09.06.2015.
Културата на сеќавањето и критичка саморефлексија
Кога зборуваме за процесите на соочување со минатото, најнапред мораме да разграничиме неколку сродни и слични, но сепак различни поими. Кога зборуваме за политиката на минатото и за политиката на историјата, реферираме на специфични јавни политики кои владите на различните земји ги преземаат со цел да одбележат некој настан од минатото, да го пренесат институционалното и колективното сеќавање, и така да го преточат во некој сегмент од јавното образование и од културата, или пак да го вградат во некој државен протокол, кој честопати поседува и елементи на државен ритуал, односно на таканаречена „цивилна религија“. Од друга страна, пак, се наоѓа културата на сеќавањето – различните културни практики на присетување на поблиското и подалечното минато кои можат, но не мораат, да имаат институционализиран карактер. Со други зборови, тие по правило имаат многу поспонтан, пооргански начин на настанување и функционирање. Сеќавањето е секогаш поинтимно, полично и поемотивно, додека историјата е врзана за државните институции и за колективни наративи, кои се нужно оддалечени од секојдневниот живот и апстрахирани од нивото на поединечното човечко искуство.
Со други зборови, при разликувањето на институционалното и личното, односно на општественото ниво на соочување со минатото, односно на нејзиното преработување (герм. Aufarbeitung), потребно е да се води сметка за различните нивоа на поимање на минатото. Францускиот историчар Пјер Нора јасно го разграничува сеќавањето на лично ниво (грч. memoria) од историјата (грч. historia) на државно ниво. Сеќавањето е отворено, живо, интимно. Историјата, пак, е апстрахирана, деперсонализирана, институционализирана и кодифицирана.
На крајот доаѓаме до прашањето на помирувањето, како на она индивидуалното, така и на она колективното, но и до прашањето на транзициската правда, односно на постконфликтното управување со правосудните процеси на истрага и санкционирање на воените и на повоените злосторства и повреди на военото право и обичаите на војувањето.
Личните искуства се нужно хетерогени и контрадикторни. Работата на здруженијата, вклучени во иницијативата за РЕКОМ, со луѓето на терен, треба да ги вреднува таквите искуства, токму затоа што тие се лични и што даваат увид во реперкусиите на војната врз човековото секојдневие, но тие немаат карактер на поопштеност. Иако спротивни, овие сеќавања на различните луѓе можат да помогнат во индивидуалното надвладување на минатото и за свртувањето кон иднината. Меѓутоа, преголемиот фокус на рундите на средби и искази на сторителите и на жртвите, креирани според примерот на јужноафриканската Комисија за вистината и помирувањето (Truth and Reconciliation Commission), донекаде ја замаглува стварноста и не создава доволно добри темели за иднината. Имено, исказите на жртвите, првенствено на оние цивилните, се исклучително битни за да не се дозволи злосторството да падне во заборав. Меѓутоа, обелоденувањето не е доволно. Вистинско задоволување и залечување на раните се можни единствено ако собраните искази, докази и дополнителната документација резултираат во полициска истрага и во судски процеси. Крајната цел на РЕКОМ не би требала да биде само во помирувањето и нормализацијата на односите меѓу постјугословенските држави (впрочем, нормализацијата е одамна постигната), туку во испраќање на две важни, општочовечки пораки. Првата гласи – злосторството не се исплатува и секое скриено злосторство, порано или подоцна, ќе излезе на виделина. Втората порака гласи – војната е општествено непожелна, бидејќи во војната страдаат сите и ретко кој останува недопрен, на еден или друг начин.
Уважувањето на индивидуалните искуства, на личните приказни кои отстапуваат од службената историографија, како и признавањето на човечките болки и страдања во рамки на сите војски и во групите на цивилно население, не е и не може да биде повик за редефинирање на историските улоги на агресорите и бранителите, на напаѓачките и одбранбените војски. Военото страдање е универзално, но јасно утврдените причинско-последични врски и хронологијата на настаните укажуваат на победнички и на поразени страни, на виновници и на невини. Бришењето или смалувањето на овие разлики во голема мерка би ги поткопале напорите за надминување на последиците на војната, па така тоа не би било залог за помирување, туку за заробеност во военото минато.
