Вести

Харадинај ѝ врачи признание на Наташа Кандиќ

Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, ѝ врачи признание на Наташа Кандиќ, основач на Фондот за хуманитарно право (ФХП) на Србија, за нејзината улога во откривањето на вистината за жртвите убиени за време на војната во Косово.

Рамуш Харадинај во понеделник ѝ го додели признанието „Златна мапа на Косово“ на Кандиќ, за нејзиниот придонес во утврдувањето на бројот на лица, убиени во војната во Косово во 90-тите години.

„Наташа Кандиќ и Фондот за хуманитарно право објавија досега најточни податоци за убиените во војната во Косово“, напиша Харадинај на својот профил на Фејсбук.

Харадинај вети дека ќе ја поддржи иницијативата за формирање на Регионална комисија за утврдување на фактите за воени злосторства и другите сериозни повреди на човековите права извршени на територијата на поранешна СФРЈ – РЕКОМ. Во јули, поранешните југословенски држави би можеле да потпишат декларација за поддршка на оваа иницијатива.

Целта на декларацијата е да се спречи можноста од „фалсификување на историјата“, соопшти кабинетот на Харадинај.

Во февруари, двајца членови на Конгресот на САД, ги номинираа Наташа Кандиќ и Фондот за хуманитарно право Србија, за Нобелова награда за мир.

Според нив „деталната документација на ФХП за овие злосторства, станала клучна за спроведување на правдата, како во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, така и во националните судови за воени злосторства, во регионот“.

(Oбјавено на сајтот balkaninsight, 23.4.2018)