27.12.2016.
Тачи: Посетата на спомениците на српските жртви, гест на помирување
Hashim ThaçiПретседателот на Косово, Хашим Тачи, пред пратениците во Собранието на Косово, рече дека им оддал почит на српските жртви на војната како гест на помирување и дека тоа не претставува навреда на ослободителната борба на косовските Албанци, водена за време на конфликтот во 90-тите.
Тачи во петокот во парламентот изјави дека во последниве неколку месеци посетил споменици на српски жртви убиени за време и по војната во 1999 година, со цел да испрати порака за помирување, отфрлајќи ги во исто време тврдењата дека со тоа ја деградирал борба против Ослободителната војска на Косово (ОВК).
„Велат дека тоа ја поткопува вредноста на народноослободителната војна во Косово, дека е навреда за мачениците и светата војна на ОВК“, рече Тачи пред пратениците.
Косовските Албанци го критикуваа Тачи, по неговата посета на споменикот во Старо Грацко, подигнат во чест на Србите, кои пред 17 години, како што пишува на споменикот, биле убиени од „албански терористи“.
„Знам што е напишано на кирилица на овој споменик. Не се согласувам со овој текст, бидејќи тоа е предрасуда и лага. Но, тоа не треба да не спречи да им оддадеме почит на жртвите“, нагласи Тачи.
„Убеден сум дека правам најдобро за земјата“, додаде тој.
Неколку дена потоа, непознати вандали ја скршија спомен-плочата и на албански јазик напишаа „Hakmarrja“ (Одмазда).
Тачи овој месец го посети и споменикот на српските жртви на војната во Велика Хоча.
Во своето обраќање пред пратениците, Тачи се осврна и на новиот специјален суд во Хаг, пред кој следната година треба да бидат подигнати првите обвиненија против поранешни членови на ОВК. Како што рече, неговото формирање не е резултат на лошите политички одлуки во Косово, туку последица на фактот дека домашните судови не успеале да ги заштитат сведоците во случаите на воени злосторства.
„Меѓународниот притисок да се формира специјален суд дојде како резултат на лошите искуства во заштитата на сведоците, поради заканите (кон сведоците) или убиствата. Ова е главниот аргумент што не можевме да го оспориме пред меѓународната заедница“, рече тој.
(Oбјавено на сајтот BalkanInsight 23. 12. 2016.)