РЕКОМ мрежа за помирување

16.07.2018.

Вистината и правдата не добија поддршка на самитот за Западен Балкан

Берлински процес

На неодамнешниот самит за Западен Балкан во Лондон, поддршката за формирање на регионална комисија за вистината, изостана. Ова е уште една можност што Европа ја пропушти, да помогна во решавањето на широко распространетата неказнивост на злосторствата од минатото.

Марлис Стаперс, Томас Унгер Утрехт

Се чини дека меѓународната заедница на Западен Балкан создаде мит дека е исполнета правдата за ужасите од конфликтите во 90-тите години. Европските лидери се однесуваат во согласност со овој мит, секогаш кога на 11-ти јули се одбележува годишнината од геноцидот во Сребреница.

Еднаш годишно, на овој датум, на Твитер и на другите социјални мрежи, се упатуваат смели изјави упатени во знак на поддршка на жртвите, повици дека правдата мора да преовлада и ветувања во стилот „никогаш повторно”. Така беше и минатата недела, кога беше одбележана 23-годишнината од геноцидот во Сребреница.

Митот дека Западниот Балкан е на вистинскиот пат, кога станува збор за справувањето со наследството од минатото, во реалноста, за жал, е далеку поинаков. Денес постои реален ризик дека нерешените неправди од минатото, повторно ќе доведат до конфликт.

Затоа е итно потребно, носителите на одлуки, во справувањето со минатото на Западниот Балкан, да им дадат приоритет на значајните политики. За жал, иако изјавите што доаѓаат од ЕУ ја истакнуваат посветеноста кон помирувањето и соочувањето со минатото, тие, во реалноста, досега не доведоа до промена.

Со цел да се реши проблемот со неказнивоста и да се спречат идните злосторства, ЕУ и нејзините членки, мора да поминат од зборови на дело.

Има многу можности да се направи тоа. Кога политичарите и другите носители на одлуки, минатата недела се собраа во Лондон за да разговараат за иднината на Западен Балкан, темата за помирувањето беше во нивната агенда.

Очекувањата на актерите од граѓанското општество, од состанокот во Лондон, беа големи. Овој самит беше последен во серијата средби во рамките на т.н. Берлинскиот процес, кој започна во 2014 година, со цел да се поддржи проширувањето на ЕУ во Западен Балкан.

Активистите се надеваа дека земјите од Западен Балкан и ЕУ, кога станува збор за решавање на неправдите од конфликтите во 90-тите, ќе испратат силен сигнал за поддршка, за формирање на регионалната комисија за вистината, позната како РЕКОМ.

Сепак, тие добија – ништо.

Пред самитот во Лондон, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, ја изразија својата подготвеност да ја потпишат декларацијата за основање на РЕКОМ. Фактот дека Хрватска и Босна и Херцеговина не дадоа такво ветување не е изненадувачки, но имајќи предвид дека во текот на конфликтот, луѓето во овие две земји се соочија со некои од највисоките нивоа на виктимизација, ова и натаму е големо разочарување.

Иако споменатите ветување на земјите од Западен Балкан, за поддршка на формирањето на РЕКОМ дадоа реална надеж дека самитот ќе обезбеди можност, оваа важна иницијатива да заживее, на крајот, церемонијата на потпишување во Лондон беше откажана и симната од дневен ред без официјално објаснување.

Овој развој на настаните го нагласува недостатокот на политичка волја во земјите од Западен Балкан, но и на ЕУ, да дадат приоритет на една ваква значајна политика. Во исто време, многу прашања поврзани со овој процес, особено прашањето како да се гарантира дека злосторствата нема да се повторат, остануваат неодговорени.

Давањето на јасна политичка поддршка на самитот во Лондон, за основање на РЕКОМ, ќе беше силна поддршка за вистината, со што би се зајакнал ставот насочен против ревизионизмот на минатото, кој и натаму ги погодува сите земји од поранешна Југославија. Таквата посветеност ќе обезбедеше алтернатива на сегашното статус кво, што овозможува широка неказнивост за злосторствата од минатото.

Неодамнешниот извештај за Западен Балкан на организацијата „Инпјунити воч“, е тажен доказ за ова. Во извештајот се вели дека дури и 20 години по конфликт, неказнивоста на извршените злосторствата е широко распространета и вкоренета во целиот регион.

Политичките системи кои работат врз основа на националистичката идеологија и кои поранешните воени злосторници ги вклучуваат во своите редови, се оние кои имаат корист и кои се промотори на овие структури на неказнување, при што успеваат успешно да го водат јавниот дискурс за минатото, да ја избегнат одговорноста и да ги блокираат реформите.

Без справување со овие структури на неказнување, функционалното владеење на правото и понатаму ќе биде силно оспорувано во земјите од Западен Балкан, а помирувањето ќе остане илузија.

