Процесот РЕКОМ започна со дебата за инструментите за откривање и кажување на фактите за минатото, во мај 2006 година на Првиот регионален форум за транзициска правда, којшто беше организиран од Фондот за хуманитарно право (Србиај), Истражувачко-документацискиот центар (БиХ) и Documenta (Хрватска). Учесниците, претставници на невладини организации и здруженија на семејствата на исчезнатите и жртвите од постјугословенските земји, му дадоа предност на регионалниот пристап во соочувањето со минатото.
Во периодот од мај 2006 до 26 март до 26 март 2011 година, Коалицијата за РЕКОМ организираше сеопфатна општествена дебата (консултативен процес) за мандатот на РЕКОМ. Во неа учествуваа 6700 претставници и претставнички на цивилното општество, вклучувајќи организации кои се занимаваат со човекови права, жртви, семејства на жртвите и исчезнатите, бегалци, ветерани/бранители, логораши, правници и правнички, уметници, писатели и писателки, новинари и новинарки и други угледни поединци. Одржани се 128 локални и регионални собири, како и осум меѓународни форуми за транзициска правда. Изнесените ставови беа преточени во Предлогот на Статутот на РЕКОМ, кој беше усвоен на 26 март 2011 година од страна на Собранието на Коалицијата за РЕКОМ.
По завршувањето на консултативниот процес, започна другата фаза на процесот – институционализацијата на Иницијативата за РЕКОМ. Оваа фаза претставува пренесување на Иницијативата за РЕКОМ од нивото на цивилното општество на политичко ниво, односно во доменот на институциите. За основањето на РЕКОМ да добие јавна поддршка, Коалицијата организираше петиција за основање на РЕКОМ во мај и во јуни 2011 година. Се потпишаа 555.000 граѓани од сите постјугословенски земји. Формиран е и Тим на јавни заговарачи и покрената е акцијата РЕКОМ за иднината. Заговарањето резултираше со одлука на претседателите, односно Претседателството на БиХ, да именуваат лични пратеници за РЕКОМ. Пратениците добија задача да го анализираат Статутот на РЕКОМ, којшто беше предложен од Коалицијата за РЕКОМ, како и да ги испитаат уставно-правните можности за основање на РЕКОМ во секоја одделна држава.
Пратениците за РЕКОМ ѝ ги предадоа Измените на Статутот на РЕКОМ на Коалицијата за РЕКОМ на 28. 10. 2014 година. Овој усогласен документ претставува правна рамка за основање на РЕКОМ. На Собранието одржано на 14.11.2014 година, Коалицијата за РЕКОМ безрезервно ги поддржа овие измени. Но, во меѓувреме, се одржаа избори во БиХ и беа избрани нови членови на Претседателството на БиХ, а во Хрватска беше избрана нова претседателка, па така во првата половина на 2015 година Коалицијата за РЕКОМ се најде во ситуација одново да бара поддршка за основање на РЕКОМ. Поддршката ја потврдија претседателите на Србија, Црна Гора, Косово и Македонија, како и бошњачкиот член на Претседателството на БиХ. Тие ја поддржаа и стратегијата на Коалицијата за РЕКОМ во насока на заложбата основањето за РЕКОМ да се разгледува во рамките на Берлинскиот процес. За само неколку денови, во мај 2017 година, 50.000 граѓани на Сараево, Бања Лука, Приштина, Загреб и Белград ја потпишаа петицијата за договор на лидерите на постјугословенските земји за основање на РЕКОМ во рамките на Берлинскиот процес. Во декларацијата на претседавачот на самитот во Трст, на 12. 7. 2017 година, беше посебно истакната препораката на Форумот на цивилното општество за основање на РЕКОМ, како и заедничкото настојување на учесниците на самитот. Во врска со самитот во Лондон, кој ќе се одржи на 10. 7. 2018 година, Коалицијата за РЕКОМ ги повика премиерите на Србија, Црна Гора, Косово и Македонија да ја потпишат Декларацијата за основање на РЕКОМ и да ги повикаат преостанатите постјугословенски земји да се приклучат на заедничката работа, на изработката на пописот на човечки загуби во војните од деведесеттите.