РЕКОМ мрежа за помирување

Училиштето во Двор, во кое е во 1995. извршен масакрот. Извор: Данско државно обвинителство.
BIRN_Dvor_Oluja_Skola_1995_Denmark-Prosectutor_20200808

17.08.2020.

БИРН – Ниту по 25 години, масакрот во Двор не е расветлен

BIRN, Christian Jensen, Eric Sorensen, Jerko Bakotin, Nils Mulvad, PortalNovosti.com, Saša Kosanović, War Crimes, War victims, Јан Велендорф, Јерко Бакотин, Армија БиХ, Бура 1995, Воени Злосторства, Гласот на жртвите, Двор 1995, ДОРХ, Кристијан Јенсен, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, Олуја 1995, ООН, Република Српска Краина, Саша Косановић, УНПРОФОР, Хрватска воиска

Иако поминаа 25 години, сѐ уште никој не е обвинет за убиствата на девет постари и инвалидизирани цивили, кои се засолниле во училиште во хрватскиот град Двор. Во меѓувреме, српските и хрватските власти, продолжуваат меѓусебе да се обвинуваат за убиствата.

 

„Еден од војниците, од својата позиција, скокна на тревникот до училишната зграда и погледна низ прозорците. Тој им даде знак на војниците зад ѕидот. Почнаа да пукаат. Веднаш после тоа, се слушнаа истрели од училиштето“.

На 8 август се навршуваат точно 25 години откако Кристијан Јенсен му сведочел на овој инцидентот, за кој неколку дена подоцна им дал исказ на данските иследници, кои своите наоди ги доставиле до Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Јенсен тогаш имал 54 години и како постар водник на данскиот баталјон во рамките на Мисијата на Обединетите нации, бил стациониран во Хрватска. Базата на неговиот баталјон се наоѓала на игралиштето одалечено 35 метри од училишната зграда во градот Двор, кој беше дел од територијата на самопрогласената Република Српска Краина (РСК), која, во 1991 година, по распадот на Југославија, ја прогласија српските бунтовници во Хрватска.

Christian Jensen/Кристијан Јенсен, некогашен постар водник на данскиот баталјон во рамките на Мисијата на Обединетите нации, во Хрватска. Фото: приватна архива.
Christian Jensen/Кристијан Јенсен, некогашен постар водник на данскиот баталјон во рамките на Мисијата на Обединетите нации, во Хрватска. Фото: приватна архива.

РСК беше разбиена на почетокот на август 1995 година, за време на операцијата „Бура“, на посупериорната хрватска војска, со која беше вратена територијата што ја држеа бунтовниците, со помош на заднинските дејства на Петтиот корпус на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ).

Под налетот на „Бура“, околу 200.000 Срби ја напуштија Хрватска, голем број од нив во долги конвои автомобили, автобуси и други превозни средства, движејќи се по патот што водел преку Двор, а потоа преку границата кон територијата на Република Српска, во Босна и Херцеговина.

Меѓу Србите кои избегале, биле и околу 50 пациенти од психијатриската болница и пензионери од пензионерскиот дом од Петриња. Тие биле евакуирани во Двор и биле засолнати во основното училиште во градот, на три километри од мостот над реката Уна, кој водел преку границата до безбедната територија – во Босански Нови (денес Нови Град).

До 7 август, повеќето луѓе сместени во училишната зграда успеале да заминат. Но, девет останале – оние кои не можеле да заминат без нечија помош. Повеќето биле Срби, иако меѓу нив имало најмалку едно лице, жена, од хрватска националност. Некои имале сериозни ментални или физички потешкотии.

Хрватските војници доцна попладнето на 7 август влегле во Двор и пресретнале конвој бегалски возила на раскрницата во близина на автобуската станица. Потоа дошло до размена на оган со српските војници од конвојот. И двете страни претрпеле загуби.

Од клучно значење било Србите да ја држат под своја контрола крстосницата, со цел да го обезбедат патот од Глина до Босански Нови, за бегство на десетици илјади Срби од Хрватска. Следното утро, преостанатите припадници на војската на РСК, извршиле контра напад од запад и од југ, за да му овозможат на бегалскиот конвој да продолжи понатаму, поради што хрватските војници се повлекле на позиции надвор од градот.

Хрватската и српската верзија на овие настани во голема мерка се совпаѓа до оваа точка. Но, несогласување има за тоа кој ја контролирал областа околу училиштето во раните попладневни часови на 8 август и на која страна ѝ припаѓале војниците што пристигнале во училиштето околу 14.50 часот тој ден.

