-Статутот на РЕКОМ ја одразува сликата на состојбата на транзиционата правда, во контекст на ограничувања на кривичните судења и на последиците на војната – мртвите, исчезнатите, и во симболичка смисла, вредностите за кои мнозина загинаа, а кои денес се менуваат и распаѓаат.
 
Ова се дел од заклучоците на првиот состанок на Регионална експертска група за РЕКОМ кој се одржа во Загреб, каде претставниците на државите во регионот и јавните заговарачи се сложија дека предлог-Статутот на РЕКОМ, претставува појдовен документ во изградбата на минимален консензус за расправа на официјално ниво.
 
Претставниците на РЕКОМ оценија дека оваа иницијативата е единствена во рамки на меѓународното правосудство и потрагата по мир, бидејќи таа бара од повеќе држави кои биле во судир, заеднички да најдат решение кое ќе ги признае и исправи воените неправди.
 
Професорката Билјана Ванковска вели дека е отворена нова фаза на РЕКОМ, и дека топката е сега префрлена во дворот на оние кои имаат моќ и легитимитет да носат одлуки и да ја институционализираат Иницијативата за формирање на Регионална комисија за утврдување факти за воените злосторства од 1991-2001.
 
„Покрај тоа, граѓанскиот сектор, односно Коалицијата за РЕКОМ со одредени акции „одоздола“ ќе ги потсетува политичарите на што се обврзале“, вели таа.
 
Официјалните претставници дадоа целосна поддршка на членовите 13 и 14 на предлог-Статутот на РЕКОМ, кои се однесуваат на целите и задачите на комисијата. Според нивното мислење, постојат прашања, како што е судбината на исчезнатите и репарациите, кои не можат да се решат во рамките на една држава. Регионалната комисија е подобра рамка, бидејќи располага со поголем потенцијал – сметаат тие. Тие особено ја истакнаа независноста на комисијата, која е овозможена од нејзиниот регионален карактер, што ја прави и посилен инструмент во однос на локалните механизми во откривањето на вистината за тоа што се случило во минатото.
 
Предмет на сериозна анализа треба да биде разграничувањето на улогата на комисијата во однос на правосудните органи, како и начинот на кој потенцијалот што го нуди регионалната комисија би се вклопил во специфичните национални државни механизми, кои покажуваат дека правните механизми не се доволни, велат оттаму.
 
Тие го повикуваа и членот на Претседателството на БиХ, Небојша Радмановиќ, и претседателот на Словенија, Борут Пахор, да му се придружат на процесот на изградба на официјален регионален механизам, за утврдување на фактите за тоа што се случувало во војните на територијата на поранешна СФРЈ.
 
Утре, на Меѓународниот ден на мирот, ќе се организира акција за собирање потписи под паролата „Го поддржувам РЕКОМ“.