19.11.2012.
Нова Македонија: ХАШКА ШЛАКАНИЦА
Автор: Билјана Ванковска
Поради иронија на судбината, прашање кое инаку не само што не е атрактивно, туку е и непожелно, стана топ-тема. Ние, кои сé што се однесува на воените злосторства ставаме под чергиче или завиваме во уставно-судска амнезија, се возбудивме од хашка пресуда за хрватски генерали. Сензационалната вест (како што ја нарече Шпигел) се поклопи со роденденот на единствениот наш хашки осуденик. Таква прилика за самосожалување не се пропушта! Па и оние парламентарци кои гласаа за амнестијата, сега ги разбрануваа емоциите. Едни прашуваат: зарем Тарчуловски е сега најголемиот злосторник, кој лежи 12 години затвор за операција (со неколку загинати), која е мачкина кашлица во споредба со жртвите на „Олуја“? Еве, доказ дека Хашкиот трибунал е православна институција – за припадници од друга вероисповест нема место. Други коментираат: Угледајте се на Хрватите, видете како се брани чест на една држава! Не штедеа ни пари ни поддршка. Видете како претседателот Јосповиќ и премиерот Милановиќ ги дочекаа генералите, за кои изјавија дека се невини луѓе кои стоички поднеле жртва за својата држава! Хрватската јавност во еуфорија, а ние ни на мртво плаче(в)ме, ниту на живо се радува(в)ме. За волја на вистината, пред да стане сестра, брат Љубе беше дочекан со смешна фаланга со шлемови од стиропор, малку го тинтравме низ медиуми, и потоа го вративме во затвор – домашен за кој Шевенинген изгледа како луксузен апартман! Сé до сега и Тарчуловски беше практично заборавен, особено откако од затвор ја благослови амнестијата. И покрај ова бранување, се уште мислам дека тој нема да ја доживее славата на Готовина. Тој не само што не беше генерал кој предводеше офанзива, туку беше телохранител на Претседателот кој надвор од својата формациска задача отиде во осветничка мисија во родниот крај. Токму овој факт, и опсегот и последиците од акцијата во селото Љуботен ја предизвика потребата од споредување и го разбуди чувство на неправда. За најголем дел од јавноста, Македонија не е дел на регионалната приказна. Судската (не)правда и односот кон цивилните жртви од соседството не е наша тема. Разбирливо, и сега водата се води само на наша воденица. Но, „разводот“ од еден регион не е ни лесна, ниту возможна работа. Тоа што сме како под тотална или локална анестезија, па едвај и да покажуваме емпатија дури и кон жртвите од нашиот конфликт, е друг падеж. Ќе потсетам на неколку детаљи кои упатуваат на тоа дека и сме дел на регионалниот Гордиев јазол: првата жртва на војните беше Македонец, а и последната беше од тука. За голем дел од учесниците во конфликтот не знаеме од каде потекнуваа(т), а еден број наши граѓани учествуваа во „нивните“ конфликти (без оглед дали станува збор за Косово или за Вуковар, каде удел имаше еден мајор кој стана началник на Генералштаб). Најтажно е што немаме ни службена и кредибилна статистика за бројот на загинати припадници на униформираните формации од „двете страни“, а уште помалку на цивилните жртви. Ќе наидете на различни информации, кои оперираат со еднострани и фризирани податоци, и никому ништо! На исчезнатите никој и не помислува, освен нивните најблиски, и никому ништо.
И во Хрватска не е забавно да бидеш расипувач на забави среде национална еуфорија. Малкумина излегоа со критички став и со потсетување дека останува суштинско прашањето – кој е виновен за стотиците цивилни жртви (најголем дел од нив убиени на суров начин по воената победа)? Кој е виновен за депортацијата на 200 илјади цивили од Краина? Наспроти хорот според кој Домовинската војна симболички и правно заврши и дека може да влезе во историјата како „кристално чиста“, ова малцинство храбри луѓе потсетува дека правдата не е исполнета. Ако е точно и дека Готовина е невин, и дека имало злосторства, тогаш државата има обврска веднаш да ги расветли. Катарзата која го означи крајот на војната, токму пред портите на Брисел, и која значи влез со дигната глава во европскиот клуб, не е причина за сон на праведник. Проценката е дека е ова момент во кој е можно сосема да се затвори военото досие, односно да запре процесот на соочување со вистината, како непотребен и „историски“. Митот е одамна создаден, сега и правно санкциониран, па затоа се непробоен! Пресудата се објаснува со слабостите на обвинителството, т.е. погрешната правна квалификација на злосторството и на амбицијата на Карла Дел Понте, која наместо по правда, тргна да пишува историја на распадот на екс-ЈУ. И за најдобрите правници останува дилемата како е можна огромна дискрепанца меѓу оценката на фактите и нивната правна интерпретација од првата и жалбената инстанца (како и тенката линија меѓу вината од невиноста со 1 глас разлика). Тоа ќе се изучува на правните студии ширум светот, но сега фокусот е на политичките реперкусии. Сликата на регионот е во најмала рака бизарна: Хрватска триумфира (дури и оние кои до вчера го псуеја судот), а генералите се поканети да „им го забијат“ на Србите и на симболичен начин на почетокот на фудбалски меч. Во име на Србија протестираат претседател со четничко минато и премиер со милошевиќевско наследство. Најбизарната порака, сепак, стаса од БиХ. Претседателката на здружението „Мајките на Сребреница“ и ја честиташе пресудата на Хрватска, испраќајќи порака дека непријателот на нивниот непријател е пријател (и покрај учеството на Хрватска и во босанската војна). Пораката е поразителна бидејќи доаѓа од жена која го симболизира ужасот на цивилните страдања, а која и покрај десетина години на НВО активизам покажува дека не бара правда, туку освета врз Србите, кои и да се, па дури и ако се невини цивили. Ова е само најциничен пример, но се чини дека на мнозина се уште не им е доста, не им доаѓа ум, и подготвени се да бараат правда само ако тие се изземени. Нема извинување, нема покајување, ниту одделување на индивидуалната вина од општествената одговорност за воените конфликти, нема катарза од која ќе произлезе инаква порака – никогаш повеќе.
Катарза во Македонија не е возможна, бидејќи таа не е етнички чиста држава каква што стана Хрватска. Албанците тивко (или не така тивко) триумфираат, а Македонците тивко негодуваат. Но, се навикнуваат и живеат заедно на начин кој не е можен меѓу Србите и Хрватите и Бошњаците… И тоа е нешто! Пристојноста во секое општество почива на институционализирано лицемерие. Нашата мала војна е неспоредлива со другите. Пред да си кажеме дека не треба да гледаме назад, туку напред во иднината, од политичарите треба да побараме факти за тоа каде се исчезнатите и колкумина цивили (Албанци и Македонци, но и други) со живот ја платија оваа рамковно-охридска убавина. Второ, учесниците на конфликтот треба да добијат треман првенствено како луѓе на кои им треба општествена поддршка да ги излечат траумите од војната и конечно се интерираат во цивилниот живот. Ако нешто ме радува, тоа е напредокот во јавното заговарање за РЕКОМ; политичарите не одбиваат да разговараат на оваа тема. И тоа е нешто… Со вакво Хашко финале и шлаканица за правдата, и со нашата амнестија, РЕКОМ добива на значење, како единствена надеж да не се заборави она што не смее да се заборави, дури ни за некаков лажен мир во куќата или коалицијата.