Kога српските сили влегле во селото Рачак, во западно Косово, утрото на 15 јануари 1999 година, Сахиде Метуши подготвувала појадок за своето семејство во нејзината кујна.
Откако ги слушнале првите истрели, таа и нејзиниот сопруг Хаки им рекле на помладите членови на семејството, да побегнат на сигурно – преку потокот или во блиската шума. Сахиде и Хаки останале во куќата, сè додека не се приближил звукот на пукотниците.
„Кога излегоа од куќата, тие го видоа нашиот сосед Дануш обезглавен“, вели за БИРН нивниот син, Хасан Метуши, додека разговаравме со него во неговата куќа во Рачак.
„Мајка ми продолжи да оди по главната селска улица, во надеж дека ќе се извлече, бидејќи таа беше стара жена, а татко ми и чичко ми беа заробени од српските сили и однесени на ридот, со рацете зад глава“, се сеќава тој.
Неговата мајка Сахиде, која тогаш имала 61 година, се обидела да стигне до куќата на роднини на нејзиниот сопруг, но била застрелана додека одела по улицата. Ранета, таа останала на улицата скоро еден час.
„Некои луѓе кои се криеле во подрум на една куќа, ја виделе како седи на улица, откако биле застрелана. Тие не можеле да видат каде е погодена, само виделе дека крвари“, вели Хасан.
Една жена се обидела да ја вовлече Сахиде во нејзината куќа, но кога излегла надвор, видела како српските сили се приближуваат, па се вратила назад.
Нешто подоцна истиот ден, сопругот на Сахиде, Хаки, кој во тоа време имал 62 години, неговите помлади браќа Сабрија и Ариф и уште 41 локален жител, биле пронајдени мртви, а нивните тела биле расфрлани по ридот и натрупани во една вдлабнатина над Рачак.
Кога паднала ноќта, Хасан Метуши, кој во тоа време бил припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), се искачил на врвот на ридот со група свои роднини.
„Ги видов телата на татко ми, на моите чичковци и на другите“, се сеќава тој. „Тие беа близу еден до друг и беа погубени одблизу. На некои им беа извадени очите или главите им беа смачкани. За момент почувствував како сето тоа да е само сон. Се сеќавам дека не можев да станам … “.
А во селото, луѓето кои се криеле во подрумот, виделе кога српската полиција ја застрелала неговата мајка, Сахида. „Кога (српските сили) виделе дека е жива, ја застрелале“, вели тој, додавајќи: „Тогаш тие го ставиле нејзиното тело во црна вреќа и ја ставиле во автомобил“.
„Се надевам дека децата ќе преживеат“
Дваесет и две години подоцна, во куќата на семејството Метуши во Рачак, сеќавањата на тој ден сè уште не бледнеат. Хасан Метуши, денес здравствен работник во малото блиско гратче Штимље, се присетува како, една недела пред масакрот, неговата мајка плачела, стравувајќи поради конфликтот.
„Се сеќавам дека таа рече: ‘Војна е и не знаеме што ќе се случи. Што и да е, се надевам дека децата ќе преживеат’“, раскажува тој.
Убиствата во Рачак се најдоа на насловните страници на меѓународните медиуми, кога еден ден подоцна, селото го посети американскиот дипломат, Вилијам Вокер, тогашен шеф на Верификациската мисија на ОБСЕ, која беше распоредена во Косово за да го следи кревкото примирје во конфликтот меѓу југословенската војска, српската полиција и припадниците на ОВК.
Вокер ги опиша убиствата „како масакр и злосторство против човештвото“, додека дописничката на Би-Би-Си, Џеки Роланд, која, исто така, го посети тоа место, опиша дека видела „маса испревртени тела“. Советот за безбедност на ООН и американскиот претседател, Бил Клинтон, остро го осудија овој настан.
Убиствата на 45-те албански селани, се случија откако ОВК уби четворица српски полицајци. Владата на југословенскиот претседател, Слободан Милошевиќ, тврдеше дека жртвите во Рачак биле или убиени припадници на ОВК во битка или цивили кои се нашле во вкрстен оган.
Но, на 17 јануари 1999 година, „Вашингтон пост“ објави исечоци од телефонски разговори помеѓу српскиот полициски генерал, Сретен Лукиќ, и потпретседателот на југословенската Влада, Никола Шаиновиќ, кои јасно им дале наредба на безбедносните сили „жестоко да влезат“ во Рачак. Двајцата функционери, на снимките разговарале и за начините на кои може да се прикријат убиствата, за да се избегне меѓународна осуда.
Патологот кој го истражуваше инцидентот за југословенските власти, изјави дека не бил извршен масакр и дека „немало траги на егзекуција на ниту едно тело“. Но, шефот на финскиот тим што го истражуваше инцидентот во име на ЕУ, соопшти дека оние што починале, биле невооружени жртви на злосторство против човештвото.
Масакрот во Рачак предизвика промена на политиката на Западот кон Косово и беше пресвртница во конфликтот меѓу силите на Милошевиќ и припадниците на ОВК. Oвој настан беше важен фактор во одлуката на НАТО, два месеци подоцна, да започне со воздушни напади врз Југославија, со цел да го присили Милошевиќ да ги повлече своите трупи од Косово.
Масакрот сè уште предизвикува спорови меѓу Косово и Србија. Во 2019 година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Вокер го фабрикувал масакрот.
Вучиќ истакна дека „сето тоа го фалсификувал белосветскиот измамник, крадец и хохштаплер, Вокер“. Неговиот коментар уследи откако судот во Приштина го осуди Иван Тодосијевиќ, пратеник на Српска листа во косовскиот парламент, за поттикнување на етничка, расна и верска нетрпеливост, поради неговата изјава, дека масакрот е исцениран.
Во 2017 година, косовските власти му оддадоа почит на Вокер со поставување на негова статуа во Рачак.
Никој не се најде зад решетки поради овој масакр. Во 2001 година, судиите на Обединетите нации во Косово, го осудија Зоран Стојановиќ, српски полицаец во Штимље, на 15 години затвор, но тој во жалбена постапка подоцна беше ослободен поради недостиг на докази.
„Го зеле нејзиното тело“
Телото на Сахиде Метуши, единствената жена меѓу 45-те жртви на масакрот, до денес не е пронајдено.
Семејството Метуши, за време на нападот се разделило, со цел да се скријат, па дури третиот ден по масакрот сфатиле дека Сахиде исчезнала.
„Почнавме да ги пребаруваме бунарите во селото. Десетици бунари беа проверени во текот на ноќта. Подоцна сфативме дека го зеле нејзиното тело“, нагласува нејзиниот син, Хасан.
Во меморијалниот комплекс во селото, каде се закопани жртвите на нападот, гробот на Сахиде Метуши е празен. Нејзиното семејство го оставило отворен во надеж дека еден ден ќе можат да ги погребаат нејзините останки.
Сега, кога надежта ја снема, посочува Хасан, „решивме да го затвориме гробот. Во исто време, го затвораме и поглавјето на надевање, дека ќе ги најдеме нејзините останки и оти ќе добиеме правда“.
„Odlučili smo da ga zatvorimo. Time smo zatvorili i nadanje da ćemo naći njene ostatke i dočekati pravdu“, ističe Hasan Metuši.