„Што добро може да излезе од ова?“.

Амела, Бошњачка, жителка на Приједор, град во Република Српска, е загрижена заради националистичките говори, свеченостите и другите настани околу, досега, најголемата прослава на 9 јануари, контроверзниот Ден на РС.

„Само размислувам како моите деца да ги тргнам од овде. По сето ова, јас сум уште повеќе убедена дека треба да си одат, колку што е можно подалеку од тука“, вели Амела за БИРН.

 

Една од главните улици во Приједор долж која беа поставени знамиња на 9 јануари / Фото: БИРН

 

Катарина Паниќ, БИРН, Приједор

 

Со години, Бошњаците, Хрватите и Србите, кои живеат заедно во Приједор, северозападна РС, се обидуваат да ги избегнат етничките тензии што обично ги следат ваквите настани.

Но, оваа година, овие нивни напори се покажаа како тешко изводливи, со оглед дека Република Српска отворено му пркоси на Уставниот суд на БиХ, кој пресуди дека овој празник е дискриминаторски кон граѓаните од несрпска националност и дека на таа основа, тој е неуставен.

Сепак, владата на РС одлучи да продолжи со спектаклот, разгорувајќи ги српските националистички чувства ширум Република Српска, што предизвика бес и осуда од страна на Бошњаците и Хрватите низ цела земја и го стави на тест кревкиот соживот во преостанатите мултиетничките средини како што е Приједор.

На локалната самоуправа во Приједор ѝ беше кажано да закачи знамиња на РС и други украси на сите поголеми улици и јавни објекти.

Оваа година, голем број жители од српска националност решија да стават знамиња на нивните куќи и станбени згради, но локалните продавници, кои не се навикнати на овој вид на побарувачка, имаа ограничен број на знамиња.

Многу локални жители ја посетија и продавницата за сувенири во Приједор, со надеж дека ќе купат големо знаме, но без успех.

„За жал, немаме големи знамиња, само мали. Ги чувам за свадби, бидејќи луѓето ги купуваат и ги ставаат на своите автомобили“, вели продавачката извинувајќи им се на купувачите.

„Ова би требало да стане традиција во иднина, секој 9 јануари. Убаво е на некои места да се видат нашите знамиња. Не ми е јасно како некој може да не спречи да го славиме нашиот ден“, додаде таа.

Семејство поминува покрај кафуле во кое се поставени знамиња на РС / Фото: БИРН

Владата на Република Српска, како и политичките партии од владејачката коалиција во Република Српска, организираа различни настани во петокот и саботата, во административниот центар на овој ентитет, Бања Лука, како и во сите други поголеми градови.

Во центарот на Приједор, подмладокот на една владејачка партија на босанските Срби, делеше разгледници со карикатура на Високиот претставник, Валентин Инцко, кого српските политичари од РС постојано го критикуваат.

Волонтери на 9 јануари делеа разгледници на граѓаните / Фото: БИРН

Тие побараа од локалните жители да напишат нешто на разгледницата, а потоа да му ја испратат директно на Инцко.

„Што треба да напишам?“, праша една жена.

„Напишете му да си оди дома“, рече еден млад активист.

Една од разгледниците што му беа пратени на Валентин Инцко / Фото: БИРН

На еден друг плоштад, две млади жени, врзани со знаме на РС, делеа џебни календари, мали хартиени знамиња и маички со слоганот „Прослава на Денот на Републиката“.

„Истава работа се организира низ цела Република Српска, а под покровителство на Владата“, изјави за БИРН една од нив.

„Владата ѝ плати на една агенција, агенцијата не ангажираше, а утре ќе се емитува и на РТРС (јавниот сервис на РС)“, додаде таа.

Еден постар граѓанин, босански Србин, со одобрување зборуваше за настаните на Денот на РС, со кој се одбележува формирањето на Република Српска во 1992 година, кој беше еден од настаните што ја најавија војната во БиХ, која започна нешто подоцна истата година.

„Треба да ја зачуваме традицијата. На крајот на краиштата, се боревме за да ја добиеме Република Српска, и сега треба да ја одржиме“, рече тој.

„Го изгубив мојот син и двајцата браќа во војната, се надевам дека не беше за ништо“, додаде тој.

Постар човек купува маичка со натпис за Денот на РС / Фото: БИРН.

Сепак, голем дел од несрпското население во Приједор, е загрижено поради ваквите отворени изрази на националистички чувства.

До војната, Приједор бил просперитетен индустриски град со околу 110.000 жители, од кои Бошњаците и Србите броеле по 43 отсто, а останатите биле Хрвати и припадници на други етнички малцинства.

Сепак, на почетокот на конфликтот, српските паравоени сили етнички го исчистиле целото подрачје од несрпско население, при што биле убиени вкупно 3.173 Бошњаци и Хрвати.

Од околу 50.000 несрпско население, кое избегало од ова место за време на војната, досега се вратиле околу 23.000. Другите, пак, започнале нов живот во странство, но многу од нив сѐ уште имаат своите домови во Приједор, кои ги користат кога доаѓаат во посета, особено во лето.

Овој кревок соживот влијаеше, различните етнички групи во Приједор, да станат посвесни и почувствителни на меѓусебните ставови и стравови.

Како резултат на тоа, градските власти и локалното население обично се обидуваат на тивок начин и внимателно, да ги заобиколат големите празници кои ги делат по етничка линија, како што се Денот на РС и Денот на независноста на БиХ, во обид да се избегне распламтување на националистички чувства.

Сепак, вревата околу одбележувањето на 9 јануари, беше речиси невозможно да се избегне во ова време, дури и во Приједор.

Локалните претставници на Исламската заедница, пак, не рекоа ништо во врска со одбележувањето и одбија да дадат каков било коментар.

Претставниците на локалната католичка црква, која ги претставува мнозинството од малкуте останати Хрвати во Приједор, исто така, го минимизираа овој настан.

„Овој датум не ми значи ништо“, вели локалниот католички свештеник, Марко Видовиќ, за БИРН.

„Не сум заинтересиран за државни празници, и тоа е се. Да ме прашавте за Божиќ или Велигден, тогаш би бил заинтересиран“, вели тој.

Еден од ретките локални службеници, Бошњаци, во Приједор, кој отворено зборуваше за прославата на овој празник, беше Мирсад Дуратовиќ, претседател на локалното здружение на логорски затвореници и пратеник во Општинското собрание.

„Оној кој го одбележува Денот на РС … сее зло и омраза“, напиша тој во отвореното писмо до српскиот премиер Александар Вучиќ, кој дојде во Бања Лука, заедно со претставниците на РС, да го прослави Денот на РС.

Денот на РС ја слави Република Српска како политички ентитет, но не и како дом за сите кои живеат тука, напиша Дуратовиќ.

(БИРН; 13.01.2016.)