РЕКОМ мрежа за помирување

10.07.2018.

Наташа Кандиќ: Иваниќ и Човиќ се против утврдувањето на фактите за жртвите на војната

На дневниот ред на Самитот за западниот Балкан во Лондон утре нема да се најде потпишувањето на Декларацијата за основање на регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и за другите тешки кршења на човековите права на подрачјето на СФРЈ (РЕКОМ).

За Vijesti.ba оваа информација за потврди основачот на Фондот за хуманитарно право и регионален координатор на Коалицијата за РЕКОМ; Наташа Кандиќ.

Според нејзините зборови, Коалицијата за РЕКОМ не ги примила одлуките на владите на Србија, Црна Гора, Косово и Македонија, што го наведе организаторот на Самитот – Министерството за надворешни работи на Велика Британија – да го заклучи дневниот ред на собирот без Декларацијата.

Претходно, Коалицијата донесе одлука овој документ да го потпишат во Лондон премиерите само на оние земји коишто прифатиле да бидат иницијатори, па на тој начин да ги повикаат и преостанатите држави да им се приклучат во оваа иницијатива.

– Иако начелна и вербална поддршка постои, беше потребно владите на овие земји да донесат одлуки дека нивните премиери ќе ја потпишат Декларацијата, но тоа не се случи – наведува Кандиќ.

Таа појаснува дека за оваа иницијатива и натаму не постои согласност помеѓу членовите на Претседателството на БиХ. И во Хрватска интересот за процесот РЕКОМ спласна во последните 3-4 години.

Кандиќ нагласува дека на институционално ниво БиХ нема сторено апсолутно ништо во врска со утврдувањето на фактите за жртвите од минатата војна.

– Владата на РС беше принудена од бившиот Висок претставник, Педи Ешдаун, да спроведе изграга и да собере податоци, и сите ние се сеќаваме на тој извештај за настаните од 10 до 19 јули 1995 година во Сребреница. Комисијата на РС излезе со околу 8000 имиња на оние кои тогаш ги загубиле животите и чија судбина не била позната – рече Кандиќ.

Без оглед на тоа колку овој извештај бил подоцна оспоруван, на него сепак стои официјален печат. Но, ентитетски. На ниво на државата – немаме ништо.

– Ја имаме само „Босанската книга на мртвите“со 96.000 имиња, која беше подготвена врз основа на документацијата на Истражувачко-документациски  центар. Но, таа носи печат на невладина организација, која денес веќе и не постои – појаснува Кандиќ.

Претседателството на БиХ, како наведува таа, има најмалку причини да не го стави потписот на Декларацијата за РЕКОМ, и би требало да покаже дека за оваа иницијатива постои силна политичка волја.

Поддршката за Иницијативата за РЕКОМ на бошњачкиот член на Претседателството на БиХ е присутна од самиот почеток. Долги години таа беше поддржувана и од хрватскиот член, но до промена дојде во 2015 година. Ставот на српскиот член на Претседателството на БиХ, и пред Младен Иваниќ, беше дека тоа не е во интерес на српскиотр народ, затоа што владеело широко уверување, првенствено во институциите, дека сѐ што е регионално е „насочено против босанските Срби“.

– Да се надеваме дека со изборот на некој нов член на Претседателството, па дури тоа да биде и Додик, ќе може да дојде до некои промени, затоа што навистина еден политички став може целосно да го дезавуира и она што некои институции на РС го имаат направено – изјави Кандиќ.

Таа нагласи дека е голема политичка срамота што Декларацијата за РЕКОМ нема да се појави на Самитот во Лондон, имајќи во вид дека само таа потекнува од подрачјето на бивша Југославија, додека сето останато беше подготвено од страна на Министерството за надворешни работи на Велика Британија.

Кандич потсетува дека основањето на РЕКОМ е поддржано од 580.000 граѓани ширум регионот. Потпишувањето на Декларацијата за РЕКОМ е осмислено како манифестација на подготвеноста на лидерите на постјугословенските земји заеднички да се зафатат за недамнешното минато, со утврдување на фактите за бројните воени злосторства и за жртвите, но и како повик до преостанатите постјугословенски земји – Хрватска, БиХ и Словенија, заеднички да го понесат товарот на минатото и да придонесат за изградба на културата на сочувство  и на почитување на сите жртви од војните од 90-те години.

– Се поокажува дека имаме политичари кои не се одговорни во моментот кога треба да покажат дека тој процес на помирување кај нас сепак не е на мртва точка – заклучува Кандиќ.

(Oбјавено на сајтот vijesti.ba, 9.7.2018.)

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.