РЕКОМ мрежа за помирување

nemanja-stjepanovic

01.07.2016.

Нова шанса за правдата

Специјалниот суд за Косово, како што се вели, би требал да започне со работа до крајот на оваа година, токму во времето кога Хашкиот трибунал ќе ја приведе кон крај својата повеќедецениска работа, што претставува факт кој неизоставно носи одредена симболика. Имено, Меѓународниот кривичен суд за бивша Југославија процесираше голем бропј предмети, собра и обелодени десетици илјади докази, судски утврди безброј факти за војните во бивша Југославија, но имаше и неколку обвиненија, меѓу кои и две против команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кое обвинителството ги докажа само во одредена помала мерка. Сега, останува на новооснованиот Специјален суд, кој исто така ќе работи во Хаг, тие грешки (но и пропусти на судовите на Косово) да ги исправи – и да ги осуди сторителите на злосторства и да придонесе за правдата за жртвите.

 

Пишува: Немања Стјепановиќ

 

Да беше тоа лесна работа, таа досега ќе беше завршена пред Хашкиот трибунал, најмалку во два предмети – Лимај и други и Харадинај и други – кои беа водени пред тој суд. Всушност, меѓународните судии и обвинители на новооснованиот Специјален суд мораат да изнајдат начин за надминување на проблемите без да ги повторат грешките на хашките колеги, доколку сакаат резултатот да не биде ист. А резултатот на двете хашки судења на командантите на ОВК, освен ослободителната пресуда за четворица обвинети (Фатмир Лимај, Исак Муслиу, Рамуш Харадинај и Идриз Балај) и осудителна за само двајца (Ибрахим Бала и Лахи Брахимај), се состои од мал број утврдени факти за злосторствата на ОВК над албанските, српските и ромските цивили на Косово, па како последица на тоа, и изостанок на правдата за жртвите на убиствата, заточувањата, мачењата, силувањата, протерувањата на цивилите и уништувањето на нивниот имот.

Пред да се задлабочиме во анализа, да се потсетиме на неколку факти во врска со идниот Специјален суд, што претставува само скратено име за специјализираното обвинителство и специјализираните совети коишто ќе бидат сместени во Хаг и ќе судат според меѓународното право и косовските закони. Нивната надлежност, како што се наведува во законот изгласан во Собранието на Косово, се однесува на кривичните дела извршени од почетокот на 1998 година до крајот на 2000 година, а кои се опишани во извештајот на швајцарскиот сенатор Дик Марти, кој беше усвоен во Собранието на Советот на Европа во 2010 година.

Обично се вели дека судот ќе се занимава со трговијата со органите на киднапираните спрски цивили, но тоа не е сосема точно, бидејќи во извештајот на Дик Марти се споменуваат и други кривични дела. Станува збор првенствено за киднапирање, затворање, мачење и убиства на српски и ромски цивили, но и на Албанци кои ОВК ги сметала за нелојални. Главната задача на судот би требало да биде решавањето на тие злосторства, а не слепата трка по докази за трговија со органи до кои, патем речено, е најтешко и да се дојде. Моеби е најдобро да се каже вака: ако киднапирањата, заточувањата и мачењето на цивили бидат истражени и процесирани на вистински начин, тогаш ќе можат да се очекуваат и резултати поврзани со трговијата со органи. Обратниот редослед, сосема е извесно, нема да даде резултат.

Да се вратиме сега на тезата дека пропустите на Хашкиот трибунал, всушност, претставуваат предизвици за Специјалниот суд. Со увид во текот на двете хашки судења на припадниците на ОВК може да се воочат три групи проблеми кои го опструираа процесот, оневозможија утврдување на фактичката состојба и на одговорноста на обвинетите, што не смее да се повтори и пред новооснованиот суд.

