РЕКОМ мрежа за помирување

logor u BiH

27.02.2015.

БИРН: Во БиХ мапирани 150 локации за притвор од времето на војната

TJAR

 

Нова интернет база на податоци, дел од проектот за мапирање на сите места каде што биле притворени цивилни и воени затвореници, покажува дека за време на конфликтот во 90-тите години, постоеле најмалку 150 центри за притвор во Босна и Херцеговина.

Здружението за транзициска правда, одговорност и сеќавање и Центарот за демократија и транзициска правда, во четврток ја претставија интернет базата на податоци, во која досега се документирани 150 места, во кои што биле затворени околу 30.000 лица, а околу 5.000 биле убиени.

Џенана Каруп-Друшко, претседател на Здружението за транзициска правда, одговорност и сеќавање, објасни дека целта на проектот е да се идентификуваат и документираат сите места за притвор, и да се обезбеди список на затворениците што биле убиени, што починале како последица на принудната работа и оние што биле подложени на тортура или нечовечки третман.

„Непобитен е фактот дека местата за лишување од слобода биле отворени на почетокот на судирите во 1992 година, на сите страни. Повеќе правило, отколку исклучок, било тоа што биле притворани сите лица, оние што не учествувале во непријателствата, па дури и жените. Жените многу често станувале жртви на силување“, рече Каруп-Друшко.

Вкупниот број на логори и притворни центри, што постоеле во периодот 1992-1995, се уште не е целосно познат, рече таа. Проектот се базира на податоци добиени од сите здруженија на затвореници во Босна и Херцеговина, според чии проценки имало околу 1.350 затворски објекти и други места на притвор. Во 656 од нив биле притворени Бошњаци, во 523 Срби и во 173 Хрвати.

Извори користени за правење на картата се судски пресуди, книги, публикации, извештаи, медиумски написи и интервјуа. Со проектот ќе се продолжи и понатаму, за да се означат и другите места за притвор, рече Каруп- Друшко.

Инаку, двете невладини организации што ја создадоа онлајн базата на податоци, се членки на Коалицијата за РЕКОМ, иницијатива за формирање на регионална комисија за утврдување на фактите од војните во Југославија, поддржана од над 2.000 граѓански организации.

Заговорникот за РЕКОМ во Босна и Херцеговина, Дино Мустафиќ, познат театарски режисер, изјави дека проектот би можел да открие нови факти за конфликтот.

„И покрај тоа што сторителите на многу злосторства извршени на овие простори се осудени, факт е дека многу од нив сé уште се на слобода. Воедно, постојат објекти за притвор за кои никој не сносеше одговорност. Што е уште поважно, постојат бројни места за притвор, за кои јавноста не знае“, рече Мустафиќ.

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.