Откако влегле во училиштето, војниците во холот ги построиле бегалците, меѓу кои биле и Зорка Мариќ, која се наоѓала во инвалидска количка и 80-годишната Десанка Теодоровиќ, која користела патерици.

„Одеднаш, еден војник ја застрела старицата три или четири пати. Ја видов како паѓа во столицата. Истиот војник пукаше поединечно и кон другите цивили. Паднаа на подот. Очигледно беше дека се мртви“, им рече на истражителите на МКТЈ, Јан Велендорф, постар наредник од данскиот баталјон на мисијата на ООН, кој имал директен поглед на училиштето.

Веста за масакрот во училиштето, на 10 август ја објави „Њујорк Тајмс“. Во следните недели, данските иследници кои работеа за МКТЈ, сослушаа голем број сведоци, чии изјави БИРН ги доби од данската воена команда.

Сепак, дури и по 25 години, сторителите на нападите во училиштето во Двор, не се идентификувани, ниту казнети, а Србија и Хрватска и натаму меѓусебно се обвинуваат за убиствата.

 

Првите сомневања паднаа на АБиХ

Данската база во Двор, Хрватска, 1995. Извор: Данско државно обвинителство.
Данската база во Двор, Хрватска, 1995. Извор: Данско државно обвинителство.

Првите извештаи на данските трупи на ООН, ја префрлија вината за убиствата, на Петтиот корпус на АБиХ, од повеќе причини. Прво, Петтиот корпус, заедно со хрватската војска (ХВ), нападнала конвој на српски бегалци во селото Доњи Жировац, на околу 25 километри од Двор. При тоа, биле убиени најмалку 16 цивили. Имало извештаи и за напад на АБиХ на српски бегалци во Тргови, девет километри западно од Двор.

Нешто повеќе од два часа по училишниот масакр, данскиот баталјон испратил депеша во која изразил сомневање дека Петтиот корпус е одговорен, иако ниту Јенсен, ниту Велендорф, ниту другите сведоци не можеле да кажат дали сторителите им припаѓале на АБиХ, РСК или ХВ.

„Едно лице имаше штит на горниот дел од раката, црвен, со два знака ‘V’ на горниот раб“, рече Јенсен, опишувајќи го единствениот убиец што имал некакви ознаки. Данскиот главен командант ја протолкувал ознаката како римски број 5 (V), што беше обелоденото при заедничкото сослушување на сведоците, од страна на српските и на хрватските обвинители во 2012 година во Копенхаген, за чија содржина, сега, за прв пат, известува БИРН.

Меѓутоа, обележјата на Петтиот корпус не го содржеа римскиот број V. Покрај тоа, на Јенсен, за време на распитот, му биле покажани различни обележја – босански, српски и хрватски, но тој не препознал ниту едно од нив. Тврдењето дека АБиХ е одговорна, кружи и низ други извештаи на данската војска, ООН и медиумите.

Сепак, неколку воени команданти – и Хрвати и Срби – како и цивили присутни во Двор во тоа време, потврдија дека пред 10 август, таму немало босански војници, што значи дека припадниците на Петтиот корпус не можеле да ги извршат убиствата во училиштето.

Извори од хрватското Државно обвинителство (ДОРХ) и српското Обвинителство за воени злосторства (ОВЗ), за БИРН изјавија дека тие го исклучиле присуството на босанската армија во Двор, во времето на убиствата.

 

Српските „Црвени беретки“ под лупа

Главниот хол во училиштето, во кој бил извршен масакрот во 1995. Извор: Данско државно обвинителство.
Главниот хол во училиштето, во кој бил извршен масакрот во 1995. Извор: Данско државно обвинителство.

Во данскиот документарец за масакрот, прикажан во 2015 година, генералот на РСК, Миле Новаковиќ, вели дека „училиштето не било во интерес на српските сили“. Сепак, БИРН откри дека на 8 август, и српските и хрватските единици биле во близина на објектот.

„Околу 6 часот наутро успеавме да организираме од 150 до 200 војници. Моралот беше разнишан, сите беа загрижени за своето семејство во (бегалскиот) конвојот. Ние напредувавме бавно. Околу пладне, мојата група влезе во центарот на Двор“, вели за БИРН, полковникот, Лазо Пекеч, началник на штабот на 13-тата бригада на РСК.

Полковникот Пекеч влегол во Двор од запад и таа вечер бил вклучен во обезбедувањето на сигурен премин на бегалскиот конвој до 22.00 часот.