Прво, во текот на судењата во Хаг – што особено беше изразено во предметот на Харадинај, Балај и Брахимај – обвинителите и судиите имаа големи проблеми со сведоците. Оние од кои се очекуваше да помогнат во утврдувањето на фактичката состојба, и особено во расветлувањето на улогата на обвинетите во структурата на ОВК и на нивната одговорност за злосторствата, честопати се откажуваа од своите наводи дадени во истрагата и во судницата ги менуваа во пофалби за бившите команданти. Се правдаа со лошиот превод, со слабото помнење, а имаше и такви кои отворено говореа дека се плашат. Така, Шефкет Кабаши, бившиот припадник на ОВК, на судењето на Харадинај и другите одби да сведочи, објаснувајќи дека на Косово „луѓе се убиваат без причина“ и јасно на судиите им сатво до знаење дека не им верува на заштитните мерки. „Вашите мерки на заштита важат во оваа судница, но не и надвор од неа“, рече тогаш Кабаши, и повеќе сакаше да ја прифати двомесечната затворска казна на која беше осуден поради непочитување на судот, отколку да ризикува со сведочењето да се изложи на тешка судбина.

Да се разбереме, убиствата на сведоците на Косово никогаш немаа такви размери какви што сугерираа медиумите во Србија, но судејќи по сѐ имаше такви случаи, а за притисоци и да не зборуваме. Впрочем, во првата првостепена пресуда за Харадинај и другите (судењето подоцна беше делумно повторено токму поради проблемот со сведоците, па потоа беше изречена уште една неправослина пресуда) јасно се наведува дека судењето се одвивало „во атмосфера во која сведоците не се чувствуваа безбедно“. Оттука, задача на меѓународниот персонал на Специјалниот суд, но првенствено на косовските власти, е да избегнат повторување на таква атмосфера и да гарантираат дека сведоците ќе се чувствуваат сигурно во судницата и (да се сетиме на Кабаши) надвор од неа.

Втората причина за неуспехот на хашкото обвинителство во предметите за командантите на ОВК несомнено лежи во неквалитетните докази од Србија. Уште на почетокот на 2000-те, еден од министрите на тогашната српска влада се фалеше дека располага со полни вагони докази против Харадинај (20.000 страници) и дека ќе ги проследи во Хаг. Се покажа дека главно стануваше збор за изјави кои припадниците на двата сектора (јавната и државната безбедност) на МВР на Србија ги земале од косовските Албанци на два начини – или со уценување на неволните доушници или под принуда во полициските станици, најчесто со примена на тортура над уапсените. Таквите документи не само што не придонесоа командантите на ОВК да бидат осудени, туку воопшто и не беа прифатени во доказните списи, па според тоа ниту разгледувани при донесувањето на пресудите.

Србија не се прослави ниту кога беа во прашање сведоците. Примери има премногу, но ќе наведеме само два. Криминалистичкиот инспектор од Урошевац, Драган Јашовиќ сведочеше во предметот Лимај и други на повик на обвинението за злосторствата на ОВК, а потоа набргу скокна во припомош на Слободан Милошевиќ, сведочејќи во негова одбрана. Така, обвинителството беше принудено да го оспорува кредибилитетот на својот сведок, што се одрази на заклучоците на судскиот совет во судењето на Лимај и другите за злосторствата во логорот Лапушник. Во судницата, меѓу другото, беа претставени докази за притворање, испитување, мачење и малтретирање во полициската станица во која работеше Јашовиќ. Вториот пример е исказот на заштитениот сведок со псевдоним „81“, наводно поранешен припадник на ОВК кој Обвинителството за воени злосторства од Белград им го испратило на колегите во Хаг. Сведочејќи за злосторствата во Јабланица кое наводно ги видел, тој изнесе толкаво количество бесмислици така што многу брзо од потенцијална закана се претвори во мезе за тимот врвни стручњаци во одбраната на Харадинај.

