Иако во Србија, за време на војните во 90-тите, немаше борби, илјадници затвореници од конфликтот во Хрватска, беа затворени и малтретирани во логори во Војводина.
Кога во ноември 1991 година, Вуковар падна во рацете на Југословенската народна армија (ЈНА), која беше под контрола на Србија, меѓу заробените лица беше и лекарот, Хичам Мала, кој со автобус беше префрлен во Србија, каде што беше затворен.
„Во автобусот беше вклучено радиото, слушавме воени песни и слушнавме најава дека конвој од 1.200 ‘усташи’ од Вуковар, ќе помине низ тие и тие места“, изјави Мала пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).
„Значи, во населените места, кога поминувавме, имаше толпи (Срби) кои фрлаа камења (по автобусите)“, рече тој.
Таа зима, Мала бил затворен во напуштена земјоделска фарма, која била претворена во злогласен логор, во селото Стајиќево, близу Зрењанин, во Војводина.
Мала, по потекло од Сирија, дошол во Југославија во 1964 година како студент по медицина и останал да работи како лекар. Кога избувнала војната, тој работел во болницата во Вуковар и бил заробен заедно со неговите колеги.
„Ни беше кажано дека армијата (ЈНА) ќе дозволи жените, децате и медицинскиот персонал, да заминат во Винковци, додека другите ќе бидат притворени како затвореници“, нагласи тој.
„Но, кога излеговме, тие почнаа да не разделуваат – мажите на една, жените и децата на друга страна. Никого не прашаа ниту за име, ниту за националност, ниту за нешто друго, тие почнаа да не туркаат во автобуси, користејќи оружје, и да нè навредуваат“.
Децении по крајот на конфликтите, што следеа по распадот на Југославија, прашањето дали Војводина војуваше во 90-тите години, допрва треба сеопфатно да биде утврдено. Српските власти секогаш тврдеа дека конфликтите во 90-тите се случувале надвор од границите на Србија.
Истражувањето на БИРН на архивите на МКТЈ и личните сведоштва на преживеаните, покажуваат дека, за време на војната, во Војводина биле извршени злосторства и дека бројни сторители никогаш не биле кривично гонети. Овие злосторства и денес се минимизираат или игнорираат.
„Колку сме страдале“
Во април 2013 година, Хичам Мала се појави пред МКТЈ како сведок во случајот против Горан Хаџиќ, воен водач на Србите од Хрватска, кој беше на чело на самопрогласената Република Српска Краина (РСК).
Според обвиненијата на МКТЈ против Хаџиќ и против југословенскиот претседател, Слободан Милошевиќ, стотици Хрвати кои живееле на хрватската територија контролирана од српските бунтовници, завршиле како затвореници во Војводина.
Тие биле држени во затворот во Сремска Митровица, во земјоделските комплекси во селата Стајиќево и Бегејци (денешен Торак) и во воените згради во Шид и во Зрењанин. Некои поранешни затвореници сведочеа дека биле испрашувани и во Нови Сад и Сомбор.
Денес, владата на Војводина ја претставува оваа северна српска покраина, со бројни етнички малцинства, како еден вид мултикултурен рај.
Но, за време на конфликтите во 90-тите години, таа, исто така, била и место на прогонства и други злосторства над етничките малцинства, главно Хрвати, но и Словаци.
Ненад Димитријевиќ, професор на Централноевропскиот универзитет, објаснува дека во модерната историја, Војводина им припаѓала на различни земји –на Австро-Унгарија, Кралството Југославија, на социјалистичка Југославија и на денешна Србија.
„Секој од овие режими на свој начин се играл со националниот состав на Војводина, преку угнетување, фаворизирање, колонизација или протерување на етничките групи. Можеби е точно дека, и покрај сите овие турбуленции, во одредени периоди постоела еден вид култура на меѓусебно почитување“, објаснува Димитријевиќ.
„Но, се плашам дека војните во 90-тите години открија дека приказната за единствениот мултикултурен квалитет на овој регионот, е главно мит“, додава тој.
