26.01.2016.
Злосторниците не се херои на Албанците
Интервју: Наташа Кандиќ
Албатрит Матоши, Зери
По повод почетокот на разговорите помеѓу Косово и Србија изјавивте дека ќе се расправа и ќе се реши проблемот на исчезнатите лица. Досега речиси ништо не е сторено, и познато е дека преку 1600 Албанци и стотици Срби сѐ уште се водат како исчезнати. Како можеме да бараме да дојде до помирување меѓу двата народа кога сѐ уште има толку голем број исчезнати луѓе на двете страни?
Во Бриселските разговори не се споменуваат минатото, соочувањето со минатото, воените злосторства или судењата, иако сите проблеми кои се предмет на „дијалогот“ се всушност последица на вооружениот судир и на тешките повреди на човековите права. За нив се зборува како за „придонес“ кон нормализацијата на односите, но всушност тие се оттргнати од нивната суштина. За исчезнатите нема ни еден збор, како што беше случај и со Кумановскиот договор. Прашањето на судбината на исчезнатите, со тек на времето станува сѐ потешко политичко прашање. Сигурна сум дека има уште тајни гробници и во Србија и на Косово. Покрај тоа, има трагови и на палење на телата. Но, откривањето на тајните гробници и на фактите за тоа каде и кога биле палени води до офицери на високи позиции, како што се покажа и во случајот на тајната гробница во селото Рудница во Рашка. Постоењето на таа гробница го обелодени еден сведок. Под притисок на ЕУ, Владата на Србија мораше да ја ексхумира таа гробница, но ги игнорира доказите кои ги објави Фондот за хуманитарно право: гробницата води до селата во општините Глоговац и Дреница, во кои во текот на април и мај 1999 година единиците на 37 моторизирана бригада убиле најмалку 300 цивили, а потоа по наредба на командантот на таа бригада, потполковникот Љубиша Диковиќ, за „асанација на боиштето“, досега непознат број тела на убиени цивили, жртви на воени злосторства, е префрлен во Србија, скриен во локации во посед на Војската на Југославија. Не очекувам дека решавањето на судбината на преостанатите исчезнати ќе биде решена скоро, првенствено затоа што откривањето на тајните гробници ги открива и одговорните за извршените за сторените злосторства и за прикривањето на трагите на тие злосторства.
Имињата на исчезнатите се знаат, но сѐ додека на семејствата не им бидат предадени посмртните останки, за да можат да организираат достоинствен погреб, да го одбележат гробот, сеќавањето и паметењето на судбината останува во рамките на семејствата. Посмртните останки се пресуден физички симбол на сеќавањето на жртвата. Само стварното физичко присуство на телото им дава моќ на живите да бараат сеќавање на мртвите. Кога нема тело, нема погреб, нема верски обреди на гробиштата, нема ни гробови. Кога нема гробови, нема јавно паметење на мртвите, сѐ останува во рамките на семејното сеќавање.
Помирувањето е процес, а откривањето на тајните гробници и расветлувањето на судбината на исчезнатите е дел на тој процес. Помирувањето е траен процес, кој зависи и од поединците, но првенствено од државните институции и нивната подготвеност да ги применат механизмите кои спречуваат повторување на злосторствата и насилството. Пописот на жртвите, како и утврдувањето на околностите на нивната смрт, има сила со која мое да се придвижи процесот на помирување спрема другите како спрема рамни на себе.
Колку е важно решавањето на прашањето на исчезнатите лица и кои се грешките кои двете земји ги направија во овој поглед во досегашниот период?
Грешка е што прашањето на исчезнатите не е тема во разговорите на премиерите на Србија и на Косово. Доколку протестите на Косово беа организирани со барање владите на Србија и на Косово да ги обелоденат информациите за судбината на околу 1.000 Албанци и 450 Срби, цврсто сум уверена дека прашањето на исчезнатите ќе беше на агендата на дијалогот во Брисел.
Дали е потребно создавање на регионална комисија која би се занимавала со прашањето на исчезнатите и дали засегнатите земји се подготвени за тоа?
Според моето мислење, регионалниот пристап овозможува комуникација со жртвите од „непријателската заедница“. Искуството покажува дека Албанците и Србите кои учествуваа во регионалниот консултативен процес за мандатот на регионалната комисија беа многу изненадени кога слушаа исповеди слични на нивното искуство. Тоа беше решавачко за формирање на новиот став дека „жртвите треба да се одделат од непријателите“. Втор голем резултат на регионалните комуникации беше постигнатата согласност на учесниците дека пописот на имињата е почетниот чекор кон помирувањето и дека во смртта сите жртви се еднакви. Кога станува збор за исчезнатите, регионалниот пристап е полесен за откривање на „тајните“. Искуството покажува дека сведоците на злосторствата полесно се решаваат да ги откријат своите сознанија откако ќе ги ислушаат исповедите на семејствата на исчезнатите од „непријателската заедница“.
