РЕКОМ мрежа за помирување

Aleksandar Bošković

11.05.2015.

Помирувањето и правдата за жртвите како универзална вредност

Во сите конфликти од модерното време, по завршувањето на вооружените дејствија се доаѓа до сознанието дека претставниците на спротивставените страни мораат да живеат, ако не едни со други, тогаш барем едни покрај други. Прашањето за правдата за жртвите се поставува како еден од важните услови за воспоставување на одржлив мир меѓу страните кои биле во судир. Во овој краток осврт ќе претставам три примери од различни делови на светот. Намерно нема да споменувам примери на судири од Балканот – иако некои ситуации кои се спомнуваат овде се применливи и на банканскиот, односно јужноевропскиот контекст, првенствено во однос на институцијата помирување.

Една од основните работи на кои се инсистира е признавањето на жртвите на завојуваните страни. Ова не е лесно да се спроведе во ситуации кога едната страна „победила“ во воена смисла, како што, на пример, тоа е случај во судирот помеѓу мнозинството на Синхалези и Тамилите во Шри Ланка, ниту во случаите кога претставниците на државата и на војската биле непосредно вклучени во масакрите врз цивилното население, а подоцна доаѓаат во ситуација да станат неизбежен фактор во мировниот процес. Овој втор случај е карактеристичен за државите на Централна Америка, како што е Гватемала. Во други случаи, кога судирот бил првенствено политички, каков што беше оној во Јужна Африка, дојде до симболичко помирување на страните во судир, оличено во укинувањето на дискриминаторските закони и во постепената поделба на власта во таканаречениот преоден период, помеѓу 1990-1994 година.

Трите наведени примери, освен во човечките страдања, сепак меѓусебно се разликуваат во значајни детали. Во случајот на Шри Ланка, дефинитивната победа на едната страна во војната создаде можност на помирувањето да се гледа првенствено како израз на добрата волја на победникот. Овде посебна улога игра и фактот што војничкото крило на поразените (LTTA, „Tамилските тигри“) е прогласено за терористичка организација од страна на дури 32 држави (вклучувајќи ги и САД, Канада и државите на ЕУ). Владејачката идеологија на синхалешкиот будизам, исто така, претставува проблем – имено, некои автори веќе аргументирано покажаа до која мерка оваа идеологија, развивана во текот на неколку стотици години, претставувала клучна компонента во подготовките за војна и за нејзниното одржување.

Кога станува збор за Гватемала, првото судење на еден поранешен висок државен функционер за злосторства против човечноста започна дури во 2013 година , иако граѓанската војна, која започна во 1960 година, официјално заврши во 1996 година. Проблемот во Гватемала лежи токму во учеството на државните и воените претставници во судирите и во нивното натамошно континуирано присуство во јавниот живот. Многу индикативно е тоа што еден од најозлогласените генерали, Риос Монт, дури двапати (во 1995 и во 2000 година) беше  избран за претседател на Националното собрание. Дополнителен парадокс претставува фактот што деловната елита на оваа земја (слојот кој на Балканот со подбив се именува како „тајкуни“) воопшто не дала поддршка за ваквиот тек на настаните, така што веќе преку две децении во Гватемала фактички постои согласност меѓу нејзините најбогати и најсиромашни жители (кои најчесто биле жртви на погроми, киднапирања и присилни иселувања) во врска со клучните аспекти на превладувањето на последиците од граѓанската војна.

Во случајот на Јужна Африка, скоро и да немаше отворени вооружени судири, иако организациите кои му се спротивставуваа на апартхејдот имаа и свои воени крила. Фактички, човечките загуби (загинати, ранети, исчезнати) во апсолутна, но и во релативна смисла, беа далеку помали од оние во Шри Ланка и во Гватемала – иако цели слоеви на популацијата (неколку десетици милиони на воглавно црнечко и друго не-бело или „oбоено“ население) беа целосно уништени во економска и социјална смисла. Меѓутоа, работите почнаа да се менуваат со демократската транзиција во Јужна Африка, која започна кон крајот на 1989, a беше озаконета во почетокот на февруари 1990 година, како и со подоцнежното воспоставување на Комисијата за вистината и помирувањето (Truth and Reconcilliation Commission, TRC). Оваа Комисија, која ја предводеше надбискупот Дезмонд Туту, а во чија работа учествуваа голем број истакнати јавни личности, ширум светот почна да се доживува како пример за тоа како една држава и општество се соочуваат со наследството од трагичното минато. Меѓутоа, многу помалку е познато дека Комисијата веднаш по своето основање се соочи со сериозни ограничувања: ѝ беше „препорачано“ да не се занимава со претставниците на крупниот капитал (без кои целиот политички систем воспоставен во 1949 година немаше да биде одржлив), ниту со највисоките офицери (кои во големо мнозинство останаа покрај властите и по смената на врвот на државата, во 1994 година). Oва создаде поразителен впечаток кај мнозинството на таканаречени „oбични луѓе“. Парадоксално, експериментот кој е фален и славен ширум светот како модел кој треба да се користи секаде каде што е тоа можно, никогаш не беше пошироко прифатен во самата Јужна Африка. Исто така, за разлика од Гватемала, каде деловните кругови одамна сфатија дека судирот ѝ нанесува штета на целата држава, во Јужна Африка (каде, за волја на вистината, во далеку поголема мерка беше присутен и меѓународниот корпоративен капитал) тие исти кругови склучија некој вид договор со претставниците на новата власт и практично ги вклучија во делбата на добивката од природните ресурси со кои оваа држава изобилува.

Какви евентуални поуки можат да претставуваат овие примери за РЕКОМ? Првенствено, секој обид за помирување, каков и да биде, ќе биде успешен само ако се создадат соодветни претпоставки за дијалог. Нереално е да се очекува да дојде до осмислен дијалог кој води до помирување во ситуација кога постојат победници и поразени. „Победниците“ тешко ќе увидат каков ќе биде нивниот интерес доколку се одречат од нешто што веќе го оствариле на бојното поле. Второ, освен релевантните политички фактори, за успехот на дијалогот неопходна е најширока можна општествена поддршка, а таа мора да ги вклучи и луѓето кои треба да ја спроведат економската обнова на разурнатите општества (таканаречената „деловна заедница“). Конечно и најважно, правдата за жртвите може да се оствари само ако во текот на процесот на помирување се разговара со сите сторители: не смее да има привилегирани, без оглед на нивната моментална политичка, воена или економска моќ. Само така овие процеси ќе бидат прифатени од страна на најшироките слоеви на населението (таканаречената „јавност“), што е основен услов за нивен долгорочен успех.

Александар Бошковиќ

 

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.