Како што е веќе видено во други контексти, потрагата по вистината е ефикасен начин за откривање, објаснување и соочување со структурите на неказнивоста. РЕКОМ би можел да даде значаен придонес во овој поглед.

Политичкиот притисок на меѓународната заедница, првенствено на земјите членки на ЕУ, е од голема важност, РЕКОМ да стане реалност. Последната стратегија за проширување на ЕУ за Западен Балкан сугерира, поддршката за РЕКОМ, да стане услов за пристапување во ЕУ.

Оваа посветеност на хартија, како и говорењето за неа на датумите на одбележување на сеќавањето, вклучувајќи ја и Сребреница, мора да покаже резултати и во практика. Сепак, досегашната политичка експедитивност во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан, го прекрши ветувањето дадено на жртвите, дека ќе се обезбеди одговорност и ќе се води борба против неказнивоста. Лондон ќе послужи како уште еден тажен потсетник на овој факт и како пропуштена можност.

Постојат сериозни сомневања, кои го повлекуваат прашањето, дали сегашната состојба во ЕУ е погодна за кој било стратешки пристап кон справување со неказнивоста во Западен Балкан. Сега се чини дека борбата против екстремизмот и запирањето на протокот на бегалците, е приоритет во однос на вистината и правдата.

Од овие причини, властите во регионот се принудени од Виена и од Берлин, очигледни движечки сили зад одговорот на Европа за кризата со бегалците и мигрантите, да работат на „европската безбедност”, за да добијат финансиска и политичка поддршка од ЕУ. Спроведувањето на правдата и решавањето на нерешените потреби на жртвите, не е приоритет на ниту една листа.

Сепак, овие политики се краткотрајни, не ги решаваат основните причини на конфликтот и не обезбедуваат долгорочно помирување. Нерешените неправди ќе доведат до идни конфликти и страдања. Поголема е веројатноста дека потрагата по вистината и другите пристапи за решавање на неказнивоста можат да ја гарантираат идната стабилност во регионот.

Покрај тоа, современите политики и иницијативи, досега не ја допреа поентата, вклучувајќи ја и онаа поврзана со родовите прашања. Старите обрасци и хиерархиите на моќта, едноставно се повторуваат и зајакнуваат. Неодамнешните студии покажуваат дека семејното насилство и дискриминацијата на жените се систематски во целиот регион. Секој стратешки пристап кон регионот, со кој се сака да се придонесе за долгорочни промени, мора ова да го земе предвид.

Она што може да се предвиди денес е дека напредокот – значаен дел од идните напори за борба против неказнивоста – уште еднаш ќе падне врз грбот на граѓанското општество. Но, во Западниот Балкан, во овој момент, тоа не е обликувано до тој степен да може да ја преземе оваа одговорност. Просторот за граѓанска акција се намалува, а бранителите на човековите права редовно се заплашуваат. Во оваа насока, и независноста на медиумите систематски се ограничува.

Постои и зголемување на тензиите во самото граѓанско општество, кои често се предизвикани од конкуренцијата во финансирањето. Некои критичари велат дека граѓанската иницијатива, РЕКОМ, светла точка во работата на граѓанското општество во Западен Балкан во справувањето со минатото, го изгубила контактот со она што е на теренот.

Граѓанското општество мора да биде посвесно за предизвиците со кои се соочува. Потребна е поголема соработка и партнерство. Исто така, донаторите треба да размислат за своите пристапи. Одлуките за финансирање мора да бидат направени на инклузивен начин, земајќи ги предвид барањата на граѓанското општество надвор од Сараево и од Приштина, каде што се извршени најголемите интервенции во однос на транзициската правда. Силното граѓанско општество ќе биде најдобра гаранција дека историјата нема да се повтори.

Западниот Балкан и 18-те милиони жители кои живеат во овој регион, имаат потреба од алтернатива на “нормалноста” со која се соочуваат секојдневно, а која вклучува неказнивост, национализам, корупција и нееднаквост. Ако Европа не може да ги обезбеди овие алтернативи за нив, другите – како Ердоган и Путин – се подготвени да се појават на сцената.

Се надеваме дека Европа ќе се разбуди и ќе даде приоритет на поодлучниот пристап кој ќе го предизвика национализмот и ќе ја промовира еднаквоста и инклузивноста, во кој никој нема да биде оставен, а неказнувањето ќе биде исклучок, а не норма.

Актуелното австриско претседателствување со ЕУ може да го даде првиот придонес во овој поглед. Иако, на некој начин, сме скептични дека може да дојде до ова, ние ќе бидеме позитивно изненадени ако се случи спротивното.

Марлис Стаперс е извршна директорка на невладината организација „Импјунити воч“ со седиште во Холандија. Томас Унгер е советник во организацијата.

Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторите и не ги одразуваат ставовите на БИРН.

(Oбјавено на сајтот balkaninsight.com, 16.7.2018.)

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.