21.09.2012.
Вест: ИНИЦИЈАТИВА НА БАЛКАНСКИ ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ ЗА ТРАЈНО ПОМИРУВАЊЕ ВО ДРЖАВИТЕ НА БИВШАТА СФРЈ
Ќе се собираат факти за геноцид, убиства, злосторства и за страдања
Каде лежат посмртните останки на жртвите од крвавиот распад врз Југославија и од конфликтот во 2001 година во Македонија, зошто нивните семејства не можат достоинствено да ги закопаат, кои се фактите за страдањата, кои се местата на убиства на цивили и војници, кои биле локациите на заточеништво и тортура, што се случувало внатре, кои биле актерите и многу други факти ќе утврдува Регионалната комисија (РЕКОМ), поддржана и од интелектуалци од Македонија.
“Невладината иницијатива РЕКОМ, во оваа прва фаза има намера да направи прецизен попис, документација на загинатите, повредените лица, а особено да утврди факти за геноцид и за воени злосторства. Ние собираме факти, документација, не организираме судење, бидејќи не сме параинституција. За тоа си има судови и Хашки трибунал за воени злосторства”, вели директниот поддржувач на РЕКОМ за Македонија професорката Билјана Ванковска, повикувајќи ги политичарите, пред сe, претседателот Ѓорге Иванов, да ја поддржат РЕКОМ и да $ дадат легитимитет, за да може во втора фаза да повикува сведоци за страдањата. РЕКОМ најпрвин се обраќа, всушност, до претседателите на бившите ЈУ држави, но и до Претседателката на Албанија, и првин од нив бара да се вклучат во иницијативата.
Според Ванковска и професорката Гордана Силјановска, политичарите не ни знаат што е помирување и како може да се дојде до него. Помирување, велат, не е можно со политичка амнезија. За да дојде до помирување и понатаму заедно да живееме, претходно треба да утврдиме што се случувало на територијата на СФРЈ и во Македонија и да си кажеме никогаш повеќе, вели Силјановска. (С. К. Д.) фото: В. Тануровски
Иванов сe уште не дал поддршка
“Јас апелирам до мојот колега и претседател професор Ѓорге Иванов да ни одговори позитивно на бараната поддршка за иницијативата РЕКОМ, како што тоа веќе го сторија претседателите на Црна Гора Филип Вујановиќ и на Словенија Данило Тирк. Ќе му појдеме во посета и ќе апелираме да ја поттикне и Владата да нe поддржи”, вели професорката Билјана Ванковска.
На прашање на “Вест” дали молкот на Иванов е поради тоа што лани го потпиша Законот за амнестија на Хашките случаи, таа одговори: “Амнестијата значи ослободување од кривично гонење, но не и од вина. Воените злосторства не застаруваат”.