05.03.2021.
Жртвите на воено силување во БиХ „сè уште се плашат да зборуваат” за тоа што го преживеале
BiH, БиХ, воено силување, Мирсада ТурсуновиќМирсада Турсуновиќ, која, за време на војната во Босна и Херцеговина, во логор била силувана од војник, објаснува дека ѝ биле потребни 17 години да го надмине стравот од општествена осуда и да сведочи против нејзиниот напаѓач.
„Не може тоа само одеднаш – ‘прозбори’“
Експертите кои работат за „Вива жене”, нагласуваат дека некои жртви не сакаат да сведочат против своите напаѓачи на суд, затоа што немаат доверба во судските постапки и стравуваат дека нема да бидат соодветно заштитени од одмаздата на обвинетите.
Вкупно 102 случаи со елементи на сексуално насилство или дела на силување, биле или сѐ уште се во постапка пред Судот на БиХ.
Единицата за поддршка на сведоци на овој суд, им обезбедува психолошка, емоционална и административна поддршка на луѓето повикани да сведочат.
„Со оглед на спецификите на воената траума и чувствителната психолошка состојба, во работата со жртвите/со оние што преживеале сексуална тортура во војната, посебно внимание се посветува на обезбедувањето психолошка поддршка и нивно зајакнување пред, за време и по сведочењето, за сведочењето да не предизвика дополнителни страдања и последици за психолошката состојба на сведоците“, велат од Судот на Босна и Херцеговина за БИРН.
Турсуновиќ, за злосторството извршено над неа, прв пат проговорила пред припадниците на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) на БиХ, кога тие дошле кај неа дома, бидејќи некој ја именувал како сведок во случај на воено злосторство. Чувствителниот пристап на полициските службеници, ја охрабрил да даде исказ, објаснува таа.
„Тие ми пријдоа на таков професионален и убав начин, грижејќи се за моето здравје и состојба. Мажите излегоа од собата за да разговарам со жените од СИПА, за она што го преживеав”, вели таа.
За време на истрагата, Турсуновиќ го препознала сторителот, но тој, како што вели, откако дала изјава, заминал во Русија и не се вратил.
Таа вели дека го барала на Фејсбук со години, и дека минатата година успеала да го најде, што повторно ѝ ја вратило траумата.
„Почнав да се тресам, брзо излегов од профилот, а подоцна го избришав. Бев исплашена, зедов Лексаурин, вежбав дишење како што ме научи лекарката“, се сеќава Мирсада.
Таа додава дека „живее за денот кога ќе го изведе овој злосторник пред лицето на правдата”, но истовремено предупредува дека не смее да се врши притисок врз жртвите на силување да дадат изјави и да сведочат пред суд.
„Не е лесно да се признае и да се зборува за она што ви се случило. Ми требаше многу време, ми требаа 17 години да кажам што ми се случи“, нагласува Турсуновиќ.
„Не може тоа само одеднаш – ‘прозбори’и ајде на испрашување. Треба да им се даде простор да најдат начин и момент кога ќе можат да проговорат. Ако не можете да им помогнете, немојте да ги закачате“, заклучува Мирсада.
Азра Хусарић
Текст Жртвите на воено силување во БиХ „сè уште се плашат да зборуваат” за тоа што го преживеале привично беше објавен на Balkan Insight/Balkan Transitional Justice.