РЕКОМ мрежа за помирување

Srebrenica

05.07.2017.

Очајното патување кон слободата на преживеаните од Сребреница

Илјадници мажи и момчиња, Бошњаци, кои во 1995 година бегале од српските сили, биле убиени во шумите околу Сребреница, а оние кои преживеале, со денови пешачеле, избегнувајќи заседи и мински полиња.

Абдусамед Ѓозиќ, поранешен член на 28-та дивизија на Армијата на Босна и Херцеговина, АБиХ, е еден од неколкуте илјади бошњачки цивили и војници, кои, бегајќи низ шумите кон градот Тузла, кој бил под контрола на АБиХ, од силите на босанските Срби кои во јули 1995 година ја зазеле Сребреница, го преживеале геноцидот извршен во ова заштитено подрачја на ООН.

Во разговорот за БИРН, Ѓозиќ вели дека бил во колоната луѓе што на 11 јули, околу 22.00 часот, од селото Шушњара, крај Сребреница, се упатила северозападно, кон Коњевиќ Поле.

Како што ни објаснува, во колоната имало мал број на војници, претежно биле жени, деца и постари лица, кои не сакале да побараат засолниште во базата на мировните сили на Обединетите нации во Поточари, оти сфатиле дека нема да бидат заштитени од силите на босанските Срби.

Исцрпени, гладни, уплашени, а некои и ранети, жителите на Сребреница, со денови скитале низ шумите.

На првата заседа, колоната на Ѓозиќ налетала во местото Каменица, недалеку од Сребреница. На тоа место, вели тој, биле убиени околу 1.000 луѓе, а дел ѝ се предале на Војската на Република Српска, ВРС.

„Тие фрлија некаков боен отров, од кој луѓето халуцинираа. Не знаеја кои се, ниту што се. Се предаваа“, вели Ѓозиќ.

Колоната, сепак, продолжила понатаму. Кај местото Црн врв, нагласува тој, паднале во тенковска заседа.

„Многумина беа убиени … На мои раце почина едно шестгодишно дете“, нагласува Ѓозиќ, кој успеал да спаси една жена која била ранета во градите, преврзувајќи ја.

Кога помислиле дека никој нема да преживее, вели Ѓозиќ, почнало невреме и тие го искористиле тоа, за да продолжат понатаму.

Меѓутоа, кога дошле во областа Баљковица, Ѓозиќ го раниле.

„Излеговме на една чистина и налетавме на хаубица, која до последен не дотепа. Видов како луѓето зад мене паѓаат како глинени гулаби“, рече тој.

Бидејќи бил ранет, еден човек му помогнал и го извлечкал до работ на шумата, каде го ставил во некаква дупка.

Ѓозиќ сам се преврзал колку што можел, но човекот што му помогнал, загинал.

Друг му помогнал да дојде во една куќа во која го сретнал лекарот Илијаз Пилав, кој го преврзал.

Кога конечно пристигнал во Тузла, Ѓозиќ повеќе од два месеци поминал во болница, опоравувајќи се од повредите.

Смртоносна потрага

Шумското подрачје околу Сребреница. Фото: БИРН

На чело на колоната на Ѓозиќ, во која биле мажи и момчиња, кои седум дена скитале барајќи прибежиште, бил Мухамед Омеровиќ.

„Секојдневно доаѓаа информации дека загинале 100, 200 или повеќе лица. Доаѓаа информации дека нечиј брат, братучед и така натаму е убиен“, вели Омеровиќ.

ВРС, потенцира тој, во областа на Коњевиќ Поле, украла униформи на мировните сили на ООН и побарале од луѓето да се предадат, лажно ветувајќи им дека ќе ги префрлат во Тузла.

Тие, нагласува Омеровиќ, не им поверувале на војниците, и под закрилата на ноќта побегнале, при што ноќе пешачеле, а преку ден се одмарале. Колку луѓе починале во шумите, Омеровиќ не можеше точно да каже.

Кога пристигнале во Тузла, објаснува тој, некои повторно се вратиле во шумата, во потрага по своите блиски.

„Братучед ми помина на слободна територија, но не и неговиот син и тој се врати. Во меѓувреме, неговиот син пристигна, но тој никогаш повеќе не се појави“, вели Омеровиќ.

Хасан Хоџиќ, пет пати се враќал по преживеаните од Сребреница. Кога заминал по една група, која 20 дена скитала низ шумата, луѓето побегнале од него, бидејќи ‘тогаш веќе никој никому не му веруваше’“.

„Овие луѓе беа исцрпени, имаа плускавци на нозете …“, раскажува Хоџиќ, додавајќи дека успеал да ги донесе на слободна територија.

Околу 15.000 мажи и момчиња избегале од Сребреница во јули 1995 година. Од нив околу 3.000 биле убиени или загинале во шумите, додека неколку илјади се откажале од бегањето и им се предале на силите на босанските Срби, кои нешто подоцна ги егзекутирале на повеќе локации во близина на Зворник.

Според пресудите на Хашкиот трибунал и на судовите во БиХ, масакрите во Сребреница претставуваат геноцид.

Во Меморијалниот центар Поточари, погребани се вкупно 6.504 жртви на геноцидот, а сѐ уште се трага по посмртните останки на над 2.000 жртви.

( Oбјавено на сајтот BalkanInsight, 05.07.2017. )

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.