РЕКОМ мрежа за помирување

t_KOMRA-zastava.jpg

14.11.2014.

БИРН: Чекор поблиску до формирање на комисија за утврдување на вистината

t_Birn.jpg

 

 

 

Коалицијата на групите што работат на формирање на Комисија за утврдување на фактите од југословенските војни, позната како РЕКОМ, го измени статутот, пред очекуваното формирање на комисијата следната година.

Свен Милекиќ  БИРН  Загреб

По својата седма седница одржана во Белград, коалицијата на невладини организации „За РЕКОМ“, го измени својот статут, со цел формирање на РЕКОМ во 2015 година.

Доколку биде формиран, РЕКОМ ќе подготви извештај со конечен список на сите загинати и исчезнати лица, заедно со списокот на логори и други места на притвор, што постоеле за време на вооружените конфликти од 1991 до 2001 година, на територијата на поранешна Југославија.

Претседателите на Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија, Косово и на Македонија, ќе треба, до крајот на јануари 2015 година, да ги презентираат своите заеднички иницијативи пред јавноста и пред националните парламенти.

Иницијативата за промена на статутот, дојде од пратениците на претседателите на републиките од поранешна Југославија, кои, во име на својата држава, го надгледуваат процесот на формирање на РЕКОМ.

„Новата верзија на статутот ќе ги отстрани сите постоечки сомневања дека РЕКОМ ќе биде судски орган“, соопшти коалицијата во вторникот.

Имено, претставниците на државите, сметаат дека само државните институции и меѓународните судови, а не комисијата РЕКОМ, имаат ингеренции да преземат репресивни мерки.

Коалицијата за РЕКОМ е неполитичка мрежа на групи за човекови права и поединци, што водат кампања за создавање на меѓурегионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и другите тешки кршења на човековите права во периодот 1991-2001.

На седмата седница, беа донесени и измени за идното финансирање. Според новиот предлог статут, РЕКОМ ќе се финансира од домашни и од странски донации, а не од државните буџети, бидејќи од самиот почеток, државите јасно ставија до знаење дека не сакаат да бидат обврзани да ја финансираат комисијата.

На крајот, на седницата беше поддржана потребата за „утврдување на фактите за воените злосторства и другите големи случаи на кршење на човековите права, во вооружените судири од 1 Јануари 1991 до 31 декември 2001 година“. Беше постигната и согласност дека сите утврдени факти треба да бидат вклучени во образовниот систем во регионот.

This website was created and maintained with the financial support of the European Union. Its contents are the sole responsibility of the RECOM Reconciliation Network and do not necessarily reflect the views of the European Union.