31.12.2019.
Коалицијата за РЕКОМ ја презема грижата за изработка на регионален попис на жртвите од војните во деведесеттите на подрачјето на бивша Југославија
Коалицијата за РЕКОМНа своето деветто заседание одржано на 15 декември 2019 година во Загреб, Собранието на Кoалицијата за РЕКОМ донесе одлука за преструктуирање на Иницијативата за РЕКОМ. Со неа престанува да важи Статутот на РЕКОМ, којшто беше усогласен преку заедничката работа на претставниците на претседателите на Хрватска, Србија, двајца членови на Претседателството на БиХ, Црна Гора, Косово и Македонија, како и на експертите на Коалицијата за РЕКОМ во 2014 година, поради тоа што тој веќе не ја симболизира политичката волја на лидерите на постјугословенските земји во насока на заедничко формирање на Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и за жртвите на војните од деведесеттите години на подрачјето на некогашна Југославија (РЕКОМ). Имајќи во вид дека во постојната политичка констелација во Хрватска не постои поддршка за основање на РЕКОМ, дека помирувањето и основањето на РЕКОМ веќе не се приоритети на политиката на бошњачкиот и хрватскиот член на Претседателството на БиХ, дека Република Српска не ги прифаќа пресудите на Хашкиот трибунал како основа за утврдување на фактите за жртвите и дека Словенија смета дека во таа земја немало воени злосторства, па не постои основа за нејзино учество во пописот на воените жртви, Коалицијата за РЕКОМ е подготвена да ја преземе грижата за изработна на поименичен попис на жртвите на војните од деведесеттите на подрачјето на некогашна Југославија.
Коалицијата за РЕКОМ оствари значајни резултати во документирањето на воените жртви и на местата на заточеништво: Documenta го утврди идентитетот и околностите во кои настанала смртта за најмалку 7000 жртви на војната на подрачјето на Хрватска; ФХП дополнително го утврди идентитетот и причините за смртта на уште 1100 воени жртви на подрачјето на Хрватска (на државјани на Србија и Црна Гора); Фондот за хуманитарно право и Фондот за хуманитарно право Косово, врз основа на повеќе извори, регистрираа 13.500 жртви во врска со војната на Косово. До денес, истражителите на овие две организации го проверија идентитетот и околностите во кои настанала смртта на најмалку 8.000 жртви, а покрај тоа во тек е истражувањето и проверката на податоците за околностите на смртта/исчезнувањето на околу 5500 жртви во периодот од 1. 1. 1999 година до 31. 12. 2000 година; Истражувачко-документацискиот центар (ИДЦ) собра податоци за 96.000 жртви од војната на подрачјето на БиХ, кои со поддршка на ФХП, беа објавени во 4 тома во 2012 година; Здружението за транзициска правда, одговорност и сеќавање во БиХ (TJAR) и Центарот за демократија и транзициска правда (CDTJ) до крајот на 2019 година документираа преку 1000 места на заточеништво на подрачјето на БиХ, во коишто за време на војната биле заточени и изложени на нечовечно постапување преку 100.000 цивили.
И некои други организации на цивилното општество, како што се здруженијата на Србите од Хрватска „Веритас“, Хрватски хелсиншки одбор за лјудска права (2001), Здружението на семејствата на заробените и исчезнатите од општина Зворник, Здружението „Извор“ и Здружението на бившите логораши од Приједор, како и други здруженија на семејствата на жртвите, претставуваат значаен извор на податоци за жртвите.
Во вид го имаме и фактот дека судските совети на Хашкиот трибунал, надвор од секаков сомнеж, го утврдија идентитетот и одговорната формација за смртта на најмалку 14.000 жртви на воени злосторства, а судските совети на домашните судови го утврдија идентитетот на околу 2000 жртви на воени злосторства.
Обврска за изработка на поименичен попис на жртвите
Коалицијата за РЕКОМ оценува дека со одбивањето заеднички да формираат меѓудржавна комисија (РЕКОМ), лидерите и владите на постјугословенските земји направија уште една историска и политичка грешка. Коалицијата за РЕКОМ на тоа одговара на следниот начин: нема отстапување од изработката на поименичен попис на жртвите. Таа ја презема грижата и одговорноста таа задача да ја заврши до крај. Собранието на Коалицијата за РЕКОМ се обврзува:
- да го интензивира документирањето на воените злосторства и на жртвите со зголемување на тимовите на истражувачи и аналитичари, со вклучување на академските институции во истражувачката работа, како и со доградба на постојните бази на податоци и со јакнење на јавното внимание за перспективата на жртвите;
- да ја зајакне мрежата за помирување и транзициска правда во периодот 2020–2023 година со вклучување во активностите на најмалку 100 организации во локалните заедници, и
- да им дава стручна поддршка на младите во спротивставувањето на неточното прикажување на судските и историографски утврдените факти и на производството на т.н. „национални вистини“
Собрание на Коалицијата за РЕКОМ
Загреб, 15.12.2019