Во октомври минатата година, Одборот за Косово и Метохија во Скупштината на Србија оформи Работна група за собирање докази за злосторствата на ОВК со намера преку српското Обвинителство за воени злосторства да му ги достави на Специјалниот суд. Ако и овој пат станува збор за вагони полни со документи и сведоци како Јашовиќ и наводниот припадник на ОВК со заштитен идентитет, подобро е веднаш да се прекине со таа залудна работа. Во секој случај, сите докази и сведоци кои ќе стасуваат од српските власти мораат да минат сито и решето во специјализираното обвинителство пред да стасаат во судницата. Ова треба да се има во вид особено во светлина на фактот што претседател на Одборот кој ја оформи Работната група е Милован Драцун, воен известувач од Косово, познат по екстремните ставови спрема Албанците и автор на книга за „злоделата и геноцидот кој го спроведувале шиптарските терористи“ над косовските цивили.

Третиот кикс на Хашкиот трибунал кој не смее да се повтори се однесува на работата на самото обвинителство. Прво, најтешките предмети мораат да ги водат најдобрите обвинители, а не како што тоа беше случај во предметот на Харадинај, оние кои ќе останат откако најдобрите ќе се извлечат. Второ, истрагата мора да се води со филигранска прецизност и со крајна посветеност, без немарност на каква беа склони, на пример, хашките истражители кога при испитувањето на сведоците во истрагата применуваа погрешна процедура за идентификација на сторителите на злосторствата, па меѓу нив имаше и неколкумина обвинети.

За да бидеме сосема фер спрема Хашкиот трибунал, треба да кажеме дека тој ги процесираше злосторствата од 1998 година, кога структурата на ОВК, тогаш војска во пелени, беше лабава и едвај дофатлива, па со самото тоа делата на нејзините припадници беа тешки за докажување. Најголемиот број злосторства од страна на припадниците на ОВК на Косово беше извршен после Кумановскиот договор потпишан во јуни 1999 година, односно после окончувањето на оружениот судир, што значи дека Меѓународниот кривичен суд за бивша Југославија не беше надлежен за тие дела. Специјалниот суд нема да го има тој проблем, бидејќи не суди исклучиво според меѓународното право, туку и според законите на Косово.

Треба да се има во вид уште една работа за која Хашкиот суд се покажа недораснат, а не е директно врзана за работата на обвинителството и на судските совети. Станува збор за претставувањето на работата на судот пред заинтересираната јавност, првенствено таму каде што биле извршени злосторствата. Проектот Outreach кој е финансиран со донаторски средства, а функционираше во Меѓународниот кривичен суд за бивша Југославија, се покажа како лоша инвестиција, чиј производ најчесто не ни стасуваше до крајните корисници, а и кога ќе стасаше, тие со гадење го отфрлаа. Така, известувањето за работата на судот, со чесни исклучоци, во текот на целото негово постоење беше површно и злонамерно, најчесто препуштено на таблоидите и медиумите финансирани од центрите од кои се финансираа и војните. Ако ова се повтори, ќе изостане прифаќањето на судски утврдените факти од страна на општеството, а ефектот на работата на судот врз помирувањето на заедниците на кои се однесуваат процесираните злосторства, ќе биде минимален.

Успехот на специјализираните совети и обвинителства, треба и ова да се каже, нема да звиси исклучиво од нив самите. Дури и ако работат беспрекорно, без помошта на косовските власти и на целото косовско општество, резултати нема да има. Освен изгласувањето на законот, неговото усогласување со Уставот и основањето на Специјалниот суд, потребно е во општеството да се создаде атмосфера во која судењата за воени злосторства ќе бидат возможни. Во тој поглед, веќе првите сигнали не се добри, бидејќи од изјавите на високо позиционираните политичари на Косово лесно може да се процени дека на Специјалниот суд гледаат како на нужно зло и отстапка спрема Соединетите Американски Држави и Европската Унија, а не како на институција која ќе им донесе правда на жртвите и ќе придонесе за оздравување на косовската држава.

Работата на Специјалниот суд разбирливо ќе ги погоди државните и локалните структури на Косово, бидејќи во нив седат дел од одговорните за злосторствата над цивилите, но тоа не треба да се сфати како удар на државата, туку како помош во воспоставувањето праведно и здраво општество, достојно да стане членка на Европската унија.

 

Авторот е долгогодишен известувач на новинската агенција Sense од Меѓународниот кривичен суд за бивша Југославија, денес вработен во Фондот за хуманитарно право.

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.