За приближувањето на ставовите можеме да говориме на ниво на академска расправа, но тешко дека можеме да го очекуваме тоа на политичко ниво или на ниво на самите граѓани – учесници на војните и жртвите на воените страдања. Дури и внатре во академскиот контекст, многу е тешко различните погледи на минатото да се сведат на заеднички именител, а да не зборуваме за другите контексти, во кои нивото на трпеливост спрема длабоко поинаквите погледи и стојалишта е далеку пониско. Последните години меѓународната академска заедница постигна значително ниво на консензус за хронологијата и за каузалните односи во војните на подрачјето на бивша Југославија. Меѓутоа, разумните и балансирани увиди до кои дојдоа колегите на водечките светски научни институции сѐ уште не најдоа одек на катедрите на постјугословенските универзитети. Затоа, за да дојде до напредок на академската расправа за военото минато и за превладувањето на минатото потребна е критичка саморефлексија внатре во одделните национални академски заедници.
Поради погоренаведените причини, заедничкото пишување на службената историја од страна на победниците и поразените не е и не може да биде остварено. Според тоа, идејата за заеднички или дури и усогласени учебници за современата историја е сосема илузорна, па оттука и не придонесува за помирувањето.
Што е тогаш потребно за изградба на помирување на институционално ниво? Првенствено, потребно е да се отворат архивите за да се овозможи вистинска соработка на форензичарите, антрополозите, историчарите и политолозите од земјите-наследнички на СФРЈ. Без утврдување на фактите и без добро координирани институции кои ќе ги собираат материјалите, не е можен никаков напредок во процесот на казнување на злосторствата, помирувањето и изградбата на мирот.
Со утврдувањето на фактичката состојба (бројот на жртвите, наредбодавците, извршителите, местото на извршување на злосторствата) може и мора да се запре манипулирањето со жртвите и лицитирањето со бројките на жртвите, што во различните контексти се користи како оружје за политичка легитимација – статусот на жртва се користи за оправдување на политичкото дејствување, било во текот на војната или по неа. Откако ќе се утврдат локациите на кои биле извршени злосторствата, на сите жртви и на нивните семејства мора да им се даде можност да ги обележат гробовите на своите најблиски на достоен начин. Имајќи предвид дека прашањето на помирувањето и надминувањето на минатото во земјите на бивша Југославија не ги опфаќа само воените случувања по 1990 година, туку честопати вклучува и реферирање на сторителите и жртвите на претходните историски раздобја, битно е во координирањето на истражувачите и попишувачите на релевантните информации, да се вклучи и архивска граѓа од претходните релевантни периоди (Втората светска војна, периодот на СФРЈ, посебно документацијата на разузнавачките служни). Потребна е политичка волја на извршната власт во чии раце се наоѓа најголемиот дел на таа документација за да дојде до соработка и за споделување на тие информации со другите заинтересирани страни, односно држави.
Кога зборуваме за помирувањето на подрачјето на бивша Југославија, честопати наидуваме на ниско ниво на доверба на граѓаните во правосудните и претставничките институции (парламентите). РЕКОМ би требал да им биде поткрепа на службените институционални канали, но никако не може да биде нивен супститут. Би било штета доколку јавноста стекне впечаток дека станува збор за тело кое би требало да го замени МКТЈ или да ги проимени исходите на судењата во негови рамки, но и на оние на националните судови на кои им беа делегирани судски процеси опфатени со мандатот на Трубуналот во Хаг.
Лично, на РЕКОМ гледам како на специфично дополнение и поткрепа на правосудните процеси на национално и меѓународно ниво, но и како на коректив кој ќе собира информации и ќе врши притисок врз полициските и правосудните органи за да ги истражат премолчените злосторства, да ги приведат лицата осомничени како сторители на тие злосторства и да им пружат компензација на жртвите.
д-р Вишеслав Раос, Факултет за политички науки, Загреб