09.09.2020.
БИРН – Масакрот во Грабовица: Војниците кои не можеа да го заборават злосторството
BIRN, War Crimes, Јосип Дрежњак, Армија БиХ, БИРН, Воено злостворство, Енес Шакрак, Ивица Чавловиќ, Игмански волци, Лукава стратегија, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, Младинскиот театар Мостар, Мустафа Хота, Неретва ’93, Нихад Влаховља, Приспивна песна за Младенка, Сеад Карагиќ, Сефер Халиловиќ, Судот на БиХ, Харис РајкиќДвајца војници, кои пред 27 години, за време на војната во Босна и Херцеговина, биле на спротивните страни, кога силите на Армијата на БиХ (АБиХ) масакрирале 33 босански Хрвати, денес работат заедно, со цел ова злосторство да не биде заборавено.
Ѓулиќ вели дека масакрот во Грабовица сè уште го прогонува – особено затоа што го извршиле припадници на неговата војска. „Некој дојде од друго место, изврши злосторство и остави крвава дамка врз нас сите“, додава тој.
Околу 25 години по убиствата, МТМ (Младинскиот театар Мостар), во времето кога Ѓулиќ беше директор на оваа институција, постави претстава за која зборуваа сите во градот.
Ѓулиќ беше режисер на претставата, која зборуваше за масакрот во Грабовица, а која го доби името по четиригодишното девојче кое беше убиено.
„Приспивна песна за Младенка“, иако мала, аматерска представа со екипа актери родени со години после 1993, кога масакрот се случил, таа сезона беше најпопуларна претстава.
Актерите тинејџери, кои играа во „Приспивна песна за Младенка“, не знаеле за масакрот, сè додека Ѓулиќ не предложил да одиграат претстава за него.
„Еден од нив дури праша каде се наоѓа тоа место, иако селото е многу близу до Мостар. Во тоа време, никој од нив не знаеше што се случило таму“, вели тој.
Во 1993 година, малкумина знаеја за случката. Грабовица, по масакрот, била целосно „запечатена“; влезот во оваа областа им бил забранет дури и на меѓународните медиуми и мировници.
Но, иако Хашкиот трибунал не го осуди Сефер Халиловиќ, за време на неговото судење, се појавија многу нови факти и детали.
Судот на Босна и Херцеговина осуди некои војници од понизок ранг. Еден од нив, Енес Шакрак, припадник на 9-тата бригада на АБиХ, беше осуден за убиство на членовите на семејството Задро, вклучувајќи ја и четиригодишната Младенка. Тој беше осуден на десет години затвор, затоа што се покаја и беше подготвен да соработува.
Шакрак сведочеше дека утрото на 9 септември, во Грабовица, командантот Нихад Влаховљак ѝ наредил на својата единица „да ги убие сите локални жители“.
Според Шакрак, Влаховљак никогаш не рекол од кого ја добил наредбата, но тој претпоставува дека таа дошла од лице од повисок ранг.
Војникот, Мустафа Хота, беше осуден за убиство на семејството Мариќ. Тој ја доби истата казна како и Шакрак – десет години затвор. Нихад Влаховљак, Сеад Карагиќ и Харис Рајкиќ, исто така, беа осудени и тие добија по 13 години затвор.
Овие пресуди беа целата правда што ја добија семејствата на жртвите од Грабовица. Никогаш не беше докажано кој ги наредил убиствата на цивилите, претежно жени и постари лица, од ова село.
Обвинителите молчат во врска со новите докази
Јосип Дрежњак е претседател на здружение на жртви од Грабовица. Тој, за време на убиствата, бил припадник на ХВО во Мостар. Тој вели дека како одминуваат годините, очекувањата на семејствата се сè помали. Сè што сега сакаат е да ги пронајдат посмртните останки од нивните најблиски, за да можат да ги погребат достоинствено.