Премиерот на Србија Александар Вучиќ им понуди извинување на жртвите во Босна, но не и на жртвите на Косово. Може ли какво било извинување од Србија да помогне во подобрувањето на односите со Косово?
Кога се зборува за извинувањето на просторот на бивша Југославија, се мисли на извинувањето кое го даде Вили Брант. Меѓутоа, ние немаме политичар каков што беше германскиот канцелар Брант. Од Косово, и од политичарите, здруженијата на жртвите и од организациите на цивилното општество се слуша барање Србија да им се извини на Албанците за сторените злосторства и дека без извинување нема помирување. Од друга страна, здруженијата на српските жртви изразуваат силно сомневање во бројката на албанските воени жртви (8.693 цивили и 2.122 припадници на ОВК), сметаат дека поголемиот дел од нив биле припадници на ОВК, кои загинале во борбите, додека за српските жртви се зборува во илјадници. Поради тоа е нужно да се утврдат имињата и околностите на страдањата на сите жртви. Кога се знаат имињата, нема простор за манипулација со бројките, но има простор за извинување. Тогаш извинувањето добива сила на јавно признание и на прифаќање на фактите. Јас се залагам за овој редослед.
Како гледате на вклучувањето на цивилната заштита во Северна Митровица во косовските институции? За многу членови на тие структури постои сомневање дека биле сторители на злосторства. Имате ли некакви информации за тоа дека некои од тие членови учествувале во масакрите на Косово?
Објективно, вклучувањето на нелегални српски институции во косовските институции придонесува кон изградбата на косовската држава, и во таа смисла претставува добар чекор. Друга работа е перцепцијата ја јавноста. На Косово е раширено уверувањето дека секој Србин кој бил во униформа бил воен злосторник што, прво, не е точно, а второ – ја јакне перцепцијата на српската јавност дека албанските жртви всушност биле припадници на ОВК, „терористи“ кои загинале во борбите.
Колку е демократска Владата во Србија кога албанската заедница во Прешевската долина се соочува со недостаток на училишни книги?
Имаше и непризнавања на дипломи и забрани за внес на учебници од Косово и од Албанија, но сепак денес ситуацијата е подобра. Полицијата е со мешовит состав, се покажа добро во прифаќањето на бегалците. Сликата на албанскиот полицаец кој бакнува мало детенце, бегалец од Сирија, го обиколи светот. После тоа, тој полицаец доживува секојдневно да му приоѓаат луѓе, да го поздравуваат, сакаат да се сликаат со него. Тој полицаец стори повеќе за зближување на етничките заедници од која било државна институција.
Како ја коментирате изградбата на голема српска воена база во Прешевската долина, кога се знае дека овој граничен триаголник е веќе преполн со воени и полициски сили?
Да, во Прешевската долина има премногу војска. Јас сум против изградбата на базата и концентрацијата на војска во мешовитите средини како што се Прешево, Бујановац и Медвеѓа.
Неодамна Косово го посети српскиот генерал Љубиша Диковиќ, кого го обвинивте за злосторствата во регионот на Дреница и Дукаѓин. Дали КФОР требаше да го дозволи неговото доаѓање на местото на злосторот?
Состанокот на генералот Диковиќ со командантот на КФОР во нивната база покажува дека КФОР не ја следи политиката на Владата на Косово. Во секоја друга земја, ваков пропуст како што е покана и доаѓање на генералот Диковиќ на Косово, имајќи го во вид фактот дека Фондот за хуманитарно право го осомничи дека знаел за воените злосторства на припадниците на неговата бригада и за прикривањето на трагите од злосторствата, би довел до смена на командантот на КФОР. На Косово тоа се заврши така што КФОР ѝ објасни на Владата дека командантот не бил известен за одлуката на Владата на Косово со која на началникот на Војската на Србија му се забранува влез на Косово.
Зошто српската политика го брани генералот Диковиќ?
