РЕКОМ мрежа за помирување

Eric Gordy 1

19.12.2014.

За вистината, фактите и (можеби) за помирувањето

Се стекнува впечаток дека помирувањето е сѐ подалечна цел. Како прво, постои нешто вознемирувачко во самата структура на овој збор. Со него, всушност, се имплицира дека некогаш постоела некаква претходна состојба на помиреност која била загубена, и дека постои процес (за кој се претпоставува дека ги вклучува во себе признанието и взаемното простување) низ кој таа може да биде повратена. Сфатено на тој начин, помирувањето дејствува како транспозиција на една групна терапија за целата политичка култура и за општеството. Тоа вообичаено се формулира со фразата која честопати се користи и во политиката, но никогаш не се дефинира– „соочување со минатото“. Наједноставната верзија на таквата формулација, всушност, содржи оперативна претпоставка дека одредена комбинација на законски процеси и истражувања доведува до воспоставување на нешто што го нарекуваме „вистина“, дека признавањето на таа „вистина“ ќе доведе до нешто што го именуваме како „правда“, и дека „правдата“ ќе биде катализатор на она што  го нарекуваме „помирување“.

И таквата формулација, како и аналогијата која ја содржи, се многу проблематични. Самата формулација е проблематична бидејќи комплексните и контроверзните процеси ги третира како едноставни и механички, имплицитно подразбирајќи дека тие процеси кои се ограничени на малубројната елита (како на пример во судските процеси) можат да имаат далекусежни и предвидливи ефекти врз целокупната јавност, која не е опфатена со нив, ниту пак учествува во нив. Аналогијата со меѓучовечките односи и со односите помеѓу или внатре во различните општествени колективитети е проблематична бидејќи еднообразно ги третира ставовите и перцепциите на сите припадници на општеството, настојувајќи да ги сведе на официјалните ставови на нивните влади.

Меѓутоа, од сите поими во оваа равенка, веројатно најконтроверзен е поимот на „вистината“. Да се зборува за „вистина“ во контекст на цела една низа на насилни судири (чии активности биле прикривани однапред или отпосле, во кои биле вклучени различни видови на институции и во кои се длабоко вкоренети чувства кои биле злоупотребувани за мобилизација на поддршката за политичките проекти) – тоа, всушност, наметнува одредено ниво на сигурност и јаснотија во  врска со некои спорни прашања, кои и натаму се, во голема мерка, контроверзни или непознати. Кога една група на бивши логораши го истакна слоганот „тишината е соучесник“ (26 јуни 2014, http://radiosarajevo.ba/novost/156576/foto-podrska-zrtvama-torture-iz-sarajeva-tisina-je-saucesnik#), тие всушност зборуваа за вистината која произлегува од нивното искуство и од убедувањето дека потребите на жртвите во огромна мерка останале незадоволени. Кога бискупот на Сисак, Монсињор Владо Кошиќ, служеше миса на дочекот на еден осуден (и потоа ослободен) злосторник кој, во таа прилика беше опишан како „морална величина“ бидејќи одбил да сведочи против своите претпоставени – 20 јуни 2014, http://www.jutarnji.hr/biskup-kosic–krdic-je-nepravedno-osuden/1200426/), тој фактички зборуваше за вистината која е изведена од одредена комплексна институционална и политичка лојалност. Во постконфликтното опкружување, всушност, постојат бројни некомпатибилни вистини кои меѓусебно се натпреваруваат. Заедничко им е тоа што определен збир на факти се врзува за одреден систем на вредности и интереси.

Oна што го немаме, и што веројатно никогаш и нема да го имаме, е консензусот за универзалната „вистина“. Доколку некогаш и биде постигнат, тој консензус може да претставува остварување единствено на некаква политичка цел, но никако и на цел која произлегува исклучиво од законските процеси или од истражувањата.

Тогаш, што е остварлива цел? Доколку поимот „вистина“ делува преамбициозно и е подложен на манипулација и злоупотреба, тогаш нешто поограничено – како што е утврдувањето на фактите – би можело да ни понуди подобра почетна позиција. Така и во правниот дискурс, за судовите честопати се зборува како за „тела кои ги утврдуваат фактите“. Во повеќе аспекти, би можело да се каже дека документацијата од судските процеси придонела за утврдувањето на голем број на неспорни факти, како и дека тој поризведен материјал ни овозможува да дознаеме уште повеќе.

Во тој поглед, би можело да се очекува дека кривичните процеси во голема мерка ќе нѐ приближат до утврдувањето на фактите за судирот, и на тој начин ќе придонесат за изградба на поверодостојни и заеднички „вистини“. Mеѓутоа, очигледно е дека институциите на кривичното право не ја остварија таа цел. Во некои мои поранешни трудови го изнесов аргументот дека тоа е, во голема мерка, последица на променливите контексти и перспективи, кои попримаат поголемо значење од самите факти кои се вградени во нив. Меѓутоа, тука се присутни цела низа фундаментални проблеми, од кои голем број произлегуваат од едноставниот принцип според кој судовите не одговараат на прашања кои не им се поставени.