„Најболно е сознанието дека луѓе се осудени за овие злосторства, а ние, од 1994 година, немаме нови податоци за телата. Во тоа време беа идентификувани 11 лица, а после тоа, за жал, не најдовме нови коски“, истакнува Дрежњак.
„Младенка и нејзината мајка, на пример, нивните тела никогаш не беа пронајдени, а убиецот призна. Тој веќе шета како слободен човек, бидејќи доби смешна затворска казна од десет години“, додава тој.
Негова друга цел е пред судовите да ги презентира сите нови докази на кои наидува, против луѓето за кои смета дека се одговорни за масакрот во Грабовица. Тој тврди дека на обвинителот во случајот Халиловиќ, не му биле достапни многу важни досиеја и документи.
„Дојдов лично да му доставувам нови докази на обвинителството, во судот на БиХ. Наидов на две автентични наредби од 1993 година, што имплицираат дека Сефер Халиловиќ во целост командувал со операцијата ‘Неретва ’93’“, вели Дрежњак.
БИРН го контактираше синот на Халиловиќ, кој е портпарол на својот татко, но тој одби да ни даде коментар за овој текст.
Еден од поважните докази што Дрежњак им го презентираше на обвинителите, беше документарната серија на Здружението за заштита на наследството од војната во БиХ, Здружението на генерали на АБиХ и на Здружението за заштита на името и делата на територијалната одбрана на БиХ. Во оваа серија од пет дела, достапна на Јутјуб, во која се претставени нови докази што никогаш претходно не биле прикажани, се вели дека Халиловиќ бил водач на операцијата ‘Неретва ’93’. Авторите на серијата, сите поранешни припадници на АБиХ, не негираат дека операцијата се случила.
Друг доказ кој Дрежњак го наведе, е пресудата на Судот на БиХ, со која тој е ослободен од обвинението за клевета.
Имено, Халиловиќ поднесе тужба за клевета против Дрежњак, врзано за наводите дека генералот командувал со ‘Неретва ‘93’, кога се случил масакрот во Грабовица.
Халиловиќ истакна дека Хашкиот трибунал веќе ја докажал неговата невиност. Но, Дрежњак презентираше документи со наслов „Директива ‘Неретва ’93’“, на кои стои потписот на Халиловиќ.
Со директивата, на 3-от, 4-от и 6-от корпус на АБиХ, им се дава наредба за офанзивна воена операција во зоната каде се случиле воените злосторства во Грабовица. Судот ги прифати документите како легитимни и Дрежњак ја доби правната битка.
Сепак, иако му понудил нови докази на обвинителството, Дрежњак никогаш не добил повратна информација. БИРН побара коментар од обвинителството, но не добивме одговор.
„Војна што не ја баравме“
Во 1997 година, Сефер Халиловиќ, објави книга под наслов „Лукава стратегија“, во која имплицира дека некои припадници на АБиХ, од кои некои на повисока позиција од него во командниот синџир, всушност биле одговорни за командување, не само за време на масакрот во Грабовица, туку и за време на последователиот масакр врз Хрватите, што се случи во селото Уздол.
Содржината на неговата книга и документарниот филм на неговиот син Семир, „Како беше предадена Херцеговина“, во голема мера ги налути неговите соборци.
Во меѓувреме, претставата „Приспивна песна за Младенка“, што беше прикажувана во Мостар, ја актуелизираше приказната за масакрот во јавноста и го потсети општеството дека е извршено тешко воено злосторство недалеку од местото каде што многумина живеат и дека неговите организатори никогаш не се казнети.
„Дваесет и пет години по војната, ова е прва претстава во која експлицитно се зборува за воените злосторства, што мислам дека е неприфатливо. Како општество, сè уште сме во фаза кога веруваме дека нашите момчиња се добри, а дека другите ги сториле сите злосторства“, посочува Ѓулиќ.
„Затоа седнавме, направивме сопствена уметничка истрага и се согласивме да направиме претстава за нас. Ако метеме пред нашата врата, другите може да се почувствуваат должни да го сторат истото. Само на тој начин нашиот двор ќе биде чист и затоа верувам дека тоа е поентата – да се соочиме со минатото“, додава тој.
