21.06.2021.
Критики до косовска пратеничка, поради „пристрасни“ коментари за исчезнатите Срби
Kosovo, Missing persons, Арбереше Криезиу Хисени, исчезнати, КосовоНа сметка на пратеничката од владејачката партија Ветевендосје (Самоопределување), Арбереше Криезиу Хисени, беа упатени критики, поради нејзината изјава дека пронаоѓањето на Албанците, исчезнати во војната во Косово, треба да има предност над пронаоѓањето на исчезнатите Срби.
Група косовски невладини организации, вчера ги повикаа косовските власти, да ги осудат коментарите на Криезиу Хисени, која изјави дека исчезнатите Албанци се од поголем приоритет од исчезнатите Срби.
Имено, во емисија на приштинската телевизија „Клан Косова“, на 15 јуни, Криезиу Хисени истакна дека „прашањето за исчезнатите лица од албанскиот народ, треба да се третира сериозно и со висок приоритет, а после тоа, можеме да зборуваме за исчезнатите Срби“.
Неформалната коалиција за справување со минатото, соопшти дека Криезиу Хисени ги „деградира“ српските воени жртви и го цитираше уставниот закон кој инсистира на еднаков третман на сите воени жртви, без оглед на нивната националност.
Косовскиот закон за исчезнати лица, исто така, забранува секаков вид на дискриминација.
Но, Криезиу Хисени за БИРН денеска изјави дека останува на својата позиција.
„Мора да имаме предвид дека е извршен геноцид врз албанскиот народ (на Косово). Војната ја започна Србија и ние сме народот нападнат од српските злосторници“, нагласи таа.
„Се држам до она што го реков … Ние бевме жртви на војната во Косово“, додаде Криезиу Хисени.
Портпаролот на косовската влада, Розафа Келменди, за БИРН изјави дека Владата „не се занимава со прашањето на исчезнатите лица на национална основа, туку врз основа на информациите“ за нив.
„Институциите на Република Косово подеднакво ги третираат сите случаи поврзани со исчезнатите лица, кој и да ги пријавил“, нагласи Келменди.
Неформалната коалиција за справување со минатото додаде дека националната дискриминација „го нарушува процесот на помирување“.
„Владата на Косово, Собранието на Косово, Државното обвинителство, правосудните институции и целото општество, мораат да имаат еднаков пристап до сите жртви на војната, и само на тој начин ќе можеме да создадеме мирно и рамноправно општество“, заклучува Коалицијата.
Над 1.600 луѓе, претежно Албанци, но и Срби, сè уште се водат како исчезнати во војната на Косово.
Перпарим Исуфи и Медиана Халили
Текст Критики до косовска пратеничка, поради „пристрасни“ коментари за исчезнатите Срби привично беше објавен на Balkan Insight/Balkan Transitional Justice.