Kако прво, ниту еден судски процес не е во состојба, ниту пак настојува да произведе сеопфатен фактички запис, односно целосен опис на некој настан. Наспроти честоспоменуваната изрека дека „историјата ја пишуваат… [тука се уфрлува некој омилен колективен поим – победниците? странците?]“ – oна што се случува во текот на судските процеси секако не е пишување на историјата. Во најдобар случај, тоа би можело да претставува ревизија на историјата. Од вкупната (и големата) бројка на сторители, на крајот само мал број ќе биде издвоен и кривично процесуиран– можеби само затоа што нешто во нивните постапки има репрезентативен карактер, или затоа што против нив има доволно докази, што ги зголемува изгледите за осудителна пресуда. Од сите нешта за кои тие луѓе би можеле да одговараат, во кривичните обвиненија ќе биде опфатен само еден помал дел, што генерално произлегува од достапноста на доказите и јасните ограничувања во примената на законот. Затоа судскиот запис неизбежно кажува само еден дел од целата приказна, дури и во оние процеси кои настојуваат да  бидат сеопфатни и кои за тоа располагаат со доволни средства. Поради сето тоа многу поверојатно е дека судскиот запис ќе опише многу детално само одредени, помали делови од целата приказна, отколку што ќе ни даде каков било општ преглед и нејзино пошироко разбирање.

Второ, правниците – без оглед на тоа дали станува збор за обвинители, бранители или судии – пред себе си поставуваат многу тесни цели. Тие својата цел ја сфаќаат како докажување, оспорување или одлучување за збирот на факти кои се во врска со конкретното кривично обвинение, тежнеејќи кон обезбедување на правичност и почитување на формалните процедури во текот на целиот процес. Тие го сфаќаат судењето првенствено како процес кој ги вклучува само странките во постапката и честопати се наклонети кон сугерирање на тезата дека одредени пошироки и донекаде апстрактни категории, како „жртви“ или „општества“, воопшто не се дел на постапката, па затоа и немаат интереси кои треба да се застапуваат пред судот. Оттука, правниците, а особено обвинителите, во определен период честопати го користеа јазикот на „помирувањето“ (сега воглавно престанаа), но тоа никогаш не беше сфаќано сериозно, како крајна цел на нивните активности(што особено се однесува на правниците ангажирани во кривичните постапки).

Tрето, записите кои зад себе ги оставија судските институции – а тоа, по две децении, и самите можевме лесно да го забележиме – содржат траги од влијанија на некои фактори кои немаат многу врска со потрагата по вистината. Контроверзата која е присутна во домашното правосудство во врска со одредени прашања, како анонимизацијата на обвиненијата и времетраењето на изречените казни – всушност укажува на постоење на сериозни правни празнини и нејаснотии, но и на отсуство на консензус за самата смисла на судските процеси. Во подоцнежната фаза на својата работа, и МКТЈ беше користен како лабораторија за тестирање на нови правни теории, и тоа во одредени инстанци продразбираше целосно игнорирање на предочените докази. Ефектите од ова не само што ја продлабочија контроверзата која ги следи некои од одлуките на судот (како пресудите во предметите Oлуја, Перишиќ и Станишиќ, за што Кристофер Јенкс напиша една одлична анализа,(http://www.jstor.org/stable/10.5305/amerjintelaw.107.3.0622), туку и предизвикаа и конфликт со самиот Трибунал, во кој судиите се однесуваа како да избираат страна. Еден од ефектите беше во поткопувањето на статусот на судските пресуди како конечен наратив за одредени случувања; тие денес всушност повеќе наликуваат на интервенции во спорови отколку на нивно разрешување. Покрај тоа, на крајот би можело да се покаже дека самите пресуди навистина и не се најважниот или највредниот дел на сиот тој материјал кој истовремено го претставува и целокупното наследство на Трибуналот, односно на кривичните постапки водени пред него.

Mеѓутоа, а тоа е можеби и најважно – делот од знаењето кое би требало најмногу да придонесе за помирувањето е заснован на факти кои веројатно никогаш нема да бидат опфатени во некаков обвинителен акт. Toа ги вклучува фактите кои сѐ уште не се познати бидејќи никогаш не биле целосно истражени (како што се веродостојни податоци за вкупниот број на жртви и исчезнати во одделните судири), но и фактите за кои не постои консензус, како што е перидот на траење на судирите. Покрај тоа, постојат и одредени факти кои е неопходно да бидат објаснети, иако тие не ги опфаќаат кривичните дела, како на пример улогата на општествените институции (медиумите, црквата, итн.) во поттикнувањето на насилството. Сето тоа се категории на факти со кои судовите веројатно нема никогаш да се занимаваат, но јавноста во регионот секако има интерес да ги дознае. Затоа таков запис за фактите и не е можно да се произведе во судско опкружување, туку исклучиво преку расправа во јавноста.

Недостатоците на судските процеси во најголема мерка се должат на факторите кои се инхерентни на судската практика и на кривично-правните процедури. Покрај тоа, овие проблеми дополнително ги зголемува и недостатокот на комуникација помеѓу институциите на кривичното право и општествата во кои тие дејствуваат (односно вршат надзорни функции). На едно ниво, опишаните недостатоци можат да им се припишат на институциите кои не ја доживуваат јавноста како еден од своите клиенти, додека на друго ниво се врзуваат со недостатокот на политичка виолја за создавање целосен и веродостоен запис за фактите, кој би ги заменил наративите на самовеличење од периодот на судирот.

Сето ова сугерира дека знаењето кое има потенцијал да придонесе за помирувањето, или барем за заедничкото разбирање кое овозможува дијалог наместо судир – може да се произведе само преку ангажирање на јавноста која и самата е свесна за таа потреба. Институциите и политичарите на кои им е доверена оваа работа, досега не покажаа подготвеност да ги предводат ваквите напори. За да јавноста во државите од регионот може воопшто нешто да признае или да прости – најнапред мора да знае што е тоа нешто.

Eric Gordy

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.