На изборите, откако Слободан Милошевиќ дојде на власт во Југославија, значителен дел од српските гласачи во Војводина, гласаа за националистичките партии.
„Последиците се јасни. Ако ги погледнеме пописите од 1991, 2002 и 2011 година, ќе видиме бројки кои откриваат постојан пад на присуството на националните малцинства, како во апсолутниот број, така и пропорционално. Значи, кој зборува за Војводина како ‘мултикултурен рај’, тој е или неинформиран или циничен“, додава Димитријевиќ.
Злосторствата од 90-тите често се игнорираат. Така, минатиот декември, во затворот во Сремска Митровица, беше отворен музеј, но историјата што тој ја документира одеднаш завршува пред последната деценија на 20-тиот век.
Наместо тоа, тој се фокусира на страдањата на српските жртви. Кога се отвори, еден белградски таблоид објави текст со наслов: „Ужасна изложба во казнено-поправниот дом Сремска Митровица: Невини Срби беа мачени, обесени и живи изгорени овде“.
Текстот го цитираше управникот на затворот во Сремска Митровица, Александар Алимпиќ, кој изјави дека Србите „брзо простуваат, но и често брзо забораваат“. Загрижен сум што нашите деца не учат колку сме страдале“.
Стотици затвореници од несрпска националност од Хрватска, беа притворени во затворот во Сремска Митровица, од 18 ноември 1991 до 22 август 1992 година и беа подложени на тортура и психолошко малтретирање. Но, се чини, барем во музејот, дека нивното страдање дефинитивно брзо се заборава.
„Море од човечки тела“
Сведоштва дадени на судењето на Горан Хаџиќ, пред МКТЈ, укажаа дека водачот на Србите во Хрватска, барем еднаш го посетил затворот во Сремска Митровица.
„Тој само гледаше и шеташе наоколу“, се присети поранешниот затвореник, Вилим Карловиќ. „Некои луѓе кои беа со него, им кажуваа сешто на луѓето, се исмеваа со нив“, додаде тој.
Хаџиќ дури и самиот испрашал еден затвореник, Љубо Прибудиќ. „И тој се сврте кон мене и ми рече: ‘На која страна од лицето те плеснаа?’ Му одговорив ‘На оваа’. И тогаш тој ме плесна на другата страна и ми рече: ‘Само за да не бидеш секогаш удиран на иста страна’“.
Сведоци изјавија дека бруталноста започнала со самото нивно пристигнување во затворот. „Тие не однесоа на кошаркарски терен. Подлогата беше бетонска и ни рекоа да легнеме на стомак. Истураше дожд. Лежевме така многу долго. Потоа ни рекоа: ‘Станете’. И нè натераа да трчаме низ шпалир“, се присетува Прибудиќ.
„Тие ме кутнаа, но јас успеав да станам и да стигнам до крајот на шпалирот. Потоа дојдовме до тревникот. Ни рекоа да седнеме и да ги соблечеме обувките. Почнаа да нѐ тепаат, да нѐ удираат по стапалата, а потоа и по целото тело“.
На судењето на Хаџиќ, заштитениот сведок ГХ-080, ги опиша условите во затворот како „ужасни, особено за оние кои беа ранети … Имаше луѓе без раце и нозе. Самиот поглед на нив беше ужасен“.
Прибудиќ се сеќава дека луѓето „лежеа едни покрај други, како сардини …“.
„Ако имавте потреба ноќе да одите во тоалет, тогаше ќе мораше да згазнете врз некого и тогаш ќе падневте врз нив. Тоа беше море од човечки тела“.
Затвореникот, Жељко Шандор, опиша како хрватските дезертери од Југословенската народна армија (ЈНА), биле држени во самица и биле изложени на уште поостри физички и ментални казни.
„Освен што ги тепаа, тие мораа да пеат и четнички песни. Тие мораа да лаат како кучиња на сијалици и да извикуваат реченици како ‘Да живее Србија’“, истакна Шандор.
БИРН ја контактираше српската Управа за извршување на кривични санкции, за да дознаеме дали оваа институција има документи или артефакти од тој период и дали се тие достапни за јавноста. Прашавме и зошто во затворскиот музеј не се спомнува што се случувало таму во 90-тите години. Не добивме одговор.
