03.11.2015.
„Мрачни времиња“ босанската војна ја преточи во претстава
Сведоштвата за реалниот живот на луѓето, кои ги преживеале последните конфликти во Европа, е преточен во интересна театарска претстава, во која играат оние чии приказни се раскажуваат.
БИРН Загреб
„Мојот татко беше убиен веднаш и фрлен во бунар. Преживеав, бидејќи возачот на школскиот автобус, кој беше пријател на татко ми, ме препозна. Потоа, со училишниот автобус, ме депортираа во концентрационен логор“, раскажува Судбин Мусиќ, на својот мајчин јазик, на сцената на Народниот театар во Минхен, шокирајќи ја публиката со автентичната енергија.
Во претставата „Мрачни времиња“, Мусиќ, 41-годишен Бошњак од Приједор, северозападна Босна и Херцеговина, раскажува како ги преживеал масовните злосторства извршени во неговиот роден град во 1992 година, кога српските паравоени сили и полицијата, ги убивале, затворале и протерувале локалните Бошњаци и Хрвати.
Тој изјави дека се сретнал со режисерот на претставата, Германецот Мило Рау, кога дошол во Приједор да погледа дел од местата на кои се наоѓаат масовните гробници и поранешните концентрациони логори.
„Тој стапил во контакт со мојот братучед, кој живее во Германија, и братучед ми ми се јави да му ја покажам околината на Приједор, иако тој немал намера да ме ангажира како актер“, вели Мусиќ за БИРН.
По посетата на Томашица, најголемата масовна гробница од војната во 90-тите, Рау го прашал Мусиќ, дали сака да учествува во претставата. Тој на почеток одбил, бидејќи немал претходно актерско искуство. По една недела, Рау повторно го повикал, и Мусиќ се согласил да учествува и да ја раскаже својата животна приказна.
Пет прикаѕни, четири држави
Освен приказните на Мусиќ и Сексан, во „Мрачни времиња“ игра и Сања Митровиќ од Зрењанин, која зборува за својот живот за време на НАТО бомбардирањето на Србија, во 1999 година. Валери Чепланова (35), по потекло од Казан во Русија, која во доцните осумдесетти, кога се распаѓал Советскиот Сојуз, заедно со својата мајка емигрирала во Германија, ја раскажува својата приказна за миграцијата и интеграцијата во германското општество. Манфред Запатка (73) од Германија, зборува за ослободувањето и уништувањето на неговиот роден град Бремен, како и личната приказна за прераната смрт на неговите родители. Словенечката авангардна музичка група Лајбах, ја направи музиката за претставата. Песната што ја направија за најавата, е обработка на песната на Жан Моро, „Секој човек го убива она што го сака“, со текст на Оскар Вајлд. Претставата е во копродукција со Резиденс театар од Минхен и продукциската куќа, Меѓународен институт за политичко убиство.
|
Во претставата, уште четворица други актери раскажуваат свои лични приказни, како и приказни на лица што ја преживеале опсадата на Сараево, бомбардирањето на НАТО во Белград во 1999 година, уништувањето и ослободувањето на германскиот град Бремен во 1945 година и приказни на имигранти од Советска Русија, кои дошле да живеат во Германија.
„Ја ставивме публиката во состојба на конфузија; дали нашите приказни се вистинити или измислени? Со други зборови, секој од нас го поставува прашањето, каде започнува нашата реалност?“, објаснува тој.
Во еден момент, откако ќе раскаже како го ексхумирал својот татко, Мусиќ, себеси се трансформира во современа фигура на Хамлет, играјќи го духот на својот татко.
Мусиќ вели дека играјќи во претставата, тој им оддава почит на оние кои ги загубиле животите за време на војната. „Им подигам некој вид на споменик на сите луѓе што сум ги изгубил во 90-тите години“, вели тој.
Сите актери имаат чувство дека она што го прават е всушност „стриптиз“, бидејќи ги откриваат своите лични трауми на сцената, нагласува тој. Вели дека е загрижен како неговото семејство ќе ја прими претставата, бидејќи стравува дека тоа ќе биде премногу за нив“.
