РЕКОМ мрежа за помирување

Adriatik

30.06.2016.

Осумте супермени на Специјалниот суд

Не станува збор за десетици кривични постапки, ниту за десетици поединци или групации – туку за осум лица. Значи, ако на крајот и навистина се потврди дека Специјалниот суд се основа поради процесирање на само осум индивидуи, се поставува прашањето: па кои се тогаш тие осум супермени на кои, се чини, ништо не им можел ниту еден од досегашните судови, иако се знае дека на Косово неодамна беше уапсен и актуелниот премиер, под обвинение покренато од страна на Хашкиот трибунал? Експериментите продолжуваат…

 

Пишува: Адријатик Кељменди

 

Со усвојувањето на буџетот за почетна помош на коморите на Специјалниот суд од околу 29 милиони евра од страна на Советот на Европската Унија, направен е и првиот конкретен чекор кон основањето на овој контроверзен суд.

Како последица на меѓународен притисок без преседан и на дополнителната расправа заснована повеќе на поединечни или партиски желби отколку на суштината на нештата (Судот … нема да се занимава со политичките убиства помеѓу Албанците во периодот по завршувањето на војната), минатото лето и Собранието на Косово го изгласа неговото втемелување.

По завршувањето на конкурсот за административниот персонал во месец мај, преостанува само уште да започне процесот на избор на судии на Специјалниот суд.

Дали тоа значи дека правдата конечно ќе се занимава и со „последната алка“ во низата – со наводните злосторства на бившите припадници на ОВК, како што се тврди, над припадниците на малцинските заедници во периодот 1998-2000 година?!

Со почетокот на неговата работа – дали конечно ќе се достигне правдата за сите жртви на војната на просторот на бивша Југославија?!

Јас го поздравувам тоа! Тоа би било и повеќе од пожелно. Но, за жал, во потполност сум убеден дека оваа епизода само ќе придонесе идејата за осуда на сите виновници стане уште поутописка.

И тоа од следната причина: Специјалниот суд е дел на истиот наратив кој веќе го видовме со Хашкиот трибунал, УНМИК, ЕУЛЕКС, како и со косовското правосудство.

По голем број шпекулации, информациите кои доаѓаат од кредибилни меѓународни извори блиски до овие текови укажуваат на тоа дека не станува збор за десетици кривични постапки, ниту за десетици поединци или групации – туку за осум лица.

Со други зборови, ако ова на крајот се потврди како точно, произлегува дека конечното воспоставување на правдата во бивша Југославија, се чини, е поврзано со судското процесирање на само осум индивидуи.

Па, кои се тогаш тие осум супермени на кои, се чини, ништо не им можел ниту еден од досегашните судови, иако се знае дека на Косово неодамна беше уапсен и актуелниот премиер, под обвинение покренато од страна на Хашкиот трибунал?

Верувам дека љубопитноста наскоро ќе ни биде задоволена, но не и дека нужно ќе бидеме убедени дека овие исто лица не можеа да бидат процесирани и на постојните судови.

Но, да тргнеме по ред: Хашкиот трибунал – којшто е најскапиот правосуден потфат на пресвртот на овие два века – не ја исполни својата мисија, бидејќи не успеа да ја утврди вината на главниот злосторник на Балканот, Слободан Милошевиќ, како ни на голем број други обвинети за кои и врапчињата на гранка знаат дека беа одговорни за злосторствата на просторот на бивша Југославија.

На пример, со ослободувањето и прогласувањето на невиноста на Јовица Станишиќ, Франко Симатовиќ и Момчило Перишиќ, излегува дека ниту еден Србин од Србија немал удел во злосторствата извршени во Хрватска и во Босна. Има ли некој кој може да поверува во ова, кога и самите протагонисти на случувањата се гордеат со својата улога во етничкото чистење во Босна и во намерата да се стори истото во Хрватска?!