„Проклет да биде предавникот“
Нехуманиот третман, присилната работа, несоодветната медицинска нега и постојаното физичко и психолошко злоставување, биле карактеристични и за другите центри за притвор во Војводина.
Невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права, објави дека одлуката за формирање логори во Стајиќево и Бегејци, ја потпишал генералот на ЈНА, Вељко Кадијевиќ. Кадијевиќ почина во Москва во 2014 година и никогаш не му се судеше. Хрватска го обвини за воени злосторства и распиша потерница по него, но Русија не го екстрадираше.
Кога заробениот лекар, Хичам Мала, пристигнал во Стајиќево со својот „конвој од 1.200 усташи“, првото нешто што го видел била валканата штала, која изгледала како да била користена веќе 15 години. Немало струја, светилки, ниту прозорски стакла. Затворениците биле ставени во боксови за стока.
„Кога влеговме, тие ни викаа, нѐ тепаа, насочуваа светилки кон нас и ни наредија да легнеме на подот и да не креваме глава“, раскажа Мала. „Настана гужва и хаос. Таму имаше и кучиња. Беше како на филм“.
Секое утро, затворениците, кои броеле околу 1.000, биле будени во 5 часот наутро и биле принудени да ја пеат југословенската химна.
„Има еден дел од химната кој вели: ‘Проклет да биде предавникот“, и тие мораа да го повторат тој дел најмалку 100 пати, бидејќи беа предавници, а оној што немаше да пее, го казнуваа со ќотек“, нагласи Мала.
Лекарот Мала бил затворен на фармата во Стајиќево, а 34 километри од него, лекарот, Младен Лончар, бил затворен на фармата во селото Бегејци, во близина на Зрењанин.
Околу 750 затвореници биле затворени во Бегејци. Меѓу нив и група жени. Некои од нив ги земале од логорот и сексуално ги злоставувале.
Откако бил ослободен со размена на затвореници, Лончар, како што изјави, започнал да им пружа психосоцијална помош на поранешните затвореници, а разговарал и со некои преживеани жени.
„Тие го потврдија моето сомневање и ми раскажаа поразителни приказни. Некои жени биле водени не само во спалните на стражарите, туку и по хотели во Зрењанин. Тие се чувствувале како приватни проститутки“, вели тој.
Заштитениот сведок ГХ-085, која сведочеше на судењето на Хаџиќ, изјави дека била бремена два и пол месеци, кога војниците влегле во нејзиното село во источна Славонија.
Тие ја однеле во логорот во Бегејци, каде поминала два месеци.
Таа таму изгубила доста килограми, па стражарите дури и не забележале дека е бремена. На крајот родила здрав син.
„Кога се вратив во Вуковар, ме прашаа: ‘Дали е можно дека ги преживеа логорот, тепањето и малтретирањето?’. Затоа што слушнале од други затвореници, што се случуваше таму“, изјави таа пред МКТЈ.
„И им реков: ‘Да, преживеав. Човекот е посилен од челик’“.
Уште во 2008 година, Здружението на правници „Вуковар 1991“, поднесе кривична пријава до Обвинителството за воени злосторства во Белград, за злосторства извршени во пет воени логори во Србија.
„Што се однесува до логорите, убиствата во логорите, силувањето на жени, тепањето на притворените, одговорноста е на тогашното раководство на Србија и поранешна Југославија, на командниот синџир на ЈНА и, секако, на тогашното раководство на Војводина“, вели, Перо Ковачевиќ, потпретседател на Здружението.
12 години од поднесувањето на жалбата, немало никаков очигледен напредок во решавањето на пријавата на Здружението.
Пред пет години, делегација на „Вуковар 1991“ се состана со Александар Вучиќ – тогашен премиер, а денес претседател на Србија – и беше договорено Србија да им дозволи на поранешните хрватски затвореници да дојдат во комеморативна посета на поранешниот логор Стајиќево.
