РЕКОМ мрежа за помирување

amnesty-international-logo-1

17.06.2014.

АИ: ЕУ да изврши притисок врз Србија заради воените злосторства

AI

Брисел мора да го притисне Белград за време на пристапните преговори со ЕУ, за да се спречи неказнивоста на воените злосторства, извршени од нејзините сили во текот на 90-тите, се вели во најновиот извештај на Амнести интернешенел, АИ.

Глобалната група за човекови права, Амнести интернешнал, во својот извештај објавен 17.06.2014. вели дека Брисел мора да стори сé што може за време на претстојните преговори, како би осигурал усвојување на мерки за справување со постоечката култура на неказнување на воените злосторства, од страна на српската влада.

Во извештајот, кој има 50 страници, објавен во пресрет на отпочнувањето на преговорите за членство на Србија во ЕУ, кои вклучуваат и дискусии за состојбата на човековите права во земјата, стои дека „на илјадници жртви од Босна и Херцеговина, Хрватска и Косово, им е забранет пристап до правдата“.

Извештајот, насловен како “Србија: Ставање крај на неказнувањето на злосторствата според меѓународното право“, потенцира дека следните неколку години ќе бидат од клучно значење за справување со злосторствата од 90-тите.

„Времето минува, сведоците умираат, а спомените бледнеат. Сторителите на воени злосторства мора итно да бидат судени, за да им се обезбеди правдата на жртвите, пред да биде премногу доцна“, изјави Џон Далхуисен, директор на Амнести интернешнал за Европа и Централна Азија.

„Бараме од Европската комисија да го усвои истиот вид на ригорозен мониторинг за напредокот на Србија во истрагите и гонењето на овие злосторства, каков што беше применет и за Хрватска, кога таа бараше влез во ЕУ“, рече тој.

Далхуисен истакна дека десет години по формирањето на Специјалниот суд за воени злосторства на Србија, им се судело само на 160 осомничени лица.

Бројот на обвиненија „останува екстремно мал во однос на бројот, обемот и интензитетот на злосторствата“, стои во извештајот. Во 2013 година биле подигнати само четири обвиненија, а ниту едно досега во оваа година.

Со претстојното затворање на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, „ српската влада ќе има одговорноста да осигура дека нејзините институции имаат ресурси и персонал“ да се справат со обвиненијата, истакнува АИ.

Но, АИ потенцира дека српското судство нема политичка поддршка.

Обвинителството за воени злосторства, вели АИ, кое има само главен обвинител и седум заменици, се соочува со недостиг на персонал.

„Обвинителството нема доволно аналитичари, истражители и форензички капацитет“, додава АИ.

Обвинителството се соочува и со „недостиг на истражна поддршка“ од Службата за истраги на воените злосторства, која „нема ниту доволно ресурси, ниту е доволно платена“.

Амнести тврди дека случаите досега најчесто биле насочени “кон сторителите од понизок ранг“, а дека повеќето високи функционери останале непроцесирани.

Потребна е реформа на српската единица за заштита на сведоци, поради тврдењата дека нејзините припадници, наместо да ги штитат сведоците, ги заплашуваат, вели оваа организација.

Жртвите на воени злосторства не ја добиваат ниту потребната поддршка, ниту заслужените репарации, истакнува АИ.

„Процесот на пристапување на Србија кон ЕУ е единствена можност за решавање на недостатоците во правниот систем, но, и можност да се обезбеди дека во текот на следните неколку години, Србија ќе има алатки и ресурси за спроведување на истраги и гонење на овие грозоморни злосторства“, изјави Далхуисен.

целосен извештај на англиски јазик

(Оваа вест е донесена од Балканските транзициска правда)

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.