РЕКОМ мрежа за помирување

vukovar

20.11.2015.

Педесет илјади Хрвати ја одбележаа годишнината од падот на Вуковар

vukovar

 

Oколу 50.000 луѓе од цела Хрватска и од странство, се собраа да ја одбележат 24-годишнината од датумот кога Вуковар падна во рацете на Југословенската народна армија, ЈНА и српските паравоени сили.

 

Свен Милекиќ, БИРН, Вуковар

 

Целиот политички врв на Хрватска му се приклучи на големиот број луѓе кои во средата им оддадоа почит на оние кои загинаа кога градот Вуковар, во источна Хрватска, беше окупиран по тримесечна опсада во 1991 година.

Одбележувањето започна пред болницата во близина на центарот на Вуковар, кое претставува симболично место на кое се предале последните бранители на градот, од кои 190 подоцна биле убиени и закопани во масовна гробница во близина на Овчара.

Политичарите, верските водачи, семејствата на жртвите, воените ветерани и обичните граѓани, стоеја за време на интонирањето на националната химна, по што следеа рецитали на патриотски текстови и народни песни.

Присутните потоа во долга колона се упатија по 5,5 километри долгиот пат до меморијалните гробишта надвор од градот, каде што се погребани сите оние што загинаа во опсадата на Вуковар, предводени од ветераните и семејствата на оние кои беа убиени или исчезнале. Повеќе од 3.000 цивили и војници загинале, 86 од нив биле деца.

„Вуковар заслужува ваква достоинствена комеморација на својата трагедија, да се сетиме на сите оние кои се убиени, исчезнати и мртви, преживеаните да поминат во оваа колона на сеќавање“, рече министерот на хрватските бранители, Предраг Матиќ.

Хрватскиот претседател, Колинда Грабар-Китаровиќ и хрватскиот премиер, Зоран Милановиќ, беа меѓу оние кои положија венци и запалија свеќи во спомен на загинатите во Вуковар и во текот на целата војна во Хрватска, во периодот 1991-1995.

Една жена, која ни се претстави како Ружица, за БИРН вели дека присуствува на комеморацијата како претставник на Здружението на семејства на жртвите од градот Метковиќ, јужна Хрватска. Вели дека го изгубила својот син на првите позиции во Дубровник во мај 1992 година.

„Тажна сум и ме боли, но и горда што можев да дојдам и да разговарам со овие мајки [од Вуковар] и да ги утешам овие мајки кои ги загубиле своите синови“, рече таа.

Опколени од крајот на август 1991 година, од страна на ЈНА и српските паравоени сили, бранителите на Вуковар се предадоа на 18 ноември, по што сето несрпско население беше протерано од градот, а голем број на воени затвореници и цивили беа депортирани во затвори и логори во Србија.

Откако четири години беше под контрола на бунтовничките хрватски Срби, Вуковар беше мирно реинтегриран во Хрватска, со мировниот договор од Ердут, во 1996 и 1997 година.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, осуди двајца офицери на ЈНА за воени злосторства во Вуковар. Полковникот Миле Мркшиќ, кој беше осуден на 20 години затвор, и мајорот Веселин Шљиванчанин, кој доби 10 години затвор. Мркшиќ почина оваа година.

Според одлуката на судот на ООН, на 20 ноември 1991 година, Мркшиќ наредил повлекување на офицерите и војниците на ЈНА, кои ги чувале воените затвореници во Овчара, овозможувајќи им на припадниците на територијалната одбрана и на паравоените сили, да извршат многубројни убиства.

Пресудата вели дека Шљиванчанин, „и покрај тоа што бил одговорен за безбедноста на воените затвореници и го посетил местото Овчара кога тие биле малтретирани, тој воопшто не го спречил тепањето, ниту пак го спречил нивното продолжување“.

Српските судови досега за убиствата во Овчара, осудија 16 лица, главно припадници на паравојската.

 

(БИРН, 18.11.2015.)

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.