„За жал, Вучиќ не го одржа својот збор и не дозволи да дојдеме во Стајиќево, да запалиме свеќи и да положиме венци и цвеќиња во спомен на убиените во логорите во Србија“, вели Ковачевиќ.
„Нема место за Хрватите“
До 6 мај 1992 година, логорите во Стајиќево и Бегејци веќе биле затворени, иако сè уште имало луѓе во затворот во Сремска Митровица. На тој ден, водачот на Српската радикална партија (СРП), Воислав Шешељ, одржал неславен митинг во селото Хртковци.
Самопрогласениот „четнички војвода“ им се обратил на луѓето кои ги нарекол свои „српски браќа и сестри“, изјавувајќи дека „во Хртковци нема место за Хрватите“.
„Ќе ги однесеме до границата на српската земја. Од таму, нека продолжат пеш, ако не си заминат сами“, рекол Шешељ.
Тој, на собирот, им се обратил на Србите: „Убеден сум дека и вие, Србите од Хртковци и од другите села во околината, ќе знаете да ги зачувате меѓусебната слога и единство, дека многу брзо ќе се ослободите од преостанатите Хрвати во вашето село и околината“.
Катица Паулиќ, локална Хрватка, која на крајот се преселила во Загреб, тој ден присуствувала на митингот на Шешељ.
„Па, гледајте, бев љубопитна. Сакав да видам што сака овој човек. Не знам дали можете да го разберете тоа“, вели Паулиќ.
„Сè беше прекрасно и мирно, а сега некој сака тоа да го уништи. Зошто? Па, да видиме зошто, да ја слушнеме причината за тоа“.
Според неа, силите на Шешељ се појавиле во селото облечени во традиционални шајкачи со кокарди. Таа знаела дека тие не се редовни војници и ги опиша како „застрашувачки“.
„Тоа беа негови луѓе, негови војници, сите во црно“, нагласи таа. „Имаа ремени со муниција на градите, обесени на двете рамена. Имаа пушки“.
Шешељ дури и прочитал список со имиња на Хрвати, за кои рекол дека треба да си заминат. „Тоа беше конкретен, јасен напад врз одредени луѓе, со јасна закана што ќе им се случи, доколку не се иселат“, нагласува Бранислава Костиќ, активист за човекови права од Војводина.
Набргу потоа, Костиќ учествувала во антивоен настан во Хртковци, чиј слоган бил: „Нема да се делиме; нема да се иселиме! Војводина е мојата татковина!“.
Таа се сеќава на стресната атмосфера тој ден, која била на работ на физичка пресметка, и како некои локални Срби ѝ рекле дека како Србинка треба да се срами.
И било кажано дека е премногу млада и оти не ја знае вистината за тоа што се случило во таа област за време на Втората светска војна, на што таа одговорила: „Хрватите од Хртковци не можат да бидат обвинети за смртта на мојот дедо (во Втората светска војна)“.
Единствено што било постигнато тој ден, вели таа, било тоа што луѓето мирно си заминале: „Бевме наивни и верувавме дека можеме да смениме нешто со зборови“.
По говорот на Шешељ, неговите приврзаници и соработници започнале кампања на малтретирање и заплашување на Хрватите, со цел да ги принудат да го напуштат Хртковци.
Сведокот на МКТЈ, Алекса Ејиќ, изјави дека соработниците на Шешељ одржувале состаноци, на кои ги советувале српските бегалци од Хрватска, да „упаѓаат во куќите“ во Хртковци и подготвувале лажни договори за да сугерираат дека имаат право да бидат таму.
„По овој говор (на Шешељ) и по тој собир, една госпоѓа со својот 16-годишен син дојде да нѐ посети. Таа помина десет дена во нашата куќа“, раскажува Паулиќ. „Морав да ѝ ја дадам мојата нова спална соба, со нов мебел, што татко ми ни го купи како подарок“.
Таа повикала полиција, но таа ѝ помогнала на непознатата жена, која се вселила во нејзината куќа.
Среде оваа атмосфера на принуда и малтретирање, многу локални Хрвати, вклучително и Катица Паулиќ, го напуштиле Хртковци, разменувајќи ги куќите со српските бегалци од Хрватска.
