06.04.2016.
Зошто Македонија не е заинтересирана за процесот на помирување во регионот?
Автор: Љубица Спасковска
Во 2002 година, организацијата Human Rights Watch упати формален допис до македонскиот претседател Трајковски, во кое изрази загриженост дека претстојниот Закон за амнестија за злосторствата извршени во врска со вооружениот судир од 2001 година би можел да ги заштити воените злосторници од кривично гонење. Нејзините стравувања се остварија. Девет години подоцна, во јули 2011 година, македонското Собрание изгласа дека Законот за амнестија од 2002 година ќе биде применет на сите случаи кои Меѓународниот кривичен трибунал за бивша Југославија (MКТЈ) ѝ ги врати на Македонија за процесирање. Таа одлука доведе до прекин на истрагата и на кривичното гонење за воени злосторства во четири случаи („Раководство на ОНА“, „Мавровски работници“, „Липковско езеро“, „Непроштено“), кои на барање на Македонија беа проследени до Трибуналот во 2002 година, но кој сепак на крајот, во 2008 година, ги врати назад за постапување во земјата. Се покажа дека Amnesty International имаше право кога тврдеше дека таа парламентарна одлука беше дел на пост-изборен (коалиционен) договор на двете владејачки партии – конзервативната партија на десниот центар ВМРО-ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција (ДУИ), најголемата албанска партија во Македонија, чие раководство го предводеше герилскиот судир од 2001 година. Како што укажував и претходно, со Охридскиот рамковен договор од 2001 година отпочна ерата на „напукнато државјанство“ (fractured citizenship), кое во суштина го карактеризираат фрагментираниот политички живот и зацементираните етнонационални идентитети во земјата. Во иднина, таа би можела или да се придвижи кон еден поинтегриран, демократски концепт на државјанство, во кој „сите пукнатини би биле залечени“ или надминати, со што етничката димензија би изгубила на значење – или, обратно, во насока на фрагментирано државјанство со појасно одделени идентитети, институции и облици на политичка и културна припадност.
„Кривичното гонење за прекршувањата на меѓународното хуманитарно право не смее да биде изложено на политичко влијание“, заклучи Amnesty International во 2011 година. Меѓутоа, политичкото влијание беше всушност доминантна одредница. ДУИ остана во владата со ВМРО-ДПМНЕ, постојано поддржувајќи изразена националистичка реторика. Меѓутоа, „конкурентните идиоми на припадноста на нацијата“ во Македонија и стварноста која ја карактеризираат две етнички дефинирани политички партии, кои владеат со земјата заедно во прилично стабилна коалиција, но без заедничка платформа или предизборна програма, на крајот доведоа до определен тип на авторитарна консоцијација (споделување на власта) специфичен за македонскиот контекст. Во овој домен на феудален мултикултурализам, сериозна злоупотреба на власта и системска корупција, кои всушност и ја предизвикаа тековната политичка криза, вистински напори во областа на помирувањето и правдата речиси и да не постоеја. Кога Јохан Тарчуловски, поранешен полицаец и единствен македонски државјанин кој беше обвинет за воено злосторство пред МКТЈ, беше пуштен на слобода во 2013 година, тој беше дочекан лично од премиерот Никола Груевски, а министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловскаму врачи нов македонски пасош. Сепак, албанскиот коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ не се противеше многу на ваквиот гест. Се стекнува впечаток дека двете партии се заплеткани во криминална политика и дека не гледаат голем, или поточно каков било интерес во тоа земјата да ја поведат напред, кога станува збор за унапредување на животниот стандард или јакнењето на коегзистенцијата преку образовните институции и медиумите. Всушност, двете партии поттикнуваат етнопопулистички кавги заради стекнување краткорочна политичка корист.
Нивната незаинтересираност за осмислена регионална соработка и помирување е проследена со нивната генерална некомпетентност во речиси сите сфери на управување, којашто стана особено евидентна по скандалот со прислушувањето, кога се разоткрија шокантни размери на системска корупција и флагрантно отсуство на секаков обѕир спрема владеењето на правото во земјата. Уште повеќе, конзервативната политичка и интелектуална елита околу ВМРО-ДПМНЕ уште во време на распадот на Југославија постојано го напаѓаше умерениот дискурс на македонските социјалистички елити и нивните обиди да се спречи насилната дезинтеграција на земјата и во насока на спроведување на реформа на федерацијата. Последниве години тие станаа вистински пионери на историскиот ревизионизам – го подигнаа Музејот на „жртвите на комунизмот“, го избришаа сето социјалистичко и интернационалистичко културно и архитектонско наследство на главниот град Скопје, и никогаш не пропуштаат можност да го стигматизираат југословенското минато.
При изрекувањето на пресудата на Радован Караџиќ на 24 март 2016 година, Philippe Sands QC, професор по меѓународно право на универзитетот London College, забележа дека Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда (MКТР), кој меѓу другото го овозможи воспоставувањето на системот на судови на Гацаца заедниците во селата ширум таа земја, се покажа доста поуспешен од МКТЈ кога станува збор за промоција на помирувањето. Иако во текот на годините МКТЈ собра огромна количина на податоци за сторените злосторства, чија вредност е навистина непроценлива – седењето и разговарањето за битните прашања на сред полјана на некое село, можеби повеќе би придонело за зближување на заедниците и соседите отколку пресудите од далечните хашки судници, или говорите на популистички настроените политичари чија моќ почива на одржување на поделбите и на неуспехот на помирувањето.
Д-р Љубица Спасовска е научен соработник-истражувач на Универзитетот во Ексетер (University of Exeter) и е член на истражувачкиот тим на проектот 1989 по 1989 – Преиспитување на падот на државниот социјализам од глобална перспектива