Друг офицер на војската на РСК, потврди дека утрото на 8 август „ги исфрлиле Хрватите од Двор“ и се сретнале со силите на Новаковиќ што напаѓале од југ. Самиот Новаковиќ напиша дека по повторното влегување во Двор, тој во центарот на градот распоредил вод на бањалучката бригада на милицијата, што значи дека може да се тврди дека областа околу училиштето била под српска контрола во моментот на масакрот.

Покрај војската на РСК и бањалучката бригада на милицијата, во оваа областа се наоѓала и единицата на српската Служба за државна безбедност (СДБ) за антитерористички операции. Нејзините припадници биле познати како „Црвени беретки“, а понекогаш цивилите ги нарекувале „Аркановци“, мешајќи ги со Српската доброолна гарда, паравоена единица предводена од Жељко Ражнатовиќ Аркан. Извори од ДОРХ, исто така, понекогаш ги опишуваат припадниците на Црвените беретки како „Аркановци“.

Висок извор од ДОРХ, ни кажа дека надлежни лица во оваа институција сметаат оти група составена од припадници на „Црвените беретки“ и на војската на РСК, е одговорна за масакрот.

Изворот истакна дека „Аркановци“ патролирале во Двор, утрото на 8 август и ги принудувале локалните Срби да се приклучат на конвојот бегалци и да го напуштат градот. Бидејќи Двор бил град со мнозинско српско население, оние што одбрале да останат, се сметале за предавници.

Жител на Двор им кажал на истражителите на Хашкиот трибунал дека околу 9 часот наутро на 8 август, тој и неговата сопруга виделе двајца војници, од кои едниот му наредил да клекне и го прашал зошто не се придружил на бегалскиот конвој.

„Му реков дека сум болен и не можам да одам. Го извади ножот и ми го стави под грлото, но откако му одговорив на неговото прашање, тој го врати ножот назад“, рече сведокот, кого БИРН можеше да го идентификува како Звонимир Бабурак.

Војниците потоа седнале и ги зеле ракијата и кафето што им ги понудиле Бабурак и неговата сопруга. Бабурак вели дека не знае „на чии сили им припаѓале војниците, затоа што немале обележја“.

Војниците прашале дали има муслимани во училиштето, а потоа отишле во училишната зграда. Ним им се придружиле уште тројца или четворица војници. „Подоцна, слушнавме како викаат „Излези“ и „Предади се“, а потоа следеше пукања во училиштето“, раскажува Бабурак.

Подоцна, неговиот брат го посетил, придружуван од војник од Лесковац. Војникот го замолил да го идентификува телото што лежело на улицата во близина. „Тоа беше нашиот локален бербер. Му недостасуваше дел од главата“, нагласува Бабурак. Името на берберот било Недељко Ивелиќ, локален Хрват. Неговата сопруга, исто така, била убиена во нивната куќа.

Бабурак подоцна пронашол тело на млад човек во близина на училиштето, кој бил заклан. Во вечерните часови, тој отишол во куќата на неговиот брат, каде, според него, српските војници се фалеле дека во близина има „10.000 Аркановци“. Еден војник му покажал на Бабурак дека има хрватски, босански и српски обележја, што ги менува по волја.

Извор на ДОРХ посочува дека според бројни извештаи, Аркановци тој ден биле активни во Двор. „Имаме жена, сведок, која била избркана од својата куќа од луѓето на Аркан на пладне. Друг сведок видел дека луѓето на Аркан претепале православен свештеник, кој не сакал да му се придружи на конвојот“, ни рече изворот.

И во ДОРХ веруваат дека српските борци убиле пет хрватски војници од 17-от домобрански полк Суњ, кои не се повлекле кога ХВ се повлекла тоа утро, туку се засолниле во една од куќите спроти училиштето. Помеѓу 10.00 часот и пладне, тие биле заробени и егзекутирани во поле со пченка, во близина на автобуската станица. Шестиот војник кој се одвоил од групата преживеал, барајќи прибежиште во данската база.

„Претпоставуваме дека брачната двојка Ивелиќ, инвалидите во училиштето и петте хрватски војници, биле убиени од припадници на исти единици, вклучувајќи ги и Црвените беретки. Беа сослушани повеќе од 100 сведоци. Сите сведоци кои беа сослушани на почетокот на истрагата, рекоа дека убијците биле луѓе на Аркан“, вели изворот на ДОРХ.

Во данскиот воен дневник, под датум 8 август, се вели дека „цивили во Двор укажале дека ликвидациите биле извршени“ од луѓето на Аркан.

Иако изворот на ДОРХ сè уште се обидува да ги идентификува директните сторители, тој верува дека сепак е поголема шансата да се идентификуваат единиците на кои тие им припаѓале. „Тогаш ќе биде можно да се обвинат командантите по принципот на командна одговорност“, нагласува овој извор.

