РЕКОМ мрежа за помирување

29.11.2012.

Ванковска: Да не им оставиме на децата гробови и неизбројани жртви

Иницијативата за формирање Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства сторени од 1991 до 2001 година (РЕКОМ) опфаќа над 1.800 невладини организации и здруженија од целиот регион

 

 
 
  

БИЛЈАНА ВАНКОВСКА, ЈАВЕН ЗАГОВАРАЧ ЗА РАСЧИСТУВАЊЕ СО ВОЕНИТЕ ЗЛОСТОРСТВА

Професорката Билјана Ванковска е јавен заговарач во Македонија на иницијативата за формирање Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства сторени од 1991 до 2001 година (РЕКОМ), која опфаќа над 1.800 невладини организации и здруженија од целиот регион. Таа е поддржана од ОН, ЕУ, Советот на Европа, голем број држави и меѓународни невладини организации. Досега иницијативата се одвиваше главно на ниво на цивилно општество, низ еден повеќегодишен консултативен процес, чиј краен продукт е документ, т.е. Статут на РЕКОМ, кој сега треба да го прифатат седумте држави од регионот (од Словенија до Косово и Македонија), и да преземат мерки за конституирање на ова меѓудржавно тело, кое би ги утврдило фактите за сите злосторства, учесниците, жртвите за да остане веродостојна документација за идните генерации. 

Тоа тело ќе има задача да направи интегрален извештај, запис за сите жртви, без разлика на припадноста, а тоа ќе го направи со увид во архивите и државните документи, повикување сведоци што јавно ќе сведочат и со собирање факти – но ќе нема судска функција.

Како јавен заговарач на иницијативата РЕКОМ неодамна се сретнавте со претседателот Иванов и со министерката Јанкуловска. На каков прием наидува иницијативата кај нашите политичари?

– Најнапред е важно да објаснам која е улогата на јавниот заговарач и зошто сега дејствуваме на ваков начин. Откако Коалицијата за РЕКОМ, т.е. цивилниот сектор заврши „лавовски“ дел од работата со тоа што го состави Статутот, беше одлучено дека е созреано време за лобирање кај политичарите, кои единствено можат оваа идеја да ја претворат во реалност. За секоја држава од регионот има една јавна личност, која ја врши мисијата на јавно заговарање. По уличната акција во која граѓаните испраќаа разгледници со барање да се формира РЕКОМ до претседателите, а која се одржа во септември, претседателот Иванов реагираше прв. Му ги предочив сите аргументи зошто е потребно формирање на комисија, но морам да признаам дека тој веќе беше добро информиран. Сега тој сака да слушне од членовите на Регионалниот тим на јавни заговарачи како стојат работите на регионален план за да ја има пошироката слика. Затоа, јас и колегите Жарко Пуховски (Хрватска) и Здравко Гребо (БиХ) ќе одиме на уште една средба со Иванов. По мое барање бев примена и од министерката Јанкуловска. Од првите средби сум охрабрена, бидејќи добив впечаток дека ова не е табу-тема и дека политичарите се свесни дека конфликтот ќе го оставиме зад нас само тогаш кога ќе одговориме на прашањата на жртвите, т.е. ќе го признаеме нивното страдање.

Како гледате на некои настани, како што е да речеме ослободителната пресуда за хрватските генерали Готовина и Маркач во Хаг? Дали со таквата одлука процесот на помирување на некој начин се враќа назад?
– Да, сосема сте во право. И тоа веќе го нагласив: кај дел од нас што сме активни на овој план постои страв дека се разбуди чувство на неправда кај некои народи, а триумфализам кај други. Трети, како Словенија, не сакаат ни да се сеќаваат на тоа дека биле Балкан. Но, од друга страна, сега кога е јасно дека Хашкиот трибунал не само што не помогна во донесувањето на правдата за многу цивилни жртви туку и го врати назад процесот на кој работевме со години, РЕКОМ се чини како единствена останата можност низ несудски механизам сепак на нашите деца да не им оставиме такви гробови и неизбројани жртви. Да потсетам, ние во Македонија ја проширивме амнестијата и врз злосторства што според меѓународното право не застаруваат и ги покривме со заборав по сила на политичка одлука, сега потврдена и со одлука на Уставниот суд. Историјата покажува дека овие „непријатни детали“ можат да се турнат настрана, ама само за извесен период. Кога ќе се разбудат духовите во некое идно време, ова може да биде семе на нов раздор и нови војни.

Граѓаните на Македонија, како и оние од другите бившојугословенски земји, ќе имаат најголема корист на долг рок ако помирувањето ги замени национализмот, омразата и постојаното навраќање кон минатото…
– Свесна сум дека на граѓаните не им е до војна. Тие имаат проблеми и во мирновремени услови. Тие се уморни од крвопролевања и злосторства, но им недостига малку повеќе емпатија. Понекогаш имам чувство дека секој плаче над својот гроб и не му е грижа дали и кај другата група имало невини човечки жртви. Така поделени можат да бидат лесен плен за нова радикализација. Но, има голем број граѓани што безрезервно ја поддржуваат идејата за РЕКОМ и се подготвени да кажат дека злосторства чинеле и „нивните“ и „другите“. Тоа е почетната точка на секое помирување. Секоја жртва заслужува да биде признаена и да биде опомена да не се повторат воените ужаси. Би сакала да ја научиме лекцијата дека отсуството на војна не е мир, тоа е примирје, а од насилство не се раѓа демократија, туку се остава семе за барање одмазда. Некој мора да го прекине тој ѓаволски круг на прашања кој прв почна и кој повеќе уби или расели. По 20 години крајно време е да почнеме да ги гледаме и грдите и болните работи сторени во име на нашата држава, нација, етничка група – и да станеме граѓани на 21 век. РЕКОМ е еден можен начин да дојдеме до таа точка на заздравување.


Претседателите имаат политички и морален авторитет 

Која е заложбата на претседателот Иванов? Како може конкретно да помогне, дали најави конкретни чекори за формирање на комисијата?
– Никој не очекува формирањето на РЕКОМ да биде лесна задача. За почеток е добро ако политичарите нѐ сослушаат и го прочитаат Статутот. Она што засега го имам како сознание, и тоа не само од Македонија, е дека клучниот проблем се гледа на две нивоа: прво – како иницијативата да ја префрлиме во теренот на политичкото одлучување и второ – како од ниво на шефови на држави да се „симне“ на ниво на влади и парламенти. Претседателите имаат не само политички туку и одреден морален авторитет и ние бараме да го искористат, и тоа во комуникација со владите во своите држави и со пошироката јавност. Потоа, бараме да именуваат претставник, кој ќе седне на регионална средба со претставниците на другите држави. И нашиот претседател укажа на некои можни проблеми од правна природа, бидејќи станува збор за деликатна материја и за работи за кои ќе одлучува регионално тело со меѓународно правен субјективитет. Но ние, како заговарачи, бараме да седнат и меѓу себе да ги разгледаат евентуалните пречки, па да видиме како одредбите на Статутот би станале компатибилни со правниот поредок на државите.

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.