„Сепак, не можам да дочекам да ја играме претставата во поранешна Југославија“, додаде тој.
„Не пали ги чевлите за да се згрееш“
Ведрана Сексан / / Фото:Томас Ашубер; Резиденс театар |
Друг актер во претставата, е 39-годишната Ведрана Сексан, од Сараево. Таа вели дека со нетрпение очекува претставата да ја играат во главниот град на БиХ, иако е нервозна заради својата мајка и другите роднини, кои ќе ја гледаат.
„На една генерална проба, присуствуваше мојата 16-годишна ќерка. Во еден момент слушнав како плаче. Тоа беше многу тежок момент за мене“, вели таа.
Објасни дека нејзината ќерка, за прв пат тогаш слушнала некои нејзини приказни од опсадата, бидејќи таа претходно не сакала да ја „оптоварува“ со тоа.
Нејзината мајка, пак, ѝ дала неколку совети за она што ќе го зборува во претставата, вели Сексан. На пример, „да ги информира луѓето во Германија, никогаш да не користат обувки за греење, бидејќи премногу брзо горат, а не создаваат топлина“, како што луѓето во опколено Сараево, палеле чевли во обид да се згреат.
„И реков на мајка ми: ’Но, мамо, тие живеат во Европа, имаат централно греење на гас’. Едноставно ми одговори: ’И јас живеев во Европа со централно греење [пред војната]“.
При подготовката на текстот за претставата, актерите раскажуваат свои приказни и искажуваат мисли на три теми, „мајка“, „зло“ и „уметност“, опишувајќи што значат тие за секој од нив. Нивните сведочења потоа беа ставени на хартија и корегирани; само на Сексан траело околу 14 часа.
„На крај, со многу измени, моето сведоштво, во финалната верзија, беше сведено на околу 15 минути, и тоа стана дел од една поголема приказна, заедно со сведоштвата на другите актери”, вели таа.
„Никогаш претходно не сум играла во ваков вид на претстава и знам дека нема повторно да го направам тоа, затоа што тоа е убаво, но и болно искуство“, додава таа.
Проблем со заборавањето
Извадок од претставата, во која Лајбах ја исполнува својата верзија на песната на Жан Мото, „Секој човек го убива она што го сака“
Режисерот на претставата, Рау, вели дека „Мрачни времиња“, е втор дел од неговата „Трилогија на Европа“. Првиот дел е наречен „Граѓански војни“ и се фокусира на конфликтот во Сирија. Третиот, што ќе биде изведен следната година, ќе се вика „Империја“ и ќе се фокусира на современа Европа.
„Она што се обидов да го направам, е да ја раскажам приказната за она што се случува кога едно време поминува во друго време, на пример, крајот на советскиот блок, крајот на Југославија, крајот на нацистичка Германија, и она што доаѓа по него“, вели тој.
„Постои едно правило во оваа претстава, а тоа е дека се што е кажано, е вистина. Се разбира, јас не знам дали е тоа, на пример, вистината на Судбин Мусиќ, или дали е тоа објективна вистина“, вели тој.
Рау нагласува дека претставата, која за првпат е прикажана во април оваа година, генерирала моќни емоционални реакции.
„Оваа претстава е екстремно чувствителна за многу луѓе. Имате луѓе во публиката кои што плачат…Бевме добро изненадени, и, на некој начин, дури и среќни, дека на површина излегоа такви емоции, бидејќи мислевме ’кој ќе биде заинтересиран за приказни од Сараево или Русија’“, објасни тој.
Рау верува дека претставата е важна, бидејќи ја допира европската навика за заборавање на минатото, за доброто на иднината, нешто што е тешко да се направи на Балканот, каде што неодамнешните конфликти сѐ уште ја обликуваат секојдневната реланост.
„Многу е проблематично, особено за Ведрана и Судбин, да се заборави што се случувало во 90-тите“.
„На крајот на краиштата, како што рекол Сигмунд Фројд, ’она што ќе го закопаш живо, ќе се врати како зомби’“.
„Мрачни времиња“ е на репертоарот на Народниот театар во Минхен во вторник.