Тврдењето дека српски војници го извршиле училишниот масакр, има неколку слаби точки. Војниците кои му се заканувале на Бабурак, дошле во неговата куќа околу 9.00 часот наутро. Дури и да биле Срби, Хрватите веројатно немало да седат и да пијат кафе и ракија среде Двор, кој бил под српска контрола – масакрот се случил неколку часа подоцна.

БИРН разговараше со хрватски цивил, кој изјави дека во деновите пред 8 август, војската на РСК им наредила на двајца млади војници да ги чуваат инвалидите во училиштето.

Може да произлезат и дополнителни прашања, бидејќи нема потврден случај српски војници да масакрирале српски цивили за време на операцијата „Бура“, а и сите дански војници се согласуваат дека убијците,  додека пристапувале кон училиштето, дејствувале како да напаѓаат непријателска позиција.

Јенсен опиша дека војниците лежеле на земја за да се заштитат од потенцијален напад, додека Велендорф и другите изјавија дека училиштето било погодено со граната и рачна бомба. Српскиот одред што делувал во Двор, кој бил под српска контрола, малку веројатно дека ќе се однесувал како да влегува на непријателска територија или како да напаѓа зграда под контрола на непријателот.

 

Наводи дека припадниците на хрватската војска се одговорни

Главниот влез на училиштето во Двор (2020). Фото: Јерко Бакотин.
Главниот влез на училиштето во Двор (2020). Фото: Јерко Бакотин.

„Во Двор немаше ниту еден војник или единица под команда на ХВ на 8 август“, изјави полковникот, Бруно Чавиќ, од 145-та бригада на ХВ, во данскиот документарец за масакрот од 2015 година.

Документарниот филм предизвика лути реакции на јавноста во Хрватска, поради прикажувањето на мажи, наводно, хрватски војници, во близина на училиштето тој ден.

И Чавиќ и другите хрватски команданти истакнаа дека по повлекувањето од Двор, во утринските часови на 8 август, тие не влегле во градот до 9 август – по училишниот масакр. Сепак, Чавиќ бил одговорен само за неговата бригада, а на теренот беа присутни и неколку други хрватски единици.

БИРН уврди дека ХВ всушност влегла во Двор не два, туку трипати. Вториот пат, утрото на 8 август, откако хрватските трупи се повлекле од градот заради контра нападот на српските сили.

Во 2011 година, хрватскот неделник „Новости“, преведе извадоци од данскиот воен дневник, во кој тој ден, во близина на училиштето, биле забележани тешка борба и ранет хрватски војник. БИРН дојде до дополнителни информации за интензивни борби во центарот на Двор во попладневните часови на 8 август, кои траеле до вечерните часови.

Главен хрватски командант во областа Двор, бил началникот на Генералштабот на воениот округ Загреб, бригадирот, Винко Штефанек. Тој потврди дека ХВ кратко влегла во Двор на 8 август.

„После борбите што се водеа претходната ноќ, наредив повлекување на крстосницата во северниот крај на градот. Наутро имаше некои напори за влез, неорганизирани и многу ограничени“, рече Штефанек за БИРН. Друг офицер потврди дека по околу 100 метри, Штефанек им наредил на своите сили да се повлечат.

Сепак, и покрај оваа команда, еден баталјон на 17-от полк продолжил понатаму, дури до училишното игралиште каде била базата на данскиот баталјон. Некои хрватски војници биле снимени со камерата на данскиот баталјон, а снимен е и ранетиот војник, кој се спомнува во воениот дневник. БИРН го идентификува војникот како Саша Симиќ.

Војник кој беше ранет надвор од данскиот баталјон штаб во 1995 година. Фото: Јерко Бакотин.
Саша Симић, војник кој беше ранет надвор од данскиот баталјон штаб во 1995 година. Фото: Јерко Бакотин.

„Одев од другата страна на насипот, покрај патот. Откако ја поминав базата на ООН, одеднаш видов маса српски војници. Тие се обидоа да не опкружат. Јас фрлив граната и отворив оган“, вели Симиќ, кој за прв пат се појавува пред медиумите.

„Тогаш почувствував дека сум ранет. Кога се освестив, ги замолив моите момци да ме одведат во ООН. Данците ми дадоа морфиум“, додава тој.

Во данскиот воен дневник стои дека тоа се случило нешто пред 9.30 часот – неколку часа пред 14.50, кога се случил масакрот. Сепак, според насоката од каде дошле убијците, можно е тие да пристигнале од подрачјето во кое тое утро стигнале и хрватските сили. И Јенсен, кој имал најдобар поглед на патот заради својата позиција, истакна дека убијците по масакрот се упатиле кон северозапад. Ова е насоката што водела до тогашната позиција на хрватските трупи.

