Вести

Самитот во Лондон без Декларација за РЕКОМ

Цврстото ветување на претседателите на Србија, Црна Гора, Косово и Македонија дека премиерите на споменатите земји ќе ја потпишат Декларацијата за основање на РЕКОМ на самитот во Лондон на 10.7.2018 година, не ги даде очекуваните резултати. Сѐ до 7. 7. 2018 година, Коалицијата не ги доби одлуките на владите на споменатите земји, што влијаеше на тоа организаторот на самитот, Министерството за надворешни работи на Велика Британија, да го заклучи дневниот ред без планираната точка – Декларација за РЕКОМ.

Потпишувањето на Декларацијата за РЕКОМ е замислено како манифестација на подготвеноста на лидерите на постјугословенските земји заеднички да се бават со недамнешното минато, односно со утврдување на фактите за бројните воени злосторства и за жртвите, но и како повик до преостанатите постјугословенски земји – Хрватска, БиХ и Словенија заеднички да го понесат товарот на минатото и да придонесат за изградна на култура на сочувство и почитување на сите жртви на војните од деведесеттите години.

Коалицијата за РЕКОМ ја продолжува соработката и договорот со институциите на постјугословенските земји во врска со основањето на РЕКОМ.