Хашкиот трибунал ја приведе својата работа кон крај без да донесе пресуди за главните злосторници, без да има реално влијание на помирувањето меѓу народите, без признавање на геноцидот и без чувство дека правдата за жртвите е задоволена.

Уште повеќе, не успевајќи да ги осуди одговорните Срби од раководството на Србија, Трибуналот на извесен начин току го легализираше етничкото чистење извршено во Босна и Херцеговина.

Зарем не може да се каже дека истата работа се случи и на Косово со неуспехот на УНМИК и ЕУЛЕКС во врска со процесирањето на воените злосторства, како и на оние повоените?

Се разбира дека во Хаг, во УНМИК и во ЕУЛЕКС работеа или и натаму работат некои од најдобрите меѓународни судии и обвинители.

Та тогаш, од кои судии и обвинители ќе биде составена Посебната комора на Специјалниот суд, ако овие сегашните, како што се чини, не успеаја во својата мисија?

Ако веќе три слични претходни потфати доживеаја неуспех, зошто би успеал четвртиот, составен од истиот материјал?

Аргументот кој честопати се користи е дека албанските сведоци биле изложени на закани и дека биле застрашувани, или дека подоцна ги менувале своите првични изјави во текот а судските процеси во Хаг и на Косово. Извесно е дека во тоа може да има многу вистина. Но, ако тоа бил главниот проблем поради кој тие сторители се денес на слобода, може ли тогаш некој да ни објасни како овој нов Суд ќе им гарантира на овие исти сведоци, или на некои други, нови, дека нема да се повтори истата работа?

Што е тоа толку специјално, а што веројатно досега го немале меѓународните судии и обвинители, а што се претпоставува дека ќе го имаат овие новите, кои ќе бидат ангажирани во Специјалниот суд?

Вториот аргумент е дека на Косово не биле процесирани за воени злосторства и за злосторства извршени по војната онолку Албанци колку што требало да бидат обвинети. И во тоа, исто така, можеби има некоја вистина.

Меѓутоа, до 2014 година, кога станаа јасни размерите на кампањата за формирање на Судот, Фондот за хуманитарно право имаше евидентирано 85 кривични постапки водени на Косово, од кои во 62 обвинетите беа Албанци, а во 22 – Срби. Посматрано низ призма на етничката припадност на жртвите во војната, излегува дека Албанците се процесирани во значително поголем број одошто Србите.

Од вкупно 13.146 лица, колку што е пресметано дека биле убиени, загинати или исчезнати на Косово од јануари 1998 година до декември 1999 година, Албанци биле 10.495, Срби – 2.077, а 574 се не-Албанци, не-Срби или со неопределена националност. Од овој вкупен број на Албанци, 7.965 се цивили, 2.008 се припадници на воени или полициски сили, a 522 се со непознат статус, додека бројот на српски цивили изнесува 1.118, војници или полицајци биле 859, a 103 се со непознат статус.

Меѓу убиените и исчезнатите во дејствијата на српските сили за време на војната на Косово, евидентирани се 1.090 албански деца. Oд нив 185 биле помлади од 7 години. Никој досега не одговарал за нивните убиства!

Да го повториме тоа уште еднаш, сите злосторници неизоставно треба да одговараат, но се создава впечаток дека некој не е воопшто процесиран, а дека некој друг е процесиран премногу.

Или, да направиме уште една споредба: во Србија и натаму постојат обвиненија против Албанци за воени злосторства над Србите, во кои обвинетите ѝ удриле шлаканици на жртвата.

Замислете колкумина од нас во текот на деведесеттите добија шлаканици и тупаници од српските полицајци и припадници на паравоените структури – не навлегувајќи овде во сите други видови малтретирања и повреди. И замислете секој од нас да побара тие Срби кои ни го сторија тоа да завршат во судница и во затвор. Колкав би бил нивниот број – 20 илјади, 40 илјади или повеќе?

Има неколку клучни причини зошто овој нов експеримент е протуркан е од страна на одредени кругови.

