19.02.2014.
За што сонуваше Ацо Тодоровиќ?
Власта Јалушич, Мировен институт, Љубљана
Примо Леви, сѐ докрајот на својот живот окончан со самоубиство, сонувал за своето искуство од Аушвиц. Во ноќниот кошмар за логорот, местото без надворешност, кој се повторувал од ноќ во ноќ, неговиот претходен живот, неговото семејство, сѐ што постоело надвор од таборот, претставувале само кратка одишка, измама на сетилата, само сон, од кој секојпат одново се будел со наредбата „стани“ во сеприсутната и единствена реалност на конц-логорот. И покрај таа страшна позиција на жртва, која во нацистичкиот логор на екстерминација била сосема дехуманизирана, Примо Леви се спротивставувал на самоубиството, нешто на што, на пример, Жан Амери гледаше како на единствен пристоен спас од таквата ситуација. Како излез од сето ништавило, тој сепак се дофати до смата егзистенција и достоинството, со помош на долгогодишно сведочење за институцијата на логорот на уништувањето; се обиде да го разбере, и нам, кои за среќа не сме го доживеале, да ни укаже на просторот тенок како работ на ножот, во кој поединецот може да го сочува достоинството и во такви околности. Сепак, во „Потонати и спасени“, тој напиша дека токму оние најдобрите потонале во логорот, односно дека не останале живи.
По речиси еден месец неизвесност, словенечката јавност дозна дека исчезнал Александар Ацо Тодоровиќ, а веднаш потоа и дека очигледно умрел по своја одлука, или како што тоа на германски се нарекува дека избрал „Freitod“ (слободна смрт). Ние кои го познававме, се надевавме дека ќе биде пронајден жив, но истовремено се плашевме дека ја донел својата последна одлука.
Ацо беше еден од 25.671 избришани жители на Словенија, луѓе кои беа арбитрерно избришани од регистерот на жители со постојано живеалиште. Да се каже дека беше „еден од“ е повеќе од малку, иако тоа стана неговата главна одредница во последните дваесет и две години.На почетокот навистина беше „само“ еден од избришаните луѓе, на кои групата на познати сторители-властодршци неказнето им го одзеде она основното што на човечките суштества им е потребно за да можат да живеат: статусот на личност, која поседува право да има права. Избришаните ги изгубија основите на својата егзистенција, сопственоста, работата и приходите, становите, здравственото и социјалното осигурување, можноста за школување, истовремено губејќи ги и семејствата, пријателите, физичкото и менталното здравје, и она што е најлошо, паралелно им беше одземано и достоинството. Оние кои се најзаслужни за „бришењето“ упорно ја одбиваа сопствената одговорност: за сѐ што се случуваше ги обвинуваа самите избришани, претставувајќи ги како злосторници, отпадници, мрзеливци, лажливци и измамници… Наспроти мерките на оштета и посредното признавање на бришењето, не помогнаа ниту пресудите на Уставниот суд ниту на Европскиот суд за човекови права, како ни суровите факти за злосторството на бришењето кои ние, истражувачите и активистите, ги ископавме од под слоевите на системските лаги кои ги ширеа одговорните. На избришаните одговорните не им се извинија, никој не го призна злоделото, а сеопштото одрекување и префрлање на одговорноста продолжи и натаму.
Ацо беше еден од храбрите, а воедно и еден од најдобрите. Со тоа не мислам само на храбрите меѓу избришаните, туку на сите оние од Словенија воопшто. Излезе од анонимноста. и наспроти тоа што беше без документи, се истакна во јавноста, почна да зборува за бришењето, да ги организира другите избришани, да се бори. За првпат разговарав со него по телефон по повод основањето на Здружението на избришаните, во време кога мнозинството не сакаше ниту да поверува, ниту да слушне за тоа дека дошло до бришење. На почетокот беше несигурен, ама тврдоглав, решителен и непопустлив. Околу себе собра шака луѓе, кои беа подготвени јавно да настапат, и така привидното непостоечко го внесе во реалноста. Човекот, кој со сопствени сили излезе од амбисот на непостоењето, си го врати и своето достоинство и тоа на другите, стана личност и одговорно политичко суштество.
Во текот на последните два месеца се видовме двапати. Се сретнавме на претставата за избришаните во Крањ,[1]каде појдов со сосетката, која и самата беше избришана. Ми се чинеше дека е стабилен и некако задоволен: дел од луѓето сфатија што навистина се случило, расправата за оштетата беше во тек, се случија нешта кои не можевме ниту да ги замислиме, да не беше неговиот активизам.
Последен пат го видов како со Мирјана Учакар[2] дојде на филмот и дискусијата за Хана Арент во Птуј. Тогаш разговаравме за ајхмановскиот менталитет и за словенечките бирократи кои го спроведоа бришењето. Ацо беше образован хуманистички. Добро ја разбираше пошироката поврзаност на бришењето и злосторствата против човечноста. Беше свесен за значењето на сведочењето за бришењето, за неопходноста тоа да се препознае како злосторство, како и за фактот дека одрекувањето на бришењето и неказнувањето на сторителите ја отвори вратата за неказнивост и на другите транзициски кривични дела и злосторства.
Нема да се впуштам во никакви шпекулации во врска со непосредните причини за неговата смрт, бидејќи невозможно е да се продре во човековата душа. Меѓутоа, не можам да го занемарам фактот дека поради бришењето, поради сведочењето за таа неправда, поради битката бришењето да се признае и жртвите да се обештетат, тој лично плати висока цена.Нема никогаш да дознаеме за што сонуваше Ацо Тодоровиќ, какви соништа имаше за исправање на неправдата, и какви ноќни кошмари од бришењето. Со сигурност можеме да тврдиме дека станува збор за уште една смртна жртва од бришењето. Сепак, тоа не е анонимна смрт. Ова е изјава со карактер на врисок до јавноста, кој на Словенија ѝ порачувадека туркањето на главата во песок пред злосторствата и повредите на правата на малцинствата (или дури и поддршка за тој чин) само ја отвора вратата за страдањата не само на ова малцинство, туку и за кршењето на правата на мнозинството. За жал, тоа не е предмет на општо спознавање. По повод известувањето за исчезнувањето на Тодоровиќ некои анонимни читатели не можеа да се воздржат од своите расистички и шовинистички коментари. Срам да им е!
Се поклонувам пред храброста која ја покажа Ацо Тодоровиќ. Слава му!
[1]Претставата25.671, во режија на Оливер Фрљиќ, Прешерново гледалишче, Крањ.
[2]Уште една од истакнатите активисти меѓу избришаните.