„(Нападот на училиште) беше операција за чистење, изведена многу професионално, но без воена цел. Единствената цел беше чист терор“, вели Јенсен за БИРН. Овој опис се вклопува во шемата на другите злосторства извршени од страна на хрватските сили, за време и по операцијата „Бура“.

Сепак, хрватските војници обично носеле ленти во боја на рамениците, за да се препознаат. Сторителите на масакрот немале лентите, што не значи дека не можеле да ги отстранат.

Исто така, не е јасно зошто хрватската единица би се загрозила со масакрирање цивили и привлекување внимание, додека областа сè уште била под српска контрола.

„Би било нереално Хрватите да започнат со чистење на куќите околу училиштето, пред да го стават по своја контрола тој дел од градот“, нагласува за БИРН, капетанот Ерик Соренсен, уште еден дански очевидец.

 

Хрватите ги обвинуваат Србите, Србите ги обвинуваат Хрватите

Таблата на училишната зграда во Двор во 1995. Извор: Данско државно обвинителство.
Таблата на училишната зграда во Двор во 1995. Извор: Данско државно обвинителство.

Дваесет и пет години по убиството во училиштето во Двор, семејствата на жртвите сè уште не гледаат правда. Со текот на времето, важни сведоци умираат, а во блиска иднина не се очекува никакво обвинение.

Изворот од ДОРХ вели дека сторителите остануваат непознати.

„И покрај сите преземени активности, сè уште не се собрани доволно докази за да се изградат оправдани сомневања против одреден сторител“, вели овој извор.

ОВЗ на Србија даде уште пократок одговор за неговиот напредок. „Српското обвинителство за воени злосторства не може да процени колку е блиско обвинението против одговорните за ова кривично дело“, ни рече извор од ОВЗ.

Не изненадува што ДОРХ се сомнева дека сторителите биле Срби, а српското ОВЗ го смета спротивното.

БИРН идентификуваше необични пропусти во истрагите. ОВЗ на Србија не ги сослушало клучните команданти во Србија.

Данските иследници кои пристигнале во училиштето само неколку дена по масакрот, собирајќи докази за Хашкиот трибунал, не се сослушани ниту од српските, ниту од хрватските обвинители.

Бидејќи злосторството е извршено во Хрватска, тамошните властите првенствено треба да бидат одговорни за донесувањето на правдата. Но, за нивниот став кон жртвите, говори фактот дека, како што објавија медиумите, само две од деветте жртви – Зорка Мариќ и Јован Мацут – досега се идентификувани со ДНК анализа, така што нивните семејства можеле достоинствено да ги погребаат.

Идентитетот на другите жртви сè уште не е потврден со ДНК анализа. Сите и натаму се закопани во необележани гробови во Петриња, изјави директорот на гробиштата за БИРН.

Семејството на Зорка Мариќ ја ангажираше адвокатката, Слаѓана Чанковиќ, која, како што рече, планира да поднесе тужба до хрватскиот Уставен суд, за кршење на човековите права предизвикани од неефикасната истрага на случајот.

„Доколку биде одбиена, ние ќе поднесеме иста тужба до Европскиот суд за човекови права. Дваесет и пет години по извршувањето на злосторството, ништо не може да го оправда непроцесирањето на сторителите“, вели Цанковиќ.

„Како и во многу други случаи на воени злосторства, особено оние извршени над Србите, без политичка волја, (случајот) нема да се најде на суд“, заклучува таа.

 

Документи

Danish Diary – August 8th

Danish diary – August 8th – part two

Danish dispatch – ArBiH murderers

Danish dispatch – August 8th heavy fights afternoon evening

ICTY Testimony – Jan Wellendorff

ICTY Testimony – Christian Jensen

ICTY Testimony – Zvonimir Baburak

Interrogation Copenhagen 2012 – Origin of 5th Corps mistake Roman numeral (Danish)

 

Јерко Бакотин и Саша Косановиќ се новинари на хрватскиот неделник Новости, додека Нилс Мулвад е истражувачки новинар и уредник во Investigative Reporting Denmark. Овој текст е напишан како дел од програмата на БИРН, Балканска Транзициска правда, поддржана од Европската комисија, како и програмата на фондацијата Роберт Бош, „Reporters in the Field“, во соработка со медиумската невладина организација н-ост.


Текст “Ниту по 25 години, масакрот во Двор не е расветлен” привично беше објавен на Балкан Инсајт.

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.