26.02.2021.
Ново истражување документира 600 локации за притвор во војната во БиХ
TPOS, БиХ, Фондот за хуманитарно право, ЦДТПНовообјавено истражување документира повеќе од 600 логори, затвори или други објекти за притвор, кои функционирале во војната во Босна и Херцеговина (1992-1995), што е многу повеќе отколку што е документирано со судските пресуди.
Две невладини организации од Босна и Херцеговина, денеска го презентираа своето истражување кое документира повеќе од 600 локации, на кои за време на војната во БиХ, биле приведувани луѓе – повеќе од претходно утврденото.
Истражувачи на невладините организации, Транзициска правда, одговорност и сеќавање и Центарот за демократија и транзициска правда, спроведоа теренски истражувања и земаа изјави од преживеани и поранешни логорски затвореници, за да ги идентификуваат местата на притвор и да утврдат кој и во какви услови бил затворен на овие места.
Презентирајќи ги резултатите од истражувањето на онлајн конференција, Наташа Кандиќ, координатор на РЕКОМ, мрежа на невладини организации кои сакаат да формираат Комисија за вистина и помирување за поранешна Југославија, истакна дека можеби имало уште неколку стотици центри за притвор, за време на конфликтот во 1990-тите, кои биле во функција.
„Повеќе од 50 извори што ги консултиравме, генерално се согласуваат дека во Босна и Херцеговина, за време на војната, постоеле околу 1.500 логори, затвори или други објекти за притвор“, рече Кандиќ.
Таа додаде дека од нив, околу 300 до 350, биле спомнати во случаите пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг.
Претставници на невладините организации ги објаснија околностите под кои биле основани логорите во неколку области во БиХ и информираа за силите кои биле одговорни за нив.
Мирна Алибеговиќ нагласи дека притворањата во Брчко започнале на 3 мај 1992 година, по нападот на силите на босанските Срби. Најголем центар за притвор бил логорот Лука, каде биле затворени Бошњаци и Хрвати. За време на постоењето на овој логор, од 7 мај до 9 јули 1992 година, во различни временски интервали, биле затворени вкупно 3.000 цивили.
Алибеговиќ посочи дека првите логори во кои било затворано српско население биле отворени по 14 септември 1992 година, кога силите на Армијата на БиХ (АБиХ) и на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) нападнале 19 села населени со Срби, околу Брчко.
„Со пресудите на судовите на Босна и Херцеговина утврдено е постоење на 11 такви објекти, додека истражувањето што го спроведовме утврди постоење на дополнителни 13“, рече таа.
Бенјамин Сабљица истакна дека на подрачјето на Мостар, според пресудите на МКТЈ и на домашните судови, имало 15 логори – осум под контрола на ХВО, пет под контрола на АБиХ и два под контрола на Југословенската народна армија (ЈНА) .
Но, истражувањето на невладините организации сугерира дека реалниот број бил поголем.
„Истражувањето што го спроведовме доведе до заклучок дека имало уште 9 објекти“, наведе Сабљица.
Најголем бил логорот Хелиодром, дел од поранешен објект на ЈНА, формиран на 3 септември 1992 година, главно за притворање на Бошњаци, а подоцна и на припадници на ХВО и на српски цивили.
„Најголемиот регистриран број на приведени во овој објект бил 6.000“, нагласи тој.
Во општината Коњиц, според Златица Грухоњиќ, објектите за притвор почнале да се формираат во април и мај 1992 година, кога хрватските и силите на АБиХ, заеднички ги разоружале жителите на селата околу Коњиц, претежно населени со Срби. Сепак, ситуацијата се сменила, кога се смениле и односите меѓу хрватските, српските и силите на АБиХ во оваа област.
Со судски пресуди е утврдено дека во областа Коњиц имало три логори за Срби и еден логор во кој биле притварани припадници на ХВО, но истражувањето спроведено од невладините организации открило постоење на поголем број вакви објекти.
„Истражувањата на нашиот тим досега покажаа … дека што се однесува до објектите за притвор на Срби, имало уште 6 такви, 19 објекти за притвор имало за Хрвати и 6 во кои биле затворени муслимани“, рече Грухоњиќ.
Условите во најголемиот број на објекти за притвор биле нехумани. Затворениците биле чувани во тесни простории, без доволно вода и храна и биле физички малтретирани. Многу од нив биле користени како жив штит на фронтот или за присилна работа.
Милица Стојановић
Текст Ново истражување документира 600 локации за притвор во војната во БиХ привично беше објавен на Balkan Insight/Balkan Transitional Justice.