Дипломатски извори од Западот ме известуваат дека главни заговорници и лобисти за Специјалниот суд за Косово се поединци кои се веќе ангажирани во Хашкиот трибунал, а од кои некои останале без работа, а некои проценуваат дека ОВК не добила соодветна осуда за српските жртви од војната.

Наводно, буџетот предвиден за оперативниот мандат на овој орган изнесува околу 300 милиони евра. Од овој Суд се очекува дека претежно ќе се занимава со наводите од извештајот на Дик Марти, но – исто така според истите западни извори – без последици за „крупните риби“ од ОВК.

И сега, се разбира, неговите заговорници ги користат големите пропусти сторени од судиите и обвинителите и албанските политичари на Косово.

Досега локалните судии или немаа дозвола за учество, или кога земаа учество во некој судски процес во врска со воените злосторства, се дистанцираа од пресудата. Или политичарите кои во Собранието бараа обвинетите за злосторства од страна на ЕУЛЕКС да бидат ослободени или се закануваа со протерување на ЕУЛЕКС во време кога беа апсени нивни партиски другари. Сите тие дела, притоа неуспешни, само дополнително го ослабија косовското правосудство, но и стабилноста на косовските институции воопшто. И критичарите тоа секогаш ќе го користат како аргумент за недостаток на капацитет, решителност и визија Косово да стане држава во која владее правото и законите.

Меѓутоа, ниту Специјалниот суд не може да помогне во таа ситуација. Ако се размислува за доброто на Косово, за прочистување, за катарза, за владеење на правото, за правдата за жртвите, за помирувањето меѓу народите, зошто тогаш се планира тоа да се постигне онака како што не треба?

Aко сите сегменти на правосудството доживеаја неуспех во поглед на третирањето на воените злосторства, како оние кои делуваат на Косово, така и оние надвор од него, тогаш треба да размислуваат за тоа како да се пронајде некој нов начин за санирање на последиците од тие пропусти кои досега ги чинеа сите страни.

Апсолутно, цврсто верувам дека тоа може да се постигне исклучиво со инвестирање во правосудството внатре во Косово и во неговите локални судии и обвинители. Уверен сум дека само тогаш некој албански судија од Косово ќе има доволно професионализам за да може да осуди друг Албанец за евентуални воени злосторства и други потешки кривични дела – дури тогаш тоа ќе биде голем ден за едно европско Косово.

На албанските судии од Косово повеќе од 25 години им е одземена можноста да ја делат правдата со оној капацитет со кој би требале да го прават тоа. Во текот на деведесеттите години, најголемиот број судии беа оддалечени од нивните работни места, а по војната, сѐ до денес, тие работат со ограничени компетенции, предавајќи им ги најчувствителните случаи на УНМИК и на ЕУЛЕКС.

Oвој период психолошки ќе влијае на целото население, како и на самите албански судии, кои нема да можат ни да замислат дека еден ден би требало некој албански обвинител или судија од Косово кривично да гони друг Албанец или Србин од Косово за злосторства поврзани со војната или за други тешки кривични дела. Но, додека не дојде тој ден, нема никогаш да можеме Косово да го направиме нормална држава.

Поради тоа, ако би се размислувало за доброто на Косово, или за целиот регион, првенствено би требало локалните и меѓународните официјални лица да се договорат за формирање на еден суд кој би влевал доверба дека ќе се занимава со повредите на човековите права во периодот од 1998–2000 година на Косово, а кој би бил составен од страна на локалните судии, како и од тие од ЕУ; во комбинација са една регионална комисија за евидентирање на човечките и материјалните загуби во борбите во бивша Југославија.

А да се инвестираа околу 300 милиони евра во косовските судови, убеден сум дека крајниот успех ќе беше повеќекратно поголем од создавањето на каков било Специјален суд со стара формула – која веќе се потврди како неуспешна.

 

Авторот е високи продуцент на телевизијата Kohavision, и член на регионалниот тим на заговарачи за основање на РЕКОМ 

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.