РЕКОМ мрежа за помирување

24.05.2018.

Планирано е РЕКОМ да почне со работа во 2022 година

Берлински процес

Коалицијата која води кампања за формирање на регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства во поранешна Југославија (РЕКОМ), најави дека планира, ова регионално тело, да започне со работа во 2022 година.

Коалицијата за РЕКОМ го претстави акцискиот план, според кој балканската комисија за вистината, треба да биде конституирана до 2021 година, а почетокот на работата е планиран за 16 април 2022 година.

„Ова ќе овозможи завршување на нејзината мисија до крајот на 2025 година”, се вели во придружниот документ на акцискиот план.

Координаторот на Коалицијата за РЕКОМ, Наташа Кандиќ, изјави за медиумите во Белград дека 2025 година е потенцијална пресвртница во односите меѓу ЕУ и Западен Балкан.

„Акцискиот план за имплементација на новата стратегија (на ЕУ) за Западен Балкан, експлицитно го спомнува формирањето на РЕКОМ како неопходна мерка”, изјави Кандиќ, објави Бета.

РЕКОМ треба да изготви список на сите загинати, исчезнати, затворени и мачени лица, во сите конфликти во поранешна Југославија.

Акцискиот план предвидува, Србија, Косово, Македонија и Црна Гора, кои веќе ветија поддршка за РЕКОМ, да ја потпишат Декларацијата за РЕКОМ во јули оваа година, за време на лондонскиот самит на Берлинскиот процес – дипломатска иницијатива во врска со проширувањето на ЕУ.

Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија треба да ѝ се приклучат на Декларацијата до 10 јули 2019 година, по што, според акцискиот план, сите инволвирани земји, до јуни 2020 година, треба да преземат чекори за основање на РЕКОМ.

До крајот на мај 2021 година, претседателите на земјите од поранешна Југославија треба да го потпишат статутот на РЕКОМ, кој ќе стапи на сила до крајот на истата година.

Весна Тершелич, основач на хрватската невладина организација Документа – Центар за справување со минатото, за регионалната телевизија Н1 изјави дека не разбира зошто не постои поддршка од страна на Хрватска и на БиХ.

„Потребна ни е поддршка од Република Хрватска, од Босна и Херцеговина и од Словенија. Постојат проблеми околу едноставните, основни хуманитарни прашања, како што е судбината на исчезнатите и интензивирањеto на соработката во процесот на воени злосторства“, рече Тершелич.

Првата кампањата за собирање на потписи за поддршка на РЕКОМ, беше реализирана во 2011 година, во сите поголеми градови на поранешна Југославија, но и по електронски пат.

Иницијативата за РЕКОМ има намера да собере еден милион потписи за поддршка, а досега има добиено околу 600.000.

(Oбјавено на сајтот balkaninsight, 23.5.2018.)

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.