Експертски извештај за жителите од несрпска националност, кои го напуштиле Хртковци во 1992 година, подготвен за МКТЈ од истражувачот, Ева Табу, посочи дека вкупната популација Хрвати паднала за 76,3 проценти.
Според пресудата на Хашкиот трибунал, донесена на судењето на Шешељ, од селото заминале над 700 Хрвати. Водачот на СРП беше осуден во 2018 година за поттикнување на депортација, за прогон на политичка, расна или верска основа и за други нехумани дела, како злосторство против човештвото, врзано за неговиот говор во Хртковци, во мај 1992 година.
„Должност да се признаат злосторствата“
И покрај пресудата на Шешељ, прашањето дали имало воена состојба во Војводина, останува нерешено.
Жалбениот совет на МКТЈ, во случајот против Шешељ, истакна дека процедурално кажано, „постоењето на широко распространет или систематски напад, особено во Војводина, е неважно“.
Хашкиот трибунал, сепак, истакна дека злосторствата извршени во Војводина „биле дел од поголем напад, кој опфатил и области во Хрватска и во Босна и Херцеговина“.
Слободан Милошевиќ и Горан Хаџиќ, меѓу другото, беа обвинети и за тортура и сурово постапување, како кршење на законите и обичаите nа војување, на повеќе локации во Војводина. Но, постапката против Милошевиќ и Хаџиќ заврши по нивната смрт во 2005, односно 2016 година.
Судовите во Србија и во Хрватска го третираа лошото постапување во затворот во Сремска Митровица, како злосторства извршени за време на вооружен конфликт. Во два одделни случаи, Окружниот суд во Вуковар утврди дека поранешните стражари, Слободан Гојковиќ и Жарко Амиџиќ, биле одговорни за малтретирање на затвореници во февруари 1992 година. Вишиот суд во Белград, го осуди поранешниот стражар, Марко Цревар, за истото дело.
Во случајот против офицерите на ЈНА, Миле Мркшиќ, Мирослав Радиќ и Веселин Шљиванчанин, Хашкиот трибунал потврди дека во Србија имало логори.
Според хрватската Комисија за притворени и исчезнати лица, 7.666 лица биле ослободени од логорите во Србија со размена на затвореници. Од тој број, 219 биле на возраст под 18 години, 932 биле жени и 424 биле на возраст над 60 години. Скоро половина од затворениците биле цивили, 46 проценти, додека 52 проценти биле борци (статусот на останатите не е утврден).
Хрватските власти во Осиек, во отсуство му судеа на Александар Васиљевиќ, поранешен шеф на југословенската воена контраразузнавачка служба (КОС), обвинувајќи го дека е одговорен за смртта на седум луѓе во затворот во Сремска Митровица и уште пет во Стајиќево и Бегејци.
Димитријевиќ посочува дека во Војводина постои „должност јавно да се признаат злосторствата“, која не е исполнета до денес.
„Може да има различни видови признавање. Може да размислиме за јавна декларација во која ќе се наведе дека злосторствата се случиле, дека законски, политички и морално биле погрешни и дека не може да се оправдаат. Може да размислиме за јавно извинување на жртвите и на нивните заедници. Може да размислиме за материјални репарации и отштета. Може да размислиме за комеморации“, вели тој.
Местата на злосторствата сè уште не се обележани. Затворот во Сремска Митровица продолжува да служи како најголем затвор во Србија, фармата во Стајиќево, денес е напуштена, додека фармата во Бегејци е урната во 1992 година.
Речиси воопшто јавно не се признава дека во оваа покраина на Србија, биле извршени воени злосторства, чии граѓани, генерално, веруваат дека во нивната земја, во 90-тите години, немало вистинска војна.
Кога Шешељ, откако беше ослободен од Хаг, се врати во Белград, тој повторно го презеде активното раководство на СРП и беше пратеник во Собранието неколку години.
Тој, веројатно реферирајќи на злосторствата за кои е осуден, дури купи и куќа во Хртковци.
This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.