Претседателот на Србија го одликуваше генералот Диковиќ во моментот кога Фондот за хуманитарно право го објави досието Рудница, кое ја покажува неговата вмешаност во пренесувањето и криењето на телата на убиените албански селани во Србија. Премиерот на Владата молчи за тоа, даде поддршка за основање на РЕКОМ. Судскиот спор кој генералот Диковиќ го води против мене и ФХП ќе се заврши во негова полза. Судот ќе донесе одлука дека сум го повредила неговиот углед, чест и достоинство. Меѓутоа, судот нема да може да забрани да се изнесуваат факти за вмешаноста на генералот Диковиќ во воените злосторства на Косово. Тој ќе ја добие пресудата, но засекогаш ќе остане фактот дека масовната гробница во Рудница настанала како резултат на неговата одлука одлука за „асанација на боиштето“ во селата во општина Глоговац и Скендерај, во кои била присутна 37 бригада со која командувал тогашниот потполковник Љубиша Диковиќ. Тоа останува засекогаш, додека пресудата, во некоја подобра иднина, ќе служи како пример на злоупотреба на судот во политички цели.
Мојата лична проценка е дека генералот Диковиќ ќе добие пресуда во своја полза, но дека нема да остане на позицијата на началник на Генералштабот, дека ќе биде пензиониран. Верувам дека премиерот на Србија има проблем на State Department и на ЕУ да им објасни зошто Владата на реагира на откривањето на масовната гробница во Рудница и на наводите на ФХП дека таа гробница тешко го обвинува началникот на Војската на Србија.
Какви последици трпите вие лично поради тоа што го осудувате злосторствата сторени од лица кои Србија ги смета за патриоти? Против вас е во тек судење во Србија. Се плашите ли дека ќе бидете казнети од судот?
Во последните 15 години против мене се подигнати најмалку 30 тужби и неколку кривични пријави. Полицајците, во голем број, покренуваа против мене тужби за надомест на штета, бидејќи наводно сум им го повредила личниот углед со тоа што во кривичната пријава, која ФХП ја поднесе против командантот на 37 бригада на МВР на Србија, за полицајците сум зборувала лошо. Тие тужби судот ги отфрли, но ја прифати тужбата на генералот Диковиќ, и забранувајќи им на новинарите да го следат судењето, отворено застана на страната на началникот на Генералштабот. Сѐ друго, мислам тука на обвиненијата дека ги „продавам“ српските генерали, дека ги штитам Хрватите, Муслиманите и Албанците, дека не го гледам српските жртви, сето тоа е нормално во ситуација каква што владее во регионот и во Србија. Не се жалам, живеам во мир со она што го работам.
Кој е вашиот став во однос на Специјалниот суд одобрен од Собранието на Косово?
Најдобро е да се суди на Косово, пред очите на јавноста. Меѓутоа, во овој момент тоа не е возможно, првенствено поради можното насилство кое некои групи би можеле да го преземат со цел да ги блокираат судењата. Основањето на суд кој ќе има сила да процесира злосторства кои Хашкиот трибунал не можел поради надлежноста за злосторствата сторени само до крајот на јуни 1999 година, кој ќе организира подобра заштита на сведоците отколку Хашкиот трибунал и судовите на Косово, и кој – се надевам – успешно ќе ја придобие јавноста дека хероите на албанскиот народ не се оние кои се замешани во злосторства против припадниците на малцинствата и против наводните колаборационисти, што на Косово е забранета тема за разговор, е во прилог на владеењето на правото. Ако зад проектот не стои САД, никој од ЕУ не би можел да ја реализира идејата за основање на судот кој ќе се занимава со злосторствата сторени по јуни 1999 година.
Работата на Специјалниот суд мора да биде следена со интензивирање на судењата во Србија за злосторствата сторени на Косово. Инаку, мнозина на Косово, а и надвор од Косово, ќе се прашаат каде е правдата за преку 8.000 албански цивилни жртви. Српски генерали се осудени поради учество во здружен злосторнички потфат, но во Србија нема судења против офицери и војници/полицајци за конкретни злосторства – во Меје. Ѓаковица, Кореница, Бела Црква, Круша, Поклек и бројни други места, каде се извршени масовни злосторства.
На Косово се верува дека тој суд нема да ги казни вистинските злосторници туку припадниците на ОВК. Кој е вашиот коментар на ова?
На завршетокот на истрагата, Клинт Вилиансон рече дека обвиненијта ќе бидат подигнати против припадниците на ОВК кои вршеле злосторства против човечноста. Треба да му се верува, тој е американски обвинител, добар обвинител, и добар познавач на овдешните состојби и сето она што сме го правеле од 1991 година.
(Објавено на 25 јануари 2016.)