Емотивна кулминација за Ѓулиќ и за неговиот млад актерски тим, составен од актери од различни националности и религии, беше вечерта кога тие ја играа претставата пред семејствата на жртвите.
Дрежњак бил во публиката: „Погледнав и почувствував трпки по грбот. Беше крајно болно и емотивно. За жал, сè што беше прикажано во претставата беше вистина“, вели тој.
Дрежњак и Ѓулиќ биле на спротивните страни за време на војната во 90-тите, но денес тие се пријатели. Секоја година, Ѓулиќ носи група ветерани од сите завојувани страни во Грабовица, за да им оддадат почит на жртвите и да им изразат сочувство на нивните семејства.
„Беше многу чудно, бевме 30, сите поранешни војници кои се бореа едни против други, затоа што бевме втурнати во војна што не ја сакавме“, нагласи тој за време на една од овие посети. „Се собравме да положиме венец за жртвите на нашите војски. Дури присуствувавме и на миса“, нагласи тој.
Мистеријата за 33-тата жртва
На повеќето од жртвите во Грабовица, им се оддава почит најмалку еднаш годишно, на одбележувањето на годишнината од убиствата, но една од нив, 33-тата жртва, е речиси заборавена.
Неговото име е Ивица Чавловиќ. Тој бил убиен од негови соборци. Откривањето на фактите за човекот кој, според некои приказни, се обидел да го запре масакрот, при што и самиот бил убиен, се покажа тешко.
Некои извори го именуваат како Карловиќ наместо Чавловиќ, и никој од членовите на семејството Чавловиќ денес не е во Сараево, од каде што тој потекнува.
Чавловиќ, роден 1961 година, Хрват по националност, од Сараево, ѝ се приклучил на АБиХ за да го брани својот град и земјата во која е роден. Некои извори, како што беше хашкиот сведок, Рамиз Делалиќ Чело, изјавија дека тој бил припадник на одредот ‘Зулфикар’ на АБиХ. Други тврдат, како Ивица Мливончиќ во својата книга „Злосторства со печат“, дека тој бил припадник на 109-тата планинска бригада, позната како Игмански волци.
Во книгата, Мливончиќ цитира неколку припадници на „Игманските волци“, а нивните сведоштва ја откриваат бруталноста на она што се случило таа вечер во Грабовица. Колење, силување, обезглавување, луѓе заковани на крст. Резултатите од обдукцијата извршена во 1994 година, ги потврдуваат овие тврдења.
Чавловиќ слушнал истрели во селото и се обидел да открие што се случува. Според Делалиќ, тој бил припадник на одредот ‘Зулфикар’ и непознат војник му го пресекол вратот на еден мост, затоа што бил припадник на погрешна етничка група.
Мливончиќ, пак, тврди дека Чавловиќ бил застрелан затоа што постоела можност тој да сведочи за тоа што навистина се случило во селото.
Името на Чавловиќ никогаш нема да биде напишано на големиот камен споменик на кој се впишани имињата на другите жртви, подигнат во центарот на селото.
Хрватските политички елити во Босна и Херцеговина, предводени од Хрватската демократска заедница (ХДЗ), тешко дека ќе го дозволат тоа, бидејќи за нив тој бил припадник на „погрешна војска“.
Никогаш нема да бидат разјаснети околностите во кои е убиен, што значи оти е малку веројатно дека сторителот на неговото убиство некогаш ќе се соочи со правдата.
Никола Бачиќ е новинар и репортер на Радио Телевизија Босна и Херцеговина. Овој текст е напишан како дел од програмата на БИРН, Балканска Транзициска правда, поддржана од Европската комисија.
Текст Масакрот во Грабовица: Војниците кои не можеа да го заборават злосторството привично беше објавен на Balkan Insight/Balkan Transitional Justice.