22.06.2015.
Славно е за татковината да се заборава
Oливер ФрљиќНационализмот, според Ernest Gellner, е политички принцип, кој бара поклопување на политичките и етничките граници. Националистичкиот наратив го конструира јавното сеќавање од оние факти кои можат да го легитимираат овој принцип. Сѐ што го доведува во прашање наведеното преклопување бидува службено заборавено или неговото значење се релативизира.
Во таков контекст, од огромно значење е местото на кое се појавува контрасеќавањето – сеќавањето кое им припаѓа на малцинските групи и кое е „маргинализирано од страна на доминантната култура“. Посматрано како инструмент на различните облици на општествена доминација или на отпор кон истата, сеќавањето станува политички чин. Доколку зборуваме за политичноста на театарот на постјугословенскиот простор, таа може да се конституира токму тука, во отпорот на службениот меморицид, во комеморација на она што службената историографија го заборава, но и со радикалните интерпретации на фактите кои не поаѓаат од националистичките премиси за конгруентноста на политичкото и националниото.
Тоа го покажа и Софоклеовата „Aнтигона“- драма за наметнатото сеќавање, припаднувачкиот заборав и контрасеќавањето. Приказната за сестрата која решава да го закопа и обжали братот кому со декрет од највисокиот центар на политичка моќ му е ускратено тоа право, може да функционира и како алегорија за постјугословенските општества и нивните политики на сеќавање и заборав. Меѓутоа, многу повеќе од тоа, таа зборува за театарот како место на еманципација на прохибираното сеќавање.
Посебниот статус на сеќавањето, или поточно на контрасеќавањето, ме интригира во мојата театарска работа уште од самите почетоци. Токму тоа е точката на која пословичното отсуство на интерес на најшироката заедница за овој медиум се претвора во изразена општествена антагонизација. Наместо инсценирање на судири помеѓу фикционални ликови, театарот во овој случај генерира драма во поширокото општествено поле, во просторот на нормираниот заборав и сеќавање, кој во однос на него претставува трансгресија.
Токму од искуствата на активна или пасивна партиципација на театарот во Хрватска во службено пропишаниот заборав се формираше мојот театарски светоглед и јазик – извор на постојани недоразбирања и оспорувања во повеќето средини во кои работам. Недоразбирањето со хрватската театарска заедница кулминираше токму на претставата „Хрватско глумиште“, која доживеа линч од струката и од медиумите бидејќи го постави прашањето „може ли воопшто да се нарече театар она што најголемиот дел од хрватското глумиште го произведува од војната наваму, ако е точно дека театарот треба да биде општествен, етички и уметнички чин кој има храброст на злосторството да му даде име, да му го одземе правото на причина и да ја определи мерката на вина? Каков е тоа воопшто театар, тоа мнозинско хрватско глумиште, кое не ја препознава трагедијата на своите сограѓани? Каков е тоа театар кој на фашизмот му одговара – со фашизам?“
A фашизмот на хрватското глумиште, со кој се занимавав во таа претстава и над која подеднакво и со исти аргументи се згрозуваат и театарската левица и десницата, влегува во проширеното значење на овој поим, онака како што го дефинираше Mишел Фуко, кој покрај „историскиот фашизам, фашизмот на Хитлер и Мусолини“, кај него го означува и „фашизмот во сите нас, во нашите глави и во нашето секојдневно однесување, фашизам кој прави да ја сакаме моќта, да го сакаме токму она што доминира над нас и нѐ експлоатира.“ Фашизацијата на хрватското општество се реализира, меѓу другото, и во некритичкиот однос спрема власта во моментот кога таа политички ги спонзорираше убиствата на хрватските граѓани од несоодветна националност, како што тоа беше случај со членовите на семејството Зeц, убиствата во Пакрачка Пољана, со военото пристаниште Лора, со отварањето на концентрациони логори во западна Херцеговина за Бошњаците, со убивањето и протерувањето на Србите во текот на акцијата Олуја. Театарската заедница во Хрватска сите тие злосторства не ги именуваше, уште помалку им го одзема „правото на причина и им ја одреди мерката на вина“.
Но, театарската заедница во тој период, со својата работа и вкупното јавно дејствување, па и со буквално земање пушки в раце, и тоа како учествуваше во воено-пропагандната машинерија на ХДЗ. Во 1991 година Хрвоје Хитрец ја основа Единицата на хрватските уметници во која, меѓу останатите, беа и глумиците Јасна Билушиќ и Перица Мартиновиќ, како и режисерот Jошко Јуванчиќ и глумецот Љубомир Капор. Покрај Единицата, во војната се вклучија глумецот Свен Ласта, како и режисерите Mиро Меѓиморец и Слободан Праљак. Kрешимир Доленчиќ станува некој вид дворски режисер задолжен за режирање на различните Туѓманови церемонии, од кои најпознати се погребот на Гојко Сушак и воената парада на Јарун. Во 1997 година во загрепскиот ХНК, Златко Витез го режира роденденот на Фрањо Туѓман во кој, меѓу останатите, учествуваат и Eна Беговиќ, Драган Деспот, Вања Драх, Круно Шариќ, Јошко Шево, Златко Црнковиќ, Жарко Поточњак, Фрањо Кухар, Младен Вулиќ, Звонимир Зоричиќ, Иван Бркиќ, Иванка Бољковац и Mарко Торјанац.
Постојат уште многу примери, но и овие покажуваат дека мнозинството членови на театарската фела во Хрватска подлегна на националната хистерија, како и дека меѓу нив, за разлика од нивните белградски колеги, не успеа да се артикулира антивоениот дискурс, дури ни кога Хрватска веќе наголемо работеше на распарчувањето на Босна и Херцеговина, или кога информациите за воените злосторства на Хрватската војска беа јавни. Тогаш не изненадува што таквата театарска заедница, која го изврши овој дел од задачата во службено пропишаното заборавање и премолчување, денес сака да се заборави и себе си од тоа време.
Дали членовите на театарската фела се погоден материјал за заборав и за пригодно идеолошко обликување, покажа и еден пример од по воениот период каде повторно се оствари висок степен на мобилизација во војната продолжена со други средства. Станува збор за „Барањето на 555 угледни хрватски личности до Владата на РХ“ со кое се бараше од Владата на Република Хрватска да го одбие испорачувањето на генералот Готовина на Хашкиот суд, како и од хашкото обвинителство да побара прекин на казнениот прогон на темелот на подигнатото обвинение. Барањето го потпишаа и следните театарски уметници: Нада Абрус, Јасна Анчиќ, Инге Апелт, Ивица Баришиќ, Славко Бранков, Мирела Брекало, Лукреција Брешковиќ, Иван Бркиќ, Миљенко Брлечиќ, Сенка Булиќ, Хелена Булјан, Борис Бузанчиќ, Златко Црнковиќ, Бранка Цветковиќ, Велимир Чокљат, Драган Деспот, Борис Дворник, Нина Ерак, Мато Ерговиќ, Лидија Флоријан, Емил Глад, Иво Грегуревиќ, Горан Гргиќ, Нивес Иванковиќ, Дарко Јанеш, Вјекослав Јанковиќ, Зденко Јелчиќ, Иван Јончиќ, Јасна Јукиќ, Трпимир Јуркиќ, Љубо Капор, Марија Кох, Адам Кончиќ, Божидар Кошчак, Нико Ковач, Фрањо Кухар, Дражен Кух, Никша Кушељ, Данко Љуштина, Мирјана Мајурец, Славица Mарас-Микуландра, Томислав Мартиќ, Анте-Чедо Мартиниќ, Мише Мартиновиќ, Маро Мартиновиќ, Перица Мариновиќ, Дамир Мејовшек, Игор Мешин, Борис Михољевиќ, Дарко Милас, Хелена Миниќ, Ведран Милкота, Сузана Николиќ, Миа Оремовиќ, Фране Першин, Синиша Поповиќ, Жарко Поточњак, Ксенија Прохаска, Ивица Пуцар, Нада Роко, Синиша Ружиќ, Давор Сведружиќ, Борис Свртан, Ален Шалиновиќ, Крунослав Шариќ, Јошко Шево, Глорија Шолетиќ, Милан Штрљиќ, Звонко Торјанац, Ромина Витасовиќ, Златко Витез, Едо Вујиќ, Младен Вулиќ, Ивица Задро, Мирта Зечевиќ, Звонимир Зоричиќ, Јозо Зовко, Владимир Гериќ, Бранко Иванда, Јошко ЈУванчиќ, Lawrence Kiiru, Влатко Перковиќ и Жељко Сенечиќ.
Nomina sunt odiosa, но ниту едно од овие имиња не застана ниту на едно друго барање со кое се бараше процесуирање на оние кои учествуваа во „здружениот злосторнички потфат, чија заедничка цел беше присилно и трајно отстранување на српското население од регионот на Крајина, помеѓу останатото и со грабежи, оштетување или целосно уништување на имотот на српското население, за да припадниците на ова население се одвратат или спречат да се вратат и повторно да живеат во своите домови“. Бидејќи, без оглед дали станува збор за генералот Готовина или за некој друг – злосторството е злосторство, а хрватските глумви конечно би требаче да сфатат дека етницитетот на жртвите или на агресорот не може да биде критериум за сеќавањето или заборавот.
А додека да се случи тоа, преостанува претставата „Хрватското глумиште“, која со еднаква сила ја мразат и луѓето од театарот и бранителите и Католичката црква и мнозинството во хрватската јавност. Вака широката коалиција на мрзители ја покажува силата на театарот која, доколку се задржи минимум морална чесност спрема себе и спрема општеството кое се претставува, би требало да стане повластено место на сеќавањето, кое го бриѓат сите други институции.
Oливер Фрљиќ
Aвторот е театарски режисер од Хрватска