20.04.2011.
Почнува досега најголемата регионална кампања „Милион потписи за РЕКОМ“
Со акцијата за „регионално одмрзнуање“ во вторник на 26 април во 11:55 часот на улуца Македонија во Скопје, како и во Сараево, Белград, Љубљана, Загреб, Бања Лука, Приштина и Подгорица ќе започне досега најголемата регионална кампања, за време на којашто се очекува да се соберат милион потписи за поддршка за формирање на РЕКОМ, Регионална комисија за утврдување на фактите за воени злосторства и други тешки кршења на човекови права извршени во периодот од 1991-2001 година на просторот на поранешна СФРЈ.
Во истовремената акција во осум градови од регионот ќе учествуваат повеќе од 500 волонтери и волонтерки додека илјадници млади луѓе ќе бидат носители на кампањата за собирање на потписи, којашто регионално ќе ја координира Иницијативата на млади за човекови права, а во Македонија кампањата ќе ја спроведува Младинскиот Образовен Форум и тоа на повеќе локации во пет градови. Кампањата за собирање на потписи за РЕКОМ ќе трае точно шест недели, односно до 6 јуни.
Десет години од крајот на вооружените конфликти на просторот на поранешна СФРЈ, во ниту една држава не постои попис на убиените во војните, а повеќе од 15 илјади лица и понатаму се водат како исчезнати. Жртвите се маргинализираат, нивните гласови во јавноста ретко се слушаат, а бројките за загинатите се често цел на манипулации за политички цели.
Овие а и многу други причини ги наведоа повеќе од 1500 здруженија и поединци од сите нации и вери од просторот на поранешна СФРЈ, обединети во Коалицијата за РЕКОМ, кои се залагаат за формирање на независна меѓудржавна комисија како вонсудско истражно тело коешто треба да ги утврди и јавно соопшти фактите за изминатите воени случувања. Меѓу нив се здруженија на жртви, исчезнати, ветерани, жртви на логори, новинари, малцински заедници како и организации за човекови права
Комисијата преку одржување на јавни сослушувања на жртвите ќе помогне во регионот да се чуе нивниот глас, и на тој начин ќе ја поттикне и јавноста за сочуство, почит и солидарност кон жртвите од сите етнички заедници. Во својот завршен извештај, треба да се најде и попис на убиените и исчезните, логорите и другите места на затворање.
Се надеваме дека сите добронамерни луѓе со својот потпис ќе ја поддржат оваа иницијатива која што може да помогне да се поврати достоинството на жртвите и нивните семејства, да се утврди вистината за исчезнатите и конечно да